Ќе почнеме скромно, а посакувам да бидеме сите здрави. Нема да биде лесно, но ќе дадеме сѐ за да се пласираме во вториот круг, вели селекторот Лазаров пред почетокот на подготовките за СП 2023, на кое Македонија е во групата Ф, со Норвешка, Холандија и со Аргентина
РАКОМЕТ – ПОЧНАА ПОДГОТОВКИТЕ ЗА СП 2023
Пред нас е нов предизвик, имаме многу млада и талентирана репрезентација, можеби неискусна за вакви натпреварувања, затоа што квалификациски натпревари се едно, а големи натпреварувања друго. Важно го одржавме континуитетот со пласманите на големите настани во последната деценија и горд сум на целиот тим и на РФМ. Имаме доволно време да се подготвиме, а ме радува тоа што сме речиси комплетни од стартот. Првпат имавме два тешки баража за пласман на СП, кои успешно ги поминавме против две квалитетни селекции, како што се Романија и Чешка, и тоа во време на смена на цела наша генерација, рече селекторот Кирил Лазаров при вчерашниот прв собир на репрезентацијата во Скопје, со што почнаа подготовките за Светското првенство (СП) в година, во Полска и во Шведска (11-29 јануари).
Македонија е во групата Ф, со Норвешка, Холандија и со Аргентина.
– Имаме тешка група. За Норвешка нема потреба да се трошат зборови, Холандија е во подем, игра брз модерен ракомет, а Аргентина на претходното СП им направи проблеми на многу големи селекции. Кај ракометарите постојат огромна желба и мотивираност, тоа ме радува. Ќе почнеме скромно, а посакувам да бидеме сите здрави. Нема да биде лесно, но ќе дадеме сѐ за да се пласираме во вториот круг – вели Лазаров, кој по две децении првпат нема да биде активен како играч на теренот.
На првиот собир дојдоа сите повикани репрезентативци освен голманот Никола Митревски, кој игра во Порто, и бекот Филип Кузмановски во бундеслигашот Хановер. Митревски се очекува да дојде во текот на неделава, а Кузмановски на 28 декември.
– Противниците се тешки, квалитетни, сериозни. Имаме доволно време да се подготвиме, само сите да бидеме здрави, оти малку сме, и ако ни недостига еден, губи цела репрезентација. Пропуштив две натпреварувања, но така е тоа во спортот, се случуваат повреди. Имаме генерација што претставува спој на младост и искуство. Во спортот секогаш има изненадувања, ако не веруваме во нив, не треба ни да патуваме на СП. Норвешка е фаворит, шансата треба да ја бараме против Холандија и Аргентина. Со нетрпение го очекувам ова СП – рече левото репрезентативно кило Дејан Манасков.
По собирот во Скопје, црвено-жолтите ќе ги продолжат подготовките во Маврово, а по одигрувањето две пријателски средби со Црна Гора (27 и 28 декември), ќе настапат и на турнирот „Кроација куп“ во Пореч, каде што ќе се сретнат со Австрија и со Израел. Македонија го почнува својот осми настап на СП на 13 јануари, со Норвешка, на 15 игра со Холандија, а на 17 јануари со Аргентина. Првите три репрезентации од секоја од осумте групи ќе обезбедат пласман во следната групна фаза. Г.И.