Фото: РК Алкалоид

Знам дека ако сме добри, ако го спроведеме тоа што ни кажува тренерот, можеме да се радуваме и да освоиме европски трофеј што не е мала работа за нас, за клуб кој постои четири години, вели голманот Галевски.

Ракометниот клуб Алкалоид е пред историски меч во кој може да ја освои својата прва европска титула. Во недела во „Борис Трајковски“ (20.30 ч.), ќе се одигра реванш-дуелот од финалето на Европскиот Куп. Првиот меч одигран против АЕК во Атина, завши со триумф на Алкалоид со 29-25, резултат што треба да биде одбранет во Скопје за конечна победа во ова натпреварување.

Во пресрет на реванш-мечот, Алкалоид денеска организираше прес-конференција.

– Сакам да се заблагодарам за поддршката во текот на целата сезона на овој европски пат. Стигнавме до финале кое е многу значајно за нашиот клуб, но и за целокупниот македонски ракомет. Одигравме одличен натпревар во Грција, слободно можам да кажам резултатски и неочекуван. Имаме одлични „плус четири“, момците беа на висина на задачата, тоа што го договаравме го исполнија и со голема предност влегуваме во реваншот. Од една страна секогаш сум претпазлив знаејќи го нашиот менталитет, ако се знае дека дури 19 играчи од нашиот ростер се Македонци, но од друга страна чувствувајќи ја атмосферата на два дена до мечот, треба малку порелаксирано да влеземе во реваншот. Мораме да уживаме. Како играч имам одиграно многу финалиња и повеќе ги имам загубено отколку победено, зборувам за финалиња во ЛШ. Мислам дека тоа искуство ми е драгоцено за да ја подготвиме соодветно екипата. Не сакам играчите да бидат под никаков притисок, не се сомневам дека в недела ќе го дадат најдоброто од нив. Нашиот систем функционира, имаме и одредени слабости, не сакам да се навраќам дека ни недостигаат четири до пет важни играчи во вториот дел од полусезоната. Се надевам дека особено младите играчи нема да бидат премногу импресионирани и дека ќе знаеме да се справиме со тој позитивен притисок – рече тренерот на Алкалоид Кирил Лазаров.

Свој коментар пред возвратниот дуел со АЕК од Атина има и младиот голман Иван Галевски, кој на првиот меч одбрани дури пет седмерци.

– АЕК е искусна и многу квалитетна екипа со играчи етаблирани во светскиот ракомет. Иако имаме плус четири, нема да биде воопшто лесно, затоа што знаеме каква екипа доаѓа. Имаме позитива која ја немавме на гостински терен, а тоа е нашата публика. Знам дека ако сме добри, ако го спроведеме тоа што ни кажува тренерот, можеме да се радуваме и да освоиме европски трофеј што не е мала работа за нас, за клуб кој постои четири години – смета Галевски.

И дефанзивецот Никола Маркоски е оптимист пред дуелот против АЕК во Скопје.

– АЕК е одлична екипа составена од добри играчи. Иако има минус четири, верувам дека ќе направат се` да се покажат во најдобро светло. Наше е да ја играме нашата игра како и претходно. Се подготвуваме, да ги намалиме техничките грешки и со цврста одбрана да дојдеме до нова победа и историски европски трофеј – вели бекот Маркоски.