Во Скопје се одржа традиционалниот семинар на шефовите на мисии, со претставници од 49 национални делегации, пишува МОК, во пресрет на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ), „Скопје 2025“, во јули

Во пресрет на најголемиот младински мултиспортски настан во Европа, Скопје и Куманово се во финалната фаза од подготовките за организација на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ), „Скопје 2025“, во јули.
– Станува збор за исклучително голем настан, најголемиот што досега го организирала нашата држава. Очекуваме речиси 4.000 учесници, вклучително спортисти, тренери, официјални лица и логистички персонал. Во Скопје и во Куманово ќе биде присутен целиот европски младински спортски крем, млади спортисти, кои ќе бидат најголеми ѕвезди на следните Летни олимписки игри. Организацијата на ваков фестивал е вистинска привилегија, а особено сме горди што успеавме да го вметнеме Скопје на мапата на најзначајните спортски настани во Европа. Ова е уникатна можност за промоција на нашата држава на европско ниво. На спортски план, Македонија ќе ја претставуваат околу 200 млади спортисти, а како домаќини имаме загарантирано учество во сите спортски дисциплини што ни овозможува да се вклучиме и во спортови што дури сега почнуваат да се развиваат кај нас и да лансираме цела нова генерација спортисти на возраст од 15 до 18 години, генерација што ќе созрева во годините што следуваат. Со тоа, имаме реална шанса да направиме вистински рестарт на младинскиот спорт во државата – изјави Даниел Димевски, претседател на Македонскиот олимписки комитет (МОК).
Во Скопје се одржа традиционалниот семинар на шефовите на мисии, со претставници од 49 национални делегации, пишува МОК. Како дел од активностите поврзани со настанот, на прес-конференција се обратија Димевски, Питер Брул, спортски директор на Европските олимписки комитети (ЕОК), и Лини Халдерсдотир, претседателка на Комисијата за ЕМОФ при ЕОК.
– Европскиот младински олимписки фестивал годинава е исклучително важен настан за Европа, поради што во Скопје се присутни претставници од 49 европски земји и ќе имаат можност да се запознаат со организациските аспекти на фестивалот, спортските објекти, транспортот, логистичките капацитети, како и со самите градови домаќини. Организацијата на овој мултиспортски настан е голем предизвик, а за Скопје претставува екстра предизвик во поглед на борба со времето, бидејќи Скопје се приклучи пред само две години, кога го организиравме ЕМОФ 2023 во Марибор – рече Халдерсдотир.
Брул ја нагласи исклучителната вредност на ЕМОФ 2025 како сцена за идните олимписки ѕвезди и голема можност за македонските спортисти да се натпреваруваат со европската елита.

– Во Македонија во јули ќе бидат присутни исклучително квалитетни млади спортисти. Од искуството од минатите фестивали знаеме дека оние што ќе освојат медали на ЕМОФ, во следните години се кандидати за медали на летните олимпијади, што значи дека ќе можеме да уживаме во настапите на идните големи ѕвезди. Ова е извонредна шанса и за македонските спортисти да се натпреваруваат со најдобрите, бидејќи вообичаено за да учествувате на ваков настан мора да се квалификувате, што воопшто не е лесно. Само со натпревар со најдобрите можете да пораснете – рече Брул.
Фестивалот на програмата е од 20 до 26 јули. Во пресрет на ЕМОФ, Скопје ќе биде домаќин и на големиот настан „100 дена до ЕМОФ“, во „Ист гејт мол“ в сабота, манифестација што дополнително ќе даде поддршка на семејствата погодени од трагедијата во Кочани, спортско-забавниот дел ќе вклучи турнири во баскет 3х3 и богата интерактивна програма, а настанот ќе биде одлична можност за младите да се запознаат со олимпискиот дух и да бидат дел од одбројувањето до почетокот на фестивалот, пишува МОК. Н.М.


Околу 4.000 учесници, 15 спорта, над 800 волонтери…

Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) е првиот врвен европски мултиспортски настан наменет за млади спортисти на возраст од 14 до 18 години, а се одржува под олимписко знаме и е богат со олимписки традиции, како запален пламен и заклетва на спортистите и на официјалните лица, пишува Европскиот олимписки комитет (ЕОК). Ова меѓународно натпреварување се одржува од 1991 година (првиот летен ЕМОФ беше организиран во Брисел, а зимското натпреварувања почна да се одржува од 1993 година, кога домаќин беше италијанската Аоста), во непарни години. ЕМОФ Скопје 2025 ќе биде 18-ти летен фестивал. Според најавите, на Европскиот младински олимписки фестивал во Македонија во 2025 година ќе настапат околу 4.000 учесници, во 15 спорта (атлетика, бадминтон, баскет 3х3, кошарка, кану-слалом, велосипедизам, планински велосипедизам, ракомет, џудо, пливање, стрелаштво, пинг-понг, таеквондо, одбојка и артистичка гимнастика), ќе има и над 800 волонтери од цела Европа, натпреварите ќе се одржуваат на 10 локации, во осум натпреварувачки дена… Н.М.