Македонската репрезентација во петтиот меч на СП 2025 ја забележа втората победа, на дуелот со Катар, и е на третото место во групата два, пред денешниот натпревар со Франција (20.30 часот). „Франција е фаворит за златото на ова СП. Нема што да загубиме, ќе се надигруваме“, вели селекторот Лазаров
СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО РАКОМЕТ ЗА МАЖИ
Македонската ракометна репрезентација ја забележа втората победа, а прва во втората групна фаза на Светското првенство (СП) во Хрватска, Данска и во Норвешка, на дуелот со Катар, со 39-34 (21-17). Најефикасни во македонскиот состав беа левиот бек Филип Кузмановски и пикерот Жарко Пешевски, со по шест гола, а централниот бек Марко Митев и десното крило Никола Костески постигнаа по пет. Во репрезентацијата на Катар доминираше левиот бек Франкиз Марзо со 12 гола.
– Апсолутно сум задоволен од прикажаното. Прво од пристапот, од она што ракометарите го прикажаа од натпревар во натпревар, од желбата за победа, од квалитетот на играта и што претставуваат вистински пример како треба да се бориме сите за Македонија. Штета што поради сплет на околности поддршката од трибините не е како на првите две средби. Среќен сум што се покажува дека оваа репрезентација може во наредните години да даде многу и да ги радува сите наши граѓани. Трпевме многу критики во последните години заедно со Лазаров, но се покажува дека сме на вистинскиот пат – рече претседателот на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), Живко Мукаетов.
Победата над Катар ја остава Македонија во игра за второто место во групата, кое носи четврт-финале, иако патот дотаму ќе биде тежок. За да се реализира оваа цел, Македонија треба денеска (од 20.30 часот) да ја победи Франција, Холандија да не ја победи Австрија, а Унгарија да не го победи Катар. Во тој случај Франција би била прва со осум бода, а Македонија втора со шест. Но, постои можност и ако црвено-жолтите одиграат нерешено со Франција, која веќе е четвртфиналист, а тогаш Унгарија и Холандија треба да загубат од Австрија, односно од Катар, при што ќе решава гол-разликата помеѓу селекциите што би имале по пет бода, а Македонија би имала подобра од нив. Селекциите на Данска и на Германија од групата еден и на Франција од групата два се првите репрезентации што обезбедија пласман во четврт-финалето, а таму ќе настапат по две првопласирани од четирите групи.
– Веруваме во она што го работиме, во системот, во поставувањето, во стратегијата, во нашите навивачи. Свесен сум дека имаме квалитет. Секоја чест за играчите, за односот, вербата, начинот на однесување, за борбата. Штета што ги нема нашите навивачи од првиот круг. Многу ми е жал, но тоа е што е, го прифаќаме, им ја посветуваме оваа победа на нив во Македонија. Франција е Франција. Имаме некоја идеја. Тие не само што се фаворити против нас туку и за златото на ова СП. Играат во еден страшен ритам, шутираат и постигнуваат голови од голема далечина. Тоа се мои колеги со кои играв до пред две-три години. Имаат четири-пет играчи со кои играв заедно во Нант, плус сите овие ѕвезди што играат во уште поголеми клубови. Нема што да загубиме, ќе се надигруваме. Ќе пробаме да ја поставиме играта на друг начин, Ќе биде тешко, но барем да се понадеваме за нешто во некој дел од натпреварот – рече Лазаров.
Митев на мечот со Катар беше прогласен за играч на натпреварот.
– Прво сакам да се заблагодарам за целата поддршка, и на навивачите што дојдоа да нѐ бодрат тука и на тие што беа пред малите екрани. Сите тие ни беа ветер во грб и поддршка на сите натпревари. Против Катар одевме на сѐ или ништо. Моравме да победиме, тоа го знаевме и затоа бевме многу фокусирани, оти ова многу значи понатаму за Македонија. Сега нѐ очекува дуел со Франција. Тие се фаворити, но ќе дадеме сѐ од себе на тој меч и ќе пробаме да го изненадиме противникот. Сите сме тука дојдени за да победуваме, а не да губиме – рече Митев. Г.И.
Франција има 23 медали од СП, ЛОИ и од ЕП
Репрезентацијата на Франција има шест (најмногу) златни медали на ракометните светски првенства (СП), откако освои титули во 1995, 2001, 2009, 2011, 2015 и во 2017, како и две бронзи и четири сребра, а настапила 25 пати. Од деветте учества на летни олимписки игри (ЛОИ), Франција се враќала сo најмногу златни медали, три (2008, 2012, 2020), а освоила и по едно сребро и бронза. На европските првенства (ЕП), пак, Франција играла 16 пати и се закитила со четири златни медали (2006, 2010, 2014 и 2024) и со две бронзи. Г.И.
СП 2025, ГЛАВНА РУНДА
Група 1
Тунис – Чешка 26-32
Италија – Германија 27-34
Данска – Швајцарија 39-28
ТАБЕЛА
Данска 4 4 0 0 150-99 8
Германија 4 3 0 1 124-118 6
Италија 4 2 0 2 104-116 4
Швајцарија 4 1 1 2 111-113 3
Чешка 4 1 1 2 89-97 3
Тунис 4 0 0 4 98-133 0
Идно коло (денеска): Италија – Швајцарија (15.30 ч.), Чешка – Данска (18 ч.), Германија – Тунис (20.30 ч.).
Група 2
Македонија – Катар 39-34
Холандија – Франција 28-35
Унгарија – Австрија 29-26
ТАБЕЛА
Франција 4 4 0 0 144-104 8
Унгарија 4 2 1 1 122-122 5
Македонија 4 1 2 1 127-127 4
Холандија 4 2 0 2 135-140 4
Австрија 4 1 1 2 110-119 3
Катар 4 0 0 4 116-142 0
Идно коло (денеска): Холандија – Австрија (15.30 ч.), Катар – Унгарија (18 ч.), Франција – Македонија (20.30 ч.).
Група 3
Шпанија – Португалија синоќа
Шведска – Бразил синоќа
Чиле – Норвешка синоќа
ТАБЕЛА
Португалија 3 2 1 0 98-91 5
Шведска 3 1 2 0 108-96 4
Бразил 3 2 0 1 60-51 4
Шпанија 3 1 1 1 84-76 3
Норвешка 3 1 0 2 79-84 2
Чиле 3 0 0 3 101-25 0
Група 4
Аргентина – Зелено’ртски О. синоќа
Египет – Словенија синоќа
Хрватска – Исланд синоќа
ТАБЕЛА
Исланд 3 3 0 0 84-63 6
Хрватска 3 2 0 1 101-70 4
Словенија 3 2 0 1 88-70 4
Египет 3 2 0 1 91-76 4
Аргентина 3 0 0 3 66-106 0
Зелено’ртски О. 3 0 0 3 114-45 0