Фото: РФМ

Словенија одигра солидно на неодамнешното Светско првенство и тоа ќе биде мотив повеќе да одиграме добро. Ја знаеме нивната игра и сигурен сум дека тактички ќе се подготвиме и со подршката од нашата „Фаланга“ пред полна сала, со голема борба, се надевам дека ќе оствариме победа. Сега фокусот ќе биде насочен на првиот натпревар, а за реваншот ќе размислуваме потоа, изјави репрезентативниот десен бек Мартин Серафимов. Македонија досега има осум настапи на ЕП и девет на СП, а на најголемите натпреварувања непрекинато игра од 2012 година

РАКОМЕТ – НЕДЕЛАВА ДВА МЕЧА ВО КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2026

Македонската машка ракометна репрезентација вчера го имаше својот прв собир во Скопје, пред квалификацискиот двомеч со соодветната селекција на Словенија за пласман на Европското првенство (ЕП) в година во Данска, Норвешка и во Шведска. Подготовките ќе бидат краткотрајни, оти избраниците на селекторот Кирил Лазаров првиот натпревар ќе го одиграат веќе в среда во Скопје, во СЦ „Борис Трајковски“, со почеток во 20 часот, а возвратниот дуел е в недела во Копер, од 18.30 часот. Од порано, од објавениот список на македонската репрезентација, поради повреда отпадна левото крило Петар Атанасијевиќ, а дополнително е повикан Цветан Кузманоски.
Македонската репрезентација по две кола има два бода и е на делба на второто место во групата еден со селекцијата на Литванија. Словенија има четири бода, а Естонија е последна без бодови. Македонските ракометари во првиот дуел славеа во Скопје на мечот со Естонија со 37-33, а во вториот на гости загубија од Литванија со 27-29. Покрај овој двомеч, на Македонија ќе ѝ остане уште гостувањето во мај во Талин, каде што ќе ги одмери силите со Естонија и средбата дома со Литванија.
Првите две селекции од секоја од осумте квалификациски групи обезбедуваат директен пласман на ЕП 2026, како и четири најдобри меѓу третопласираните.

– На овие дуели од квалификациите на Европското првенство, кога сме домаќини секогаш сметаме на победа, без разлика за кој противник станува збор. Словенија одигра солидно на неодамнешното Светско првенство и тоа ќе биде мотив повеќе да одиграме добро. Ја знаеме нивната игра и сигурен сум дека тактички ќе се подготвиме и со подршката од нашата „Фаланга“ пред полна сала, со голема борба, се надевам дека ќе оствариме победа. Сега фокусот ќе биде насочен на првиот натпревар, а за реваншот ќе размислуваме потоа – ни изјави ракометарот на Алкалоид, репрезентативниот десен бек Мартин Серафимов.
Црвено-жолтите со ривалите за пласман на ЕП 2026 официјално одиграле вкупно 19 меча, во квалификациски дуели за пласмани на ЕП или на светски првенства (СП), или настапи на ЕП или на СП. Со фаворитот во групата еден Словенија македонската селекција има најмногу меѓусебни средби, осум (шест порази и две победи), со Литванија четири (три порази и едно реми) и со Естонија седум средби (пет победи и две ремија). Словенија на ЕП настапила 14 пати, а најдобриот пласман го има на свој терен, во 2004 година, кога беше втора, но има и по едно четврто, петто место… Македонија осум пати играше на континентални првенства, девет пати на мундијалите, а на големите натпреварувања (ЕП и СП) постојано игра од 2012 година. Г.И.


ГРУПА 1

Естонија – Литванија среда, 18 ч.
Македонија – Словенија среда, 20 ч.

ТАБЕЛА
Словенија 2 2 0 0 4
Македонија 2 1 0 1 2
Литванија 2 1 0 1 2
Естонија 2 0 0 2 0