РАКОМЕТ
- Македонските репрезентативки ги завршија дводневните мини-подготовки во Скопје и денеска патуваат за Гумерсбах, каде што утре од 19.30 часот ќе го одиграат првиот квалификациски меч, со Германија, во групата три, во која се и Словенија и Белгија
Последната квалификациска фаза за Европското првенство (ЕП) 2026 за ракометарки почнува денеска, кога 12 репрезентации ќе го бараат својот пат до посакуваната цел. Македонските репрезентативки ги завршија дводневните мини-подготовки во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје и денеска патуваат за Гумерсбах, каде што утре од 19.30 часот ќе го одиграат првиот квалификациски меч, против Германија. Вториот дуел на Македонија е в недела (од 18 часот), со Словенија, во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола.
Германките, кои важат за фаворити, досега 16 пати настапиле на ЕП и освоија едно сребро, во 1994 година. Од светските првенства имаат четири медали, злато во 1993 година и бронзи во 1965, 1997 и во 2007 година. На подготовките за овие квалификации беа 19 ракометарки, од кои шест се интернационалки, Катарина Филтер (Есбјерг, Данска), Јулија Мајдорф (Валчеа, Романија), Виола Лехтер (Одензе, Данска), Ксенија Смитс (Мец, Франција), Емили Фогел (ФТЦ, Унгарија) и Ајме фон Переира (Копенхаген, Данска). Но има и некои повредени ракометарки, како што е левораката Нина Егел, на чие место ќе биде Луиза Шерер, јавуваат германските медиуми.
Втората квалификациска фаза почнува во Хрватска, каде што домаќинот игра со Финска (17 ч.), а другите дуели се Словенија – Белгија (18 ч.), Црна Гора – Португалија (18 ч.), Австрија – Израел (18), Франција – Косово (20.45 ч.) и Исланд – Фарски Острови (21.30). Особено значаен за македонската репрезентација е дуелот помеѓу Словенија и Белгија, кои се во групата три каде што се и Македонија и Германија. На ЕП 2026 ќе се пласираат првопласираните две селекции од шесте квалификациски групи, како и четирите најдобри меѓу третопласираните репрезентации. Македонија игра за осми настап на ЕП, трет во низа. Најдобриот пласман ѝ е седмото место на ЕП 2008. На континенталното првенство директно се пласираа домаќините на шампионатот, Чешка, Полска, Романија, Словачка и Турција, како и првопласираните три репрезентации од ЕП 2024, Норвешка, Данска и Унгарија. Г.И.