Фото: Архива „Нова Македонија“

ВО ПРЕСРЕТ НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО В ГОДИНА ВО ДАНСКА, НОРВЕШКА И ВО ШВЕДСКА

  • Македонија деветти пат ќе игра на европските првенства, колку што има настапи и на светските шампионати. Црвено-жолтите на ЕП 2026 се во групата Б и ќе се сретнат со Данска, Португалија и со Романија, во трка за првите две места што носат пласман во втората групна фаза

Селекторот на сениорската ракометна репрезентација на Македонија, Кирил Лазаров, го објави составот за претстојното Европско првенство што во јануари и во февруари ќе се игра во Данска, Норвешка и во Шведска, информира Ракометната федерација на Македонија. На списокот има 28 ракометари.
Континенталниот шампионат идниот месец ќе биде 17. по ред, а за Македонија тоа ќе биде деветто учество, осмо во низа. Најдобриот пласман на европските првенства црвено-жолтите го остварија во 2012 година, кога го освоија петтото место. За