Фото: „Нова Македонија“

РАКОМЕТ

  • Поискусни сме за една година и полека го градиме тој победнички менталитет. Очекувам поддршка за овие млади момци надградени со двајца поискусни играчи над 30 години, вели селекторот Лазаров

Машката сениорска ракометна репрезентација на Македонија го имаше првиот собир во Скопје, а го одржа и првиот заеднички тренинг во пресрет на подготовките за Европското првенство (ЕП) во 2026 година, во Данска, Норвешка и во Шведска (15 јануари-1 февруари). Селекторот на македонските ракометари, Кирил Лазаров, го изнесе своето мислење за настанот што следува.
– Континуитетот на големата сцена се задржа, а јануари ќе донесе нов голем настан за нашиот национален тим, кој повеќе од една деценија е меѓу учесниците на европските и светските првенства. Повторно сме на големо натпреварување, тоа е Европското првенство, што е нормално за македонскиот спорт, за навивачите. Европското првенство е дури и поквалитетно од Светското првенство. Групата е таква каква што е, не можевме да добиеме поквалитетна. Од првиот барабан го имаме светскиот и олимписки шампион Данска, од вториот Португалија, која на последното првенство беше полуфиналист и се бореше за медал, а трет ривал е Романија. Спортски е да се надеваме, да се бориме, да го дадеме најдоброто од нас. Ќе имаме квалитетни подготовки овозможени од РФМ. Составот е тој според стандардните, ќе ни недостига Милан Лазаревски, кој сѐ уште не е долечен и нема натпревар сезонава, така што шанса добија други играчи. Не е коректно и реално да даваме преоптимистички изјави, туку да ветиме дека ќе го дадеме најдоброто од нас, а ќе видиме за што ќе биде доволно тоа – вели Лазаров.
Според Лазаров, репрезентацијата е поискусна за една година пред почетокот на 17. ЕП.

– Поискусни сме за една година и полека го градиме тој победнички менталитет. Респект максимален за сите имаме, се познаваме подолго. Очекувам поддршка за овие млади момци надградени со двајца поискусни играчи над 30 години. Подготвен сум за сите критики и да го понесам товарот, но верувам во овие играчи и во оваа селекција. Одиме ден за ден, чекор по чекор, да се подготвиме добро. Имаме пријателски мечеви до почетокот на шампионатот, нема да имаме толку многу физички подготовки, туку играчите да се внесат во оптимална форма како колектив за Европското првенство – дополни Лазаров.
На списокот на Лазаров има 21 ракометар, кои ќе ја минат првата фаза од подготовките што ќе заврши со пријателски меч во Пореч против Хрватска. Според зацртаниот план, по Нова година, репрезентацијата кратко ќе тренира во Скопје и откако конечно ќе бидат познати патниците за ЕП, ќе отпатува на турнир во Винтертур (Швајцарија), каде што ќе игра против Швајцарија, Бахреин и Украина (8-10 јануари), а потоа ќе замине на ЕП во Данска.
Претстојниот континентален шампионат ќе биде 17. по ред, а за Македонија тоа ќе биде деветто учество, осмо во низа. Црвено-жолтите го остварија најдобриот пласман на европските првенства во 2012 г., кога беа петти. За македонската репрезентација настапот на ЕП 2026 ќе биде 15. по ред на големите натпреварувања од 2012 година, заедно со светските првенства (СП), а вкупно 18-ти на големите натпреварувања (СП и ЕП). Г.И.