РАКОМЕТ – ЕП 2026
- Црвено-жолтите во групата Б денеска играат со Данска (20.30 ч.), в недела е мечот со Португалија (18 ч.), а во вторник со Романија (18 ч.). Двете првопласирани селекции од секоја од шесте групи одат во следната групна фаза
Европското првенство (ЕП) во Данска, Норвешка и во Шведска за ракометари, 17-то по ред, почна вчера, а денеска првиот меч ќе го одигра Македонија. Титулата ја брани Франција, која со нов трофеј би се израмнила со рекордерот Шведска, со по пет злата. За Македонија ова ќе биде деветто учество на ЕП, осмо во низа, а најдобриот пласман го оствари на ЕП 2012, кога беше на одличното петто место. Избраниците на селекторот Кирил Лазаров се во групата Б, а ЕП го почнуваат денеска (20.30 ч.) во данскиот град Хернинг против актуелниот олимписки и светски првак Данска. В недела е вториот дуел со Португалија (18 ч.), а во вторник е мечот со Романија (18 ч.). Двете првопласирани селекции од секоја од шесте групи одат во следната групна фаза.
Данска и Македонија последен пат играле во групната фаза на ЕП 2022, при што Данците победија со 31-21. Во еден од ретките порази на Данска во претходните години, Македонците славеа со 33-29, во квалификациите за ЕП 2022, на дебито на Лазаров како селектор, во Скопје, пишува Европската ракометна федерација (ЕХФ).
– Го играме првиот натпревар против најдобрата репрезентација во светот во претходните 10 години, Данска, и возбудени сме што ќе играме против нив. Тие се домаќини, тоа ќе биде многу тешко за нас, но немаме што да изгубиме на овој натпревар и ќе се обидеме да уживаме во мечот. Им зборував на моите млади играчи дека ќе биде ново искуство да се игра во земја што го сака ракометот. Во други земји фудбалот е најпопуларен спорт, но тука, во Данска, ракометот е на прво место. Задоволен сум од тимот, од играчите. Мора да знаеме дека секогаш можеме подобро, но има време да направиме некои работи за кои знаеме дека се добри. Најважно за нас е што ја менуваме генерацијата чекор по чекор, а тоа е многу тежок процес. Подобри селекции од нас имаат проблеми со смената на генерација. Ние сме мала земја и мора да бидеме трпеливи и да одиме чекор по чекор. Во претходните две години многу сум задоволен од ова. Веќе подобривме многу работи и тоа го покажавме во претходните две години, дека можеме да одиграме еден добар натпревар. Но, за да имаме континуитет, во иднина мора да се покажеме не само на еден натпревар, туку ако играш на европско или на светско првенство, мораш секој втор ден да бидеш добар – изјави Лазаров на својот интернет-профил.
Македонија во подготовките одигра пет натпревари (три победи, по едно реми и пораз), на кои ја темпираше формата, но и уигруваше повеќе тактичко-технички варијанти во нападот и одбраната. На првиот меч во Пореч, Хрватска победи со 26-23, потоа следуваше турнирот во Винтертур, Швајцарија, каде што Македонија го освои второто место, притоа совладувајќи ги селекциите на Бахреин (32-28) и на Украина (31-26), а ремизира со домаќинот (29-29). Последната контролка на младиот и перспективен состав на Македонија пред ЕП 2026 беше победата на дуелот со данскиот прволигаш Митјиланд (35-27).- Последната проверка пред Европското првенство беше успешна, ракометарите се покажаа во вистинско светло пред почетокот на шампионатот и победија. Ова му послужи на селекторот Лазаров да ги тестира тактичките замисли за турнирот. Сепак, играме во исклучително тешка група. Ние сме тука да ги изненадиме големите ривали. Сите знаат која е Данска и дека важи за голем фаворит на целото ЕП. Ќе се насочиме да го дадеме максимумот, нема да калкулираме, а потоа да дадеме сѐ и во следните два меча. Секогаш е чест да се биде дел од делегацијата на Македонија во каква било улога. Сум бил како играч, а сега сум и во поинаква улога. Веројатно ми е потешко да гледам од страна, не можам да помогнам директно на теренот. Сепак, правам сѐ за да помогнам. Момците се исклучително талентирани, имаат многу искуство иако сме млада репрезентација. Тие имаат повеќе од пет-шест турнири зад себе, иако имаат по 25-26 години. Оваа репрезентација може само да расте и да постигнува успеси – изјави поранешниот репрезентативец Филип Миркуловски, кој сега е во улога на шеф на македонската делегација во Данска, пренесе РФМ.
