Станува збор за клуб со скандинавски систем, со цврста одбрана и брза транзиција. Би бил задоволен со каква било победа во Скопје, затоа што колку и да победите, мора да сте квалитетни и во реваншот, рече тренерот на Алкалоид, Лазаров, пред првиот полуфинален дуел со норвешкиот Рунар Сандефјорд, в недела, во Скопје
РАКОМЕТ – ЕВРОПСКИ КУП, ПОЛУФИНАЛЕ В НЕДЕЛА
Ракометарите на Алкалоид, предводени од тренерот Кирил Лазаров, в недела (19 часот, пренос на МТВ) во салата „Автокоманда“ во Скопје ќе го играат првиот натпревар во полуфиналето на Европскиот куп (ЕК) против норвешкиот претставник Рунар Сандефјорд (реваншот е седум дена подоцна на гостински терен). Победникот од овој двомеч ќе се пласира во големото финале, а за ривал ќе го има подобриот од двомечот помеѓу Извиѓач од БиХ и АЕК од Грција.
– Нѐ очекува тежок натпревар. Со многу материјали го анализиравме Рунар Сандефјорд. Имаме многу информации што ни покажуваат дека станува збор за сериозна екипа со скандинавски стил на игра, кој не ни одговарал многу и на клупско и на национално ниво. Противникот до полуфиналето дојде со победи над квалитетни екипи како Целје, Бешикташ и Олимпијакос, значи нѐ очекува многу тежок дуел, не само во Скопје туку и во Норвешка. Пласманот во полуфиналето со македонски сили секако дека е успех, се надевам дека ќе имаме сила и по тешките мечеви да излеземе на терен и да водиме голема борба сите 60 минути. Станува збор за клуб со скандинавски систем, кој во текот на целите 60 минути држи страшен ритам, со цврста одбрана и брза транзиција. Повеќе од 35 гола постигнуваа по меч и со оглед на нашиот ритам, ќе ни треба многу енергија. Би бил задоволен со каква било победа во Скопје, затоа што колку и да победите, мора да сте квалитетни и во реваншот – изјави Лазаров на вчерашната средба со новинарите.
Алкалоид сезонава во ЕК ги елиминира литвански Драгунас Клаипедас, италијански Бриксен, австриски Вест Виен и романски Баја Маре, а на осумте меча забележа седум победи и едно реми.
– Ова е прво европско полуфинале за нас и секако голем момент како за Алкалоид така и за македонскиот ракомет и затоа многу сме горди. Рунар Сандефјорд е екипа што игра типично брз скандинавски ракомет. Ги повикувам сите љубители на ракометот да ни дадат поддршка и да бидат наш седми играч на патот кон европското финале – вели капитенот Игор Ѓоргиев.
Норвешкиот клуб, кој освен двајца Швеѓани го сочинуваат претежно домашни играчи, на патот до полуфиналето ги елиминира романски Букурешт, словенечко Целје, турски Бешикташ и грчки Олимпијакос. Формиран е во 1949 година, а тренер им е прославениот играч Јорн Магне Јохансен, кој бил соиграч со Лазаров во Веспрем во 2006 година.
– Нема сомнеж дека имаме тешка задача пред нас. Кога ги анализиравме можните противници во четврт-финалето, напишавме дека сметаме дека Алкалоид заедно со АЕК се можеби најголемите фаворити за освојување на овој Куп. По четврт-финалето сме на исто мислење. Алкалоид, со исклучок на португалскиот лев бек Френсиско Силва и француското лево крило Арно Бинго, е тим составен од македонски играчи. Кога малку подобро ќе ги погледнеме играчите со пријавени натпревари во сениорската репрезентација, ќе најдеме 12 играчи. Но, најголемиот профил несомнено е тренерот и жива легенда Кирил Лазаров, кој е и селектор на репрезентацијата и најголем македонски ракометар на сите времиња. Тој поседува голем број рекорди, вклучувајќи го и оној за постигнати 1.000 гола во Лигата на шампионите. Уште една работа што може да биде пресудна за Алкалоид е домашниот терен, оти 1.900 Македонци во Скопје знаат да дадат голема поддршка – пишува на клупската интернет-страница на Рунар Сандефјорд. Г.И.
ПОЛУФИНАЛЕ
АЕК – Извиѓач сабота, 16 ч.
Алкалоид – Р. Сандеф. недела, 19 ч.