Фото: „Нова Македонија“

Во фудбал, кошарка, ракомет и во одбојка во машка и во женска конкуренција, како и во младинска категорија, европски трофеи годинава освои една земја повеќе отколку лани, а сезонава тоа беа клубови од Македонија (Алкалоид триумфира во Купот на ЕХФ), Франција, Англија, Шпанија, Турција, Израел, Чешка, Литванија,
Германија, Унгарија, Исланд, Данска, Италија и од Полска

Македонија е меѓу 14-те земји со екипен европски трофеј од четири спорта

Со фајналфор-турнирот во Лигата на шампионите во ракомет во Европа се заокружи континенталната клупска сезона во четири од екипните спортови, како, на пример, фудбал, кошарка, ракомет и одбојка, во машка и во женска конкуренција, како и во младинска категорија во спортови во кои се игра тоа натпреварување, по што годинава трофеи освои една земја повеќе отколку лани. Македонија е меѓу 14-те земји што сезонава освоија европски пехар во тие спортови, откако Алкалоид триумфира во Купот на Европската ракометна федерација (ЕХФ).
Вкупно, во тие четири спорта на Стариот Континент, трофеи освоија клубови од Македонија, Франција, Англија, Шпанија, Турција, Израел, Чешка, Литванија, Германија, Унгарија, Исланд, Данска, Италија и од Полска.
Европски клупски шампиони, пак, во сениорска конкуренција, во фудбал, кошарка, ракомет и во одбојка сезонава се клубови од вкупно седум земји, и тоа од Франција (во фудбал за мажи, трофејот го освои Пари сен Жермен), Турција (кошарка, мажи, Фенербахче), Германија (ракомет, мажи, Магдебург), Италија (одбојка, мажи, Перуџа и одбојка, жени, Конелиано), Унгарија (ракомет, жени, Ѓер), Англија (фудбал, жени, Арсенал) и од Чешка (кошарка, жени, УСК Прага).
Младински титули во машка конкуренција освоија екипи од три земји, и тоа од Шпанија (фудбал, Барселона), Литванија (кошарка, Жалгирис) и од Данска (ракомет, ГОГ Гудме).
Сениорско финале со учество на два тима од иста земја имаше во Лигата на шампионите за одбојкарки (Италија, Просеко Док Имоко Волеј Конелиано – Савино Дел Бене Скандичи) и за ракометари (Германија, Магдебург – Фуксе Берлин). Н.М.


ЕВРОПСКИ ПРВАЦИ ВО НЕКОИ СПОРТОВИ ЗА 2025 Г.

СПОРТ МАЖИ ЖЕНИ МЛАДИНЦИ
фудбал ПСЖ (Франција) Арсенал (Англија) Барселона (Шпанија)
кошарка Фенербахче (Турција) ЗВВЗ УСК Прага (Чешка) Жалгирис (Литванија)
ракомет Магдебург (Германија) Ѓер (Унгарија) ГОГ (Данска)
одбојка Перуџа (Италија) Конелиано (Италија) –