Фото: РФМ

Се боревме, зад нас имаме едно успешно првенство, има уште многу простор за напредок, кој во иднина ќе го покажеме. Горд сум на момците, кои се бореа максимално од првиот до последниот ден, вели капитенот на репрезентацијата, Филип Кузмановски. Македонија на СП 2025 ја помина првата прелиминарна фаза, а во главната групна фаза го освои четвртото место во групата и напредуваше вкупно за 12 места во вкупниот пласман во однос на СП 2023

СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ЗА РАКОМЕТАРИ

Македонската репрезентација, предвоена од селекторот Кирил Лазаров, го освои 15-то место на 29. Светско првенство (СП) во ракомет за мажи, кое се игра во Хрватска, Данска и во Норвешка, што претставува успех. Уште повеќе, оваа млада и надежна ракометна генерација полна со елан и оптимистички настроена играше храбро и мотивирано. Таа ја помина првата прелиминарна фаза, а во главната групна фаза го освои четвртото место во групата, со четири бода, и вкупно за 12 места напредуваше во вкупниот пласман во однос на минатото СП во 2023 година. Македонија најголемиот успех на СП го постигна во 2015 година, кога го освои деветтото место.
Црвено-жолтите во Вараждин одиграа вкупно шест меча и забележаа по две победи (Гвинеја 29-20 и Катар 39-34), ремија (Унгарија 27-27 и Австрија 29-29) и порази (Холандија 32-27 и Франција 25-32). Франција, шесткратниот светски првак, во саботниот дуел, беше пресилен ривал за македонските ракометари.
– Треба да бидеме задоволни. Очекував тежок натпревар, се работеше за Франција, која воопшто не нѐ потцени, не сакајќи во ниту еден момент да го доведе натпреварот во прашање. Се покажа нашето неискуство, одигравме квалитетен натпревар во страшен ритам, можеби подобар и од Холандија и ова беше едно големо искуство за нашите играчи. Со Франција игравме и лани на Европското првенство во Германија. Тогаш за да ги сопреме протежиравме игра „седум на шест“, а сега „шест на шест“. Не е лесно да се следи овој ритам, давате гол, а ви враќаат веднаш, притоа треба да направите и една-две измени, а ние уште немаме таков концепт на играчи со кои би можеле да играме така. Жал ми е за трите промашени пенали во првото полувреме, но ова е веќе шести натпревар, а во шестиот да играш против една Франција… Можеме да жалиме за многу работи, но гледајќи вкупно, ова е едно големо искуство за сите играчи, а особено за младите, еден добар турнир и треба од ова СП да научиме многу лекции.

Ние доаѓаме од една мала Македонија со играчи од македонската лига и затоа им честитам на сите играчи и на стручниот штаб, а благодарност до македонската јавност за целосната поддршка на шампионатот – вели Лазаров.
Ова беше 60-ти натпревар на Македонија на СП, а досега има 23 победи, четири нерешени резултати и 32 пораза на деветте мундијали. Ова беше 14-ти настап во низа на Македонија на големите натпреварувања (ЕП и СП заедно).
– За мене Франција е фаворит за златото на ова СП. Имаат многу ѕвезди и тешко е да се игра против нив. Се боревме, зад нас имаме едно успешно првенство, има уште многу простор за напредок, кој во иднина ќе го покажеме. Горд сум на момците, кои се бореа максимално од првиот до последниот ден, беа пожртвувани и дадоа сѐ од себе за Македонија. Навивачите многу ни помогнаа, посебно во првиот дел, а тоа беше за нас како ветер во грб. Ние, пак, со нашата игра ги израдувавме и сметам дека сите уживаа, како на трибините во Вараждин, така и во Македонија – вели левиот бек и капитен на репрезентацијата, Филип Кузмановски.
Вчера требаше да се доиграат уште последните дуели од главната групната фаза во групите три и четири, за да се одредат сите четвртфиналисти. По некомплетното последно коло (не сметајќи го вчерашното коло) меѓу најдобрите осум селекции се пласираа Данска и Германија од групата еден, Франција и Унгарија од групата два и пријатното изненадување Португалија и Бразил од главната група три.
Кузмановски во шесте натпревари што ги одигра постигна вкупно 49 гола (8,1 погодок во просек по натпревар), колку што погоди и данскиот бек Матиас Гидсел. На третото место е Холанѓанецот Рутгер Тен Велде со 46 гола (7,6). Кузмановски и младиот 21-годишен централен бек Марко Митев двапати беа прогласени за играчи на натпреварите на СП 2025. Г.И.


СП 2025, ГЛАВНА РУНДА

Група 1
Италија – Швајцарија 25-33
Чешка – Данска 22-28
Германија – Тунис 31-19
ТАБЕЛА
Данска 5 5 0 0 178-121 10
Германија 5 4 0 1 155-137 8
Швајцарија 5 2 1 2 144-138 5
Италија 5 2 0 3 129-149 4
Чешка 5 1 1 3 111-125 3
Тунис 5 0 0 5 117-164 0

Група 2
Холандија – Австрија 37-37
Катар – Унгарија 23-29
Франција – Македонија 32-25
ТАБЕЛА
Франција 5 5 0 0 176-129 10
Унгарија 5 3 1 1 151-145 7
Холандија 5 2 1 2 172-177 5
Македонија 5 1 2 2 152-159 4
Австрија 5 1 2 2 147-156 4
Катар 5 0 0 5 139-171 0

Група 3
Португалија 4 3 1 0 133-120 7
Бразил 4 3 0 1 110-104 6
Норвешка 4 2 0 2 118-106 4
Шведска 4 1 2 1 132-123 4
Шпанија 4 1 1 2 113-111 3
Чиле 4 0 0 4 98-140 0
Идно коло (синоќа): Португалија – Чиле, Шпанија – Бразил, Норвешка – Шведска.

Група 4
Хрватска 4 3 0 1 133-96 6
Египет 4 3 0 1 117-101 6
Исланд 4 3 0 1 110-95 6
Словенија 4 2 0 2 113-96 4
Аргентина 4 1 0 3 96-132 2
Зелено’ртски О. 4 0 0 4 95-144 0
Идно коло (синоќа): Исланд – Аргентина, Зелено’ртски О. – Египет, Хрватска – Словенија.

ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
1. Франција – втор. група 4 утре, 17.30 ч.
2. Прв. група 4 – Унгарија утре, 20.30 ч.
3. Данска – втор. група 3 среда, 17.30 ч.
4. Прв. група 3 – Германија среда, 20.30 ч.

ПОЛУФИНАЛЕ
Победникот 1 – Победник 2 четврток, 20.30 ч.
Победникот 3 – Победник 4 петок, 20.30 ч.
Мечевите за третото место и за титулата се в недела