Магдебург во финалето го победи новиот германски првак Фуксе Берлин. Исланѓанецот Гисли Кристјансон од Магдебург е прогласен за најкорисен играч на фајналфор-турнирот, а најдобар стрелец во ЛШ е Данецот Матијас Гидсел од Фуксе Берлин (137 гола, ефикасност од 72,2 отсто)
РАКОМЕТ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Ракометарите на германскиот бундеслигаш Магдебург петти пат триумфираа во Лигата на шампионите (ЛШ), откако во финалето на фајналфор-турнирот во Келн го совладаа новиот германски првак Берлин со 32-26 (16-12). Голманот Сергеј Хернандез го одржа ритамот во текот на второто полувреме со вкупно 18 одбрани (42,86 отсто). Исланѓанецот Гисли Кристјансон од Магдебург беше прогласен за најкорисен играч на фајналфорот.
– Тоа е сон што се оствари. Ова е нешто за што само сонувате, а потоа се случува. Целата напорна работа се исплати. Навистина сум горд на сите во клубот – изјави голманот на Магдебург, Хернандез.
Магдебург претходно беше европски првак во 1978, 1981, 2002 и во 2023 година. Пет титули има и германски Гумерсбах, а рекордер е Барселона со 12. Најдобар стрелец во Лигата на шампионите сезонава е Данецот Матијас Гидсел од Берлин, кој беше лидер на својот тим, иако доби црвен картон во полуфиналето. Данскиот ракометар ја заврши сезоната со вкупно 137 гола или ефикасност од 72,2 отсто. Тој во финалето постигна седум гола, еден помалку од Кристијансон.
Берлин ја освои првата титула во Бундеслигата пред една недела. Меѓусебниот биланс на двата тима годинава е две победи за Берлин, едно реми и еден пораз.
Голманот на Магдебург, Швајцарецот Никола Портнер, оствари историски подвиг и го стигна својот татко Златко, кој, исто така, трипати беше шампион на Европа. Никола Портнер ја почна кариерата во Граухолц, а бранеше уште за Берн, Кадетен Шафхаузен, Монпелје и за Шамбери. Во Магдебург е од 2022 година.
Во полуфиналните дуели сезонава во Лигата на шампионите, Берлин го совлада француски Нант со 34-24, а Магдебург со 31-30 ланскиот освојувач на титулата, шпанска Барселона. Во мечот за третото место Нант беше поуспешен од Барселона со 30-25. Г.И.
ПРВА СЕЗОНА НА НАТПРЕВАРУВАЊЕТО ЗА ИГРАЧИ ДО 18 Г.
Еурофарм Пелистер четврти, Хаџиќ најдобар стрелец на младинската ЛШ
Ракометната екипа на данскиот клуб ГОГ Гудме е победник на првото издание на младинскиот фајналфор-турнир во Лигата на шампионите (ЛШ), за ракометари до 18 години. Во финалниот натпревар ГОГ го совлада унгарски Веспрем со 37-28. Еурофарм Пелистер ја освои четвртата позиција, а трета е Барселона.
Еурофарм Пелистер го имаше најефикасниот стрелец во ова најквалитетно младинско клупско натпреварување, вклучувајќи ја и фајналфор-завршницата, откако Алем Хаџиќ (18) постигна вкупно 40 гола на натпреварите со Динамо Букурешт (12 гола), Киелце (14), ГОГ Гудме (четири) и со Барселона (10). Зад него на листата на стрелците се најде Анселмо Коладо Карион од Барселона, со пет погодока помалку, а трет е Данецот Емил Соренсен, со вкупно 31 погодок. Г.И.