И репрезентацијата на Данска, која според ракометните експерти е прв фаворит за златниот медал, со голем оптимизам гледа на ЕП 2026.
– На првиот натпревар чувството секогаш е малку чудно, но сега имаме искуство, а 15.000 дански навивачи многу ќе ни помогнат. Македонија има млад тим. Ние сме големи фаворити, го знаеме тоа. Влегуваме на терен и знаеме што треба да направиме. Знаеме дека мора да победиме на девет натпревари, а првиот почнува денеска. Исто така, знаеме дека имаме многу голема самодоверба, па можеме да се погледнеме себеси и да кажеме дека, ако играме навистина добро, тешко ќе биде да нѐ победат – изјави за ЕХФ данскиот селектор Николај Јакобсен. Г.И.
Данска досега на ЕП освои осум медали
Годинашното Европско првенство (ЕП) ќе биде прво за Данска без легендарни ракометари како Никлас Ландин, Хенрик Мелгард и Микел Хансен. Актуелните светски и олимписки шампиони се во сушен период кога станува збор за злато на ЕП. Дали тимот на селекторот Николај Јакобсен ќе стигне до третиот златен медал на едно ЕП, по најсјајните одличја во 2008 и во 2012 година? Оттогаш Данска загуби две финалиња, двете од Франција, во 2014 година (41-32) и во 2024 година (31-33). Јакобсен за ЕП 2026 на располагање има 19 ракометари, меѓу кои во составот се голманите Милер Нилсен и Кевин Мелер, крилата Магнус Ландин и Емил Јакобсен, пикерите Лукас Јоргенсен и Магнус Саугструп, бековите Матијас Гидсел, Симон Питлик, Ласе Андерсон…
Данска на ЕП освои осум медали (по две злата и сребра и четири бронзи). Само Шпанија има вкупно повеќе медали, девет, а најмногу злата има Шведска, пет. Во 2024 година Гидсел стана вториот Данец што беше најдобар стрелец на ЕП, со 54 гола, по неговиот сонародник во 2008 година, Ларс Кристијансен, кој со Ивано Балиќ и Никола Карабатиќ беше меѓу најдобрите стрелци во 2008 година, со 44 гола. Можеби дејствува изненадувачки, но дански ракометар никогаш не ја освоил наградата за најкорисен играч (МВП) на едно ЕП. Јакобсен на оваа функција е од март 2017 година, водејќи ги Данците до четири титули светски првак, една олимписка титула и сребрен и бронзен медал на ЕП. Г.И.
ЕП 2026, ПРВО КОЛО
Група А
Шпанија – Србија синоќа
Германија – Австрија синоќа
Група Б
Португалија – Романија 18.30 ч.
Данска – Македонија 20.30 ч.
Група Ц
Франција – Чешка синоќа
Норвешка – Украина синоќа
Група Д
Словенија – Црна Гора 18.30 ч.
Фарски О. – Швајцарија 20.30 ч.
Група Е
Хрватска – Грузија утре, 18.30 ч.
Шведска – Холандија утре, 20.30 ч.
Група Ф
Исланд – Италија вчера, 18.30 ч.
Унгарија – Полска вчера, 20.30 ч.

































