Од првиот и вториот барабан добивме многу квалитетни репрезентации. Секако дека можеше да добиеме уште поквалитетни противници, но треба да бидеме задоволни пред сѐ со фактот дека ќе играме во Хрватска, во Вараждин и ќе имаме огромна поддршка од нашите верни навивачи, вели селекторот Лазаров

РАКОМЕТ – УНГАРИЈА, ХОЛАНДИЈА И ГВИНЕЈА РИВАЛИ НА МАКЕДОНИЈА ВО ГРУПАТА Д НА СП 2025

Унгарија, Холандија и Гвинеја се репрезентациите со кои Македонија ќе игра во групата Д на Светското првенство (СП) 2025 година (14 јануари-2 февруари) во Хрватска (Загреб, Вараждин, Пореч), Данска (Хернинг) и во Норвешка (Осло), што се смета за поволна група, ако се има предвид дека трите првопласирани селекции од вкупно осумте групи обезбедуваат пласман во следната фаза, а четвртата ќе продолжи во Президент-купот. Тоа е епилогот по извршената ждрепка во Загреб, каде што Македонија беше сместена во третиот барабан. Црвено-жолтите ќе го играат првиот меч на 15 јануари со Унгарија, следниот на 17 јануари со Холандија, а два дена подоцна со Гвинеја.
– Од првиот и вториот барабан добивме многу квалитетни репрезентации. Секако дека можеше да добиеме уште поквалитетни противници, но треба да бидеме задоволни пред сѐ со фактот дека ќе играме во Хрватска, во Вараждин и ќе имаме огромна поддршка од нашите верни навивачи. Сите имаме добри спомени од Вараждин и се надевам дека повторно ќе биде така. Имаме многу време да се подготвиме квалитетно за Светското првенство – изјави по ждрепката македонскиот селектор Kирил Лазаров.
Од првиот барабан Македонија ја доби Унгарија, со која досега има одиграно вкупно 12 официјални натпревари (квалификации или настапи на ЕП и СП). Притоа Македонија впишала две победи и 10 порази, од кои два се во квалификации за СП. Во квалификациите за ЕП се одиграни осум меча, од кои црвено-жолтите славеле двапати, а шест пати загубиле. На ЕП, пак, се одиграни два меча и двата се загубени. На овие 12 дуели, Македонија постигнала вкупно 309 гола (25,75 во просек по меч), а примила 366 гола (30,5 во просек), односно има негативна гол-разлика од 57 гола. Унгарија на СП настапила 22 пати, а најголем успех остварила во 1986 година во Швајцарија, кога освоила сребро, што претставува и единствен медал. Досега има и едно четврто, три шести, едно петто, четири седми, пет осми три деветти, едно 10-то, две 11-ти и едно 17-то место. На последното СП била осма. На ЕП настапила 14 пати и зад себе има по едно петто, шесто, седмо, 10-то, 12-то 13-то и 15-то место, три осми, две деветти и две 14-ти. На последното ЕП била петта.
Од вториот барабан за ривал беше добиена Холандија, која на СП настапила само двапати, во 1961 година кога била 12-та, и на последното СП во Германија 2023 кога завршила 14-та. На ЕП има три настапи, и тоа на последните три шампионати, кога ги освоила 17-то, 10-то и 12-то место. Македонија одиграла само два официјални меча со Холандија, и тоа во претквалификациите за ЕП 1996, кога на гости загубила со 22-23, а во Битола славела со 33-27. Од четвртиот барабан Македонија го доби претставникот од Африка, Гвинеја, која е дебитант на СП, и се смета за аутсајдер во групата Д. Македонија досега настапила осум пати на СП, а најдобриот пласман го има во Катар 2015, кога била деветта, додека на ЕП играла исто така осум пати, а најдобриот пласман, петтото место, го остварила во Србија во 2012 година. Г.И.


Распоред на групите

А – Хернинг: Германија, Чешка, Полска, Швајцарија
Б – Хернинг: Данска, Италија, Алжир, Тунис
Ц – Пореч: Франција, Австрија, Катар, Кувајт
Д – Вараждин: Унгарија, Холандија, Македонија, Гвинеја
Е – Осло: Норвешка, Португалија, Бразил, САД
Ф – Осло: Шведска, Шпанија, Јапонија, Чиле
Г – Загреб: Словенија, Исланд, Куба, Зелено’ртски Острови
Х – Загреб: Египет, Хрватска, Аргентина, Бахреин


Билансот со Унгарија и Холандија

Квалификации за СП 1997
Македонија – Унгарија 23-34
Унгарија – Македонија 34-25
Квалификации за ЕП 1996
Македонија – Унгарија 26-21
Унгарија – Македонија 29-26
Квалификации за ЕП 2012
Македонија – Унгарија 22-29
Унгарија – Македонија 29-26
ЕП 2004, плејоф
Македонија – Унгарија 33-31
Унгарија – Македонија 33-29
ЕП 2006, плејоф
Македонија – Унгарија 29-32
Унгарија – Македонија 36-25
ЕП 1998
Унгарија – Македонија 29-20
ЕП 2014
Македонија – Унгарија 25-31
Претквалификации за ЕП 1996
Холандија – Македонија 23-22
Македонија – Холандија 33-27