Ги повикуваме навивачите да дојдат во Хрватска во што поголем број, оти верувам дека ќе имаме многу пријатни моменти. Желба ми е да останеме најмалку 12 дена, а тоа значи дека ќе треба да завериме пласман во главната рунда. Посакувам најмалку три победи, вели претседателот на РФМ, Мукаетов
РАКОМЕТ
Македонската машка ракометна репрезентација продолжува да се подготвува за претстојното Светско првенство (СП), кое ќе се одржи месецов (14 јануари – 2 февруари) во Хрватска, Данска и во Норвешка. За црвено-жолтите ова ќе биде 14-то големо натпреварување во низа, почнувајќи од 2012 година, а деветти настап на Мундијал.
– Од 2012 до 2025 година обезбедуваме присуство на секое големо натпреварување, нешто со кое може да се гордееме. Континуитет редок дури и за многу поголеми држави. Имаме одлични искуства од Хрватска и убеден сум дека тоа може да се повтори. Нашите навивачи се нашиот осми играч и ни ја даваат потребната поддршка во клучните моменти. Умерен оптимист сум затоа што ги познавам нашата енергија и новата генерација. Имаме млади играчи со карактер и потенцијал за големи резултати. Ќе го почитуваме секој ривал, но нема да се плашиме. Во моментов сме насочени кон Унгарија, првиот и многу сериозен противник, но нашата амбиција ни е секогаш победа – рече Лазаров на прес-конференцијата на која Ракометната федерација на Македонија (РФМ) и „Телеком“ го продолжија заемното партнерство.
Претседателот на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), Живко Мукаетов, не го криеше своето задоволство од продолжената соработка, како и за настапот на репрезентацијата, кој се очекува.
– Мило ми е што и годинава ја почнуваме со подготовки за големо првенство. Благодарност до „Телеком“, кој останува партнер на РФМ и македонската ракометна репрезентација. Ги повикуваме навивачите да дојдат во Хрватска во што поголем број, оти верувам дека ќе имаме многу пријатни моменти. Желба ми е да останеме најмалку 12 дена, а тоа значи дека ќе треба да завериме пласман во главната рунда. Посакувам најмалку три победи – изјави Мукаетов.
Свое мислење за претстојниот Мундијал искажа и левиот бек Филип Кузмановски, од кого, секако, се очекуваат голови.
– Сите знаеме колку беше тешко да се минат Фарските Острови во баражот, особено по првиот пораз. Но, ние верувавме, македонскиот инает и срце проработија кога беше најпотребно. Ветувам дека Македонија така ќе изгледа и во иднина, со млади момци и ние, неколкумина, кои сме поискусни. Имаме тешка група. Добро ги анализираме противниците, максимално се подготвуваме и верувам дека така и ќе го дочекаме почетокот. Сакаме да покажеме како се игра за Македонија, бодрени од нашите верни навивачи, кои секогаш доаѓаат да ни дадат поддршка – рече Кузмановски.
Како што е познато, Македонија на СП е во групата Д, сместена во Вараждин (Хрватска), а ќе игра со Унгарија на 15 јануари (20.30 ч.), два дена подоцна со Холандија (18 ч.) и на 19 јануари со Гвинеја (20.30 ч.). Првите три селекции од секоја од осумте групи продолжуваат во втората фаза. Г.И.