Фото: Игор Бансколиев

Македонската машка репрезентација со осум гола предност ќе го почне денешниот возвратен бараж-дуел во Букурешт со Романија (17 ч.)

РАКОМЕТ – ПО ПОБЕДАТА ВО ПРВИОТ МЕЧ СО РОМАНИЈА ЗА ПЛАСМАН НА СП 2023

Македонската машка ракометна репрезентација со осум гола предност ќе го почне денешниот возвратен бараж-дуел во Букурешт против Романија (17 ч.), за пласман на Светското првенство (СП) во 2023 година во Полска и во Шведска, откако во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје славеше со 30-22 (16-13). Вкупниот победник од овој дуел ќе игра во април со Чешка, во решавачкиот двомеч за пласман на СП.
– Благодарност до навивачите, беше прекрасно да се игра пред нашата публика. Имавме одличен противник, можеби резултатот не е реален, но спортот е таков и треба да се игра 60 минути. На овој дуел бевме подобри во последните петнаесетина минути. Многупати било обратно, сме играле добро 45 минути, а сме губеле натпревари. За разлика од Европското првенство, вечерва имавме поширока ротација и мислам дека тоа беше клучот на нашата победа. Сепак, треба да бидеме претпазливи, познавајќи го Пасквал, нема да се предаде и нѐ чека тежок возвратен натпревар. Треба да го јакнеме нашиот карактер, карактерот е многу важен – изјави македонскиот селектор и играч Кирил Лазаров, кој на овој дуел седум пати ја затресе противничката мрежа.
Прво име во македонскиот табор беше левиот бек Филип Талевски, со 10 гола. Покрај Лазаров, седум гола реализира и левиот бек Филип Кузмановски. Спортската историја во Скопје, очигледно се повторува. Ваков квалификациски бараж со Романија беше одигран и во 2018 година и тогаш црвено-жолтите славеа со осум гола разлика, 32-24 (во реваншот Романците славеа со 26-25).

– Прекрасно беше да се игра во ваква атмосфера. Невозможен ќе беше постигнатиот резултат ако не беше овој амбиент на трибините. Но мора да бидеме внимателни, предноста е добра и треба да играме како резултатот да е 0-0. Романците демонстрираа добра игра и покрај тоа што имаат неколку повредени. Талески покажа дека има квалитет и може да игра на ова ниво и во двата правци. Навивачите го скандираа неговото име. Тој е одлично момче, голем талент и може да прерасне во голем играч. Треба да му се даде поддршка и да се верува во него – рече искусниот среден бек Филип Миркуловски.
Искусниот шпански стратег Хавиер Пасквал, кој му беше и тренер на Лазаров додека играше во Барселона, се обидуваше со чести измени и тактики на теренот да внесе живост во нападот, а стабилност во одбраната, но сето тоа потона во финишот од средбата. Македонија имаше реализација на шут од 65 отсто (30/46), од седум метри 5/6, од шест метри 8/10, од девет метри 14/22, од крила 2/5, а Романија имаше успешност на шутот од 58 отсто (22/38).
– Честитки на победата на Македонија, која беше подобра од нас, но разликата во конечниот резултат не е реална. Игравме 45 минути на добро ниво, но во последните 15 минути попуштивме. Очигледно дека ни недостига искуство на играње вакви тешки натпревари и тоа ни се одмазди во финишот – вели селекторот на Романија, Пасквал.


ПРВ БАРАЖ ЗА ПЛАСМАН НА СП 2023

Македонија – Романија 30-22
Австрија – Естонија 35-33
Португалија – Швајцарија 33-26
Грција – БиХ 24-17
Италија – Словенија 28-29
Израел – Литванија 28-24
Словачка – Белгија 28-26

реваншите се викендов