ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ЗА РАКОМЕТАРИ
- Покажавме дека имаме квалитет, идеја, играме различно. Имаме недостатоци, треба да се изанализира сето ова и да бидеме уште подобри. Ако сме паметни и ако работиме квалитетно, мислам дека можеме да направиме чекор напред. А, тој чекор не треба да очекуваме да биде голем, туку треба да биде чекор напред. Исто како и сега, направивме чекор напред, но секогаш останува она дека можевме и подобро. Сигурен сум дека ќе дојдат подобри денови, изјави селекторот Лазаров
Maшката ракометна репрезентација на Македонија е на 14-то место меѓу 24 селекции на 17. Европско првенство (ЕП) во Данска, Норвешка и во Шведска. Тоа е епилогот на избраниците на селекторот Кирил Лазаров по трите натпревари во групата Б, во која забележаа еден пораз, од Данска (24-36), големо реми со фаворитот Португалија (29-29) и победа (24-23) на средбата со Романија, освојувајќи вкупно три бода, но, сепак, недоволно за пласман во втората групна фаза. Пласманот на Македонија на ова ЕП е напредок за три позиции во однос на ЕП 2024. Ист број бодови како Македонија има и репрезентацијата на Фарските Острови во групата Д, но поради подобрата гол-разлика, таа селекција е 13-та на ЕП 2026. Од 15-то до 18-то место ќе бидат селекциите на Италија, Чешка, Австрија и Холандија или Грузија…
– Задоволен сум од тоа што ја победивме Романија и, кога ќе сумираме сѐ, треба да сме задоволни од тоа што го направивме во овие три натпревари. Се виде дека Романија е цврста и силна репрезентација. Во животот не може секогаш да победуваш, понекогаш треба да изгубиш, да паднеш и повторно да се кренеш. Покажавме дека имаме квалитет, идеја, играме различно. Имаме недостатоци, треба да се изанализира сето ова и да бидеме уште подобри. Мислам дека оваа репрезентација треба да расте, ова е големо искуство, особено за помладите, кои имаат помал број натпревари на големата сцена. Ако сме паметни и ако работиме квалитетно, мислам дека можеме да направиме чекор напред. А, тој чекор не треба да го очекуваме да биде голем, туку треба да биде чекор напред. Исто како и сега, направивме чекор напред, но секогаш останува она дека можевме и подобро. Сигурен сум дека ќе дојдат подобри денови. Имам амбиции, сакам да направиме нешто – изјави Лазаров.
За Македонија ова беше деветти настап на европските првенства, осми во низа. Најдобриот пласман го оствари во 2012 година, со освоеното петто место.
– Главна цел ни беше да победиме, па макар тоа било и со еден гол разлика. Треба да се учи од овие мечеви. Оценката е позитивна, но не е целосна. Исто како и на претходното ЕП, за нас велеа дека е успешно, ние го прифаќаме како такво, но останува доза на разочараност. На претходното ЕП, ако двата нерешени меча беа победи, можевме да направиме поголем исчекор. Се надевам дека на следното ЕП ќе дојде тоа нешто повеќе – вели голманот Никола Митревски.
Сепак, возбудувањата, кои беа дозирани со изненадувања, не изостанаа ниту во третиот натпревар по групи. Така, во групите Б, Д и Ф, Данска, Словенија, Унгарија и Исланд веќе беа квалификувани, а Португалија и Швајцарија обезбедија победи за да ја комплетираат поставата за главната рунда. Португалија оствари неверојатна победа (31-29) против кодомаќинот Данска, за прво место во групата Б. Ова беше прв пораз на Данска во нејзиниот ракометен дом од финалето на ЕП 2014 против Франција (32-41). Двете селекции продолжуваат во главната рунда, но Португалија носи два бода понатаму. Последниот меч во групата Д беше возбудлив сите 60 минути, а заврши со победа со 30-27 за Словенија против Фарските Острови. Со оглед на тоа што Словенија веќе се пласира во главната рунда, второто место во оваа група во следната фаза требаше да се одлучи врз основа на резултатот од завршниот меч во Осло (Норвешка). Победата на Словенија, која ќе пренесе два бода, значи дека Швајцарија ќе им се придружи во главната рунда во Малме. Италија ја забележа првата победа на ЕП по 28-годишна суша, славејќи на дуелот со Полска, со 29-28, а вкупно трета во нејзината историја, по онаа откако беа домаќин на ЕП во 1998 година. Имаше голема неизвесност и на финалниот натпревар во групата Ф во Кристијанстад (Шведска), каде што по 60 минути игра Исланд славеше со 24-23 на мечот со Унгарија, но освои и два бода за главната рунда во Малме (Шведска).
По формирањето на првата група во втората групна фаза и некомплетната втора група, очигледно е дека првата група е многу потешка и понеизвесна, оти тука се Франција (актуелен европски првак), Германија (олимписки вицешампион), Данска (олимписки и светски првак), Шпанија (освојувач на олимписка бронза), Норвешка (бронзена на ЕП 2020) и Португалија (четврта на СП 2025), а секако дерби во првото коло ќе биде мечот Франција – Данска, реприза на финалето на ЕП 2024.
По некомплетното трето коло на ЕП 2026, на врвот на листата на стрелците сега изби Португалецот Франциско Кошта со 29 гола од 23 шута (67,4 отсто), втор е Кузмановски со 28 погодоци од 43 шута (65,1), а трет е Елијас Скипаготу од Фарски Острови со 27 гола од 36 шута (75 отсто), сите тројца на три меча. Засега најмногу асистенции има Оли Мутун, вкупно 24 на три дуела, а Кузмановски е 10-ти со 13… Најефикасна репрезентација и понатаму е Франција, со вкупно 126 гола од 182 шута (69,2 отсто)… Г.И.
ЕП 2026, ВТОРА ГРУПНА ФАЗА
ГРУПА 1: Прво коло (денеска, во Хернинг): Германија – Португалија (15.30 часот), Шпанија – Норвешка (18 часот), Франција – Данска (20.30 часот). Табела: Франција 2, Германија 2, Португалија 2, Шпанија 0, Данска 0, Норвешка 0.
ГРУПА 2: Прво коло (утре, во Малме): Исланд – Е2 (Шведска или Хрватска), Швајцарија – Унгарија, Словенија – Е1 (Шведска или Хрватска). Табела: Словенија, 2, Исланд 2, Унгарија и Швајцарија се без бодови, а бодовите на Шведска и Хрватска беа познати синоќа по нивниот меѓусебен меч во групата Е во првата групна фаза
ПЛАСМАНИ НА МАКЕДОНИЈА НА ЕВРОПСКИТЕ ПРВЕНСТВА
ЕП 1998 12
ЕП 2012 5
ЕП 2014 10
ЕП 2016 11
ЕП 2018 11
ЕП 2020 15
ЕП 2022 22
ЕП 2024 17
ЕП 2026 14
































