Фото: Игор Бансколиев

Имаме уште седум-осум дена да тренираме комплетни и да ги поправиме недостатоците. На собир треба да има од 23 од 24 ракометари поради ситуацијата со ковид-19 и други вируси. Им кажав и на тие што не тренираат со нас по Маврово дека би можеле да ни бидат потребни и да ѝ се приклучат на репрезентацијата, изјави селекторот и капитен Кирил Лазаров

РАКОМЕТ

Ракометната репрезентација на Македонија славеше со 31-28 на првиот од двата контролни меча со Израел во Скопје, во подготовките за настап на Европското првенство (13-30 јануари). Ненад Костески со пет гола беше најефикасен кај црвено-жолтите. Вториот дуел со Израел се играше синоќа.
– Натпреварот ме изненади, иако го анализиравме противникот и гледавме многу видеоматеријали. Меѓутоа, не е исто на видео и во живо. Тие имаат одличен систем, осум-девет бека што можат да влезат во игра. Имавме проблеми, но мислам дека добро ни дојде победата. Имаме доволно време да ги поправиме грешките, а уште седум-осум дена да тренираме комплетни и да ги поправиме недостатоците што се покажаа на мечот. Марко Митев доби бизарна повреда и најверојатно нема да оди на ЕП. На собир треба да има од 23 од 24 ракометари поради ситуацијата со ковид-19 и други вируси. Им кажав и на тие што не тренираат со нас по Маврово дека би можеле да ни бидат потребни и да ѝ се приклучат на репрезентацијата – изјави селекторот и капитен Кирил Лазаров.
Во меѓувреме, Европската ракометна федерација (ЕХФ) на својата интернет-страница ја претстави Македонија во пресрет на ЕП 2022. Ви пренесуваме дел од текстот: „Со Кирил Лазаров, пикерот Стојанче Стоилов и голманското дуо Мартин Томовски и Никола Митревски, Македонија може да биде тврд орев.

Лазаров има јасна визија за тимот и за стилот на игра, на младите играчи ќе им се даде шанса да се докажат, но Македонија може да смета и на искусни ракометари во клучните моменти. Лазаров ја презеде репрезентацијата во февруари 2021 година од Данило Брестовац за време на квалификациите за ЕП 2022. Тој ги предводеше своите соиграчи до извонредната победа над Данска, а покрај него како помошник-тренер беше искусниот централен бек Филип Миркуловски, кој се врати во репрезентацијата по неговото повлекување во 2018 година. Овој двоец има посебна врска со репрезентацијата и заедно со нивната тактика и искуство поставува добра основа за ракометната иднина на Македонија. Подмладениот тим ќе има тешка задача со Данска, Словенија и со Црна Гора. Лазаров сигурно ќе им даде можност на младите играчи да покажат што знаат. Посебно треба да се внимава на централниот бек Марко Мишевски и на десното крило Ненад Костески. Лазаров, кој е еден од долгогодишните водечки играчи во светот и најуспешен ракометар на својата земја, долго време е лидер на теренот. Тој и понатаму игра врвно и способен е да постигне гол со силни удари. Но на ова ЕП, тој ќе биде во центарот на вниманието и поради неговите тренерски способности, во квалификациите докажа дека тоа не му недостига, а предизвик ќе му биде да ја води репрезентацијата и на теренот и од клупата“.