Алкалоид утре во Скопје ќе го игра реванш-мечот со италијански Бриксен за пласман во четврт-финалето на Европскиот куп, по победата на гости со 44-32
РАКОМЕТ – ЕВРОПСКИ КУП
Македонскиот ракометен суперлигаш Алкалоид засега има сезона за паметење и на домашен и на меѓународен план. Во домашното првенство е лидер на табелата, а на меѓународен план има пет победи од пет натпревари и со предност влегува во реваншот од осминафиналето на Европскиот куп, по убедливиот триумф на гости кај италијанскиот претставник Бриксен (44-32). Утре Алкалоид на свој терен ќе го одигра возвратниот дуел со Бриксен во салата во Автокоманда, со почеток од 18 часот.
– Остваривме висока и убедлива победа против квалитетен ривал од Италија. Знаеме дека нивниот ракомет е во подем, како на репрезентативен така и на клупски план, па и високата гол-разлика е неочекувана. Одигравме квалитетен меч, ни одеше сѐ од рака и резултатот од Италија не е реален. Се одлепивме во последните минути, а во 50-та беше само четири гола разлика, па затоа нема да го потцениме ривалот, иако сме поквалитетен противник од нив. Сакам и очекувам да победиме заради нашиот и македонскиот рејтинг. Многу добро се подготвивме за овој меч и така ќе го дочекаме Бриксен – изјави тренерот на Алкалоид, Кирил Лазаров, на вчерашната прес-конференција во пресрет на овој натпревар.
По оваа средба за Алкалоид следува дербито со Еурофарм Пелистер, два дена подоцна.
– Искуството ми вели дека треба да се фокусираме на секој иден противник, а сега тоа е Бриксен од Италија. Распоредот е таков и мораме да го прифатиме овој предизвик. Знаеме дека ни следува меч со Еурофарм Пелистер, но мора да одиграме максимално против секого. Ќе видиме како ќе нѐ води мечот, така и ќе се однесуваме на натпреварот утре. Со мислите ќе бидеме во Битола, но мора прво да си ја завршиме задачата тука, оти не сакам да дојде до некои непромислени работи со кои би ја загубиле самодовербата. Многу разговараме на таа тема, затоа што имаме голема предност. Во секој случај ќе почнеме со најдобрите – вели Лазаров.
За можниот следен противник Лазаров е за понеатрактивен ривал.
– Посакуваме да добиеме понеатрактивен ривал. Во еден сад мислам дека има понеквалитетни ривали, иако сите што се во топ осум се квалитетни и на нивото на Европската лига. И да не е така, пак ќе го прифатиме предизвикот – рече тренерот на Алкалоид и селектор на македонската репрезентација.
Оптимист пред овој меч е и десниот репрезентативен бек Мартин Велковски.
– Нѐ очекува реванш со вицешампионот на Италија. Резултатот на првиот натпревар на крајот беше со висока разлика, но не беше така и во текот на мечот. Бриксен игра модерен и брз ракомет, но ние сме поквалитетни и можеме да дојдеме до уште една победа. На дуелот во Италија имаше многу голови, затоа што се играше со високо темпо од првата минута. Мислам дека и овој меч во Скопје ќе биде со исто темпо. Наша цел е да ја продолжиме триумфалната серија. Ја повикувам публиката да нѐ бодри и заеднички да го прославиме пласманот во четврт-финалето – рече Велковски. Г.И.