Првиот ривал на црвено-жолтите на СП 2025 е Унгарија, в среда (20.30 часот)
РАКОМЕТ – ВО ПРЕСРЕТ НА СП 2025
Македонската машка ракометна репрезентација продолжува со завршните подготовки за Светското првенство (СП), кое почнува во вторник, а ќе се игра во Хрватска, Данска и во Норвешка, што ќе биде деветти настап на СП за црвено-жолтите (најдобриот пласман е од СП 2015, деветто место). Македонија е во групата Д во Вараждин (Хрватска), а ќе игра со Унгарија в среда (20.30 ч.), в петок со Холандија (18 ч.) и идната недела со Гвинеја (20.30 ч.).
Македонија досега пет пати го почнувала СП со победа, а трипати загубила во воведното коло по групи. Првиот ривал на Македонија на СП 2025, репрезентацијата на Унгарија, досега има едно сребро од СП, и тоа освоено во Швајцарија, во 1986 година. Македонската репрезентација својот прв настап на светските првенства го имаше во Египет, во 1999 година, кога во првото коло славеше на дуелот со Саудиска Арабија со 28-21. Десет години подоцна, на СП во Хрватска, Македонија загуби од Тунис со 24-25 (најефикасен Кирил Лазаров со девет гола), на СП 2013 во Шпанија, во воведниот меч беше совладан Чиле со 30-28 (Лазаров осум гола), а на Мундијалот во 2015 година во Катар црвено-жолтите го победија Тунис со 33-25 (Лазаров 10). Следното, СП 2017, во Франција, Македонија го напушти теренот повторно со победа над Тунис, со 34-30 (Лазаров 12). На СП 2019 во Данска и во Германија, македонските ракометари ја забележаа петтата победа во прво коло на планетарен собир, и тоа на средбата со Јапонија, со 38-29 (Лазаров осум), по што следуваа два пораза, на СП 2021 во Египет од домаќинот со 19-38 (Лазаров осум) и пред две години во Полска и во Шведска од Норвешка со 27-39 (Филип Талески седум гола). Вкупно македонските ракометари на првите мечеви на светските првенства постигнале 233 гола (29,1 по натпревар), а примиле 235 (29,3).
Ова СП ќе биде трето на кое ќе играат 32 репрезентации, продолжувајќи го форматот воведен во 2021 година и користен во 2023 година, со по осум групи, а првите три селекции во секоја група ќе се пласираат во главната групна фаза (последнопласираните ќе играат во Президент-купот). Г.И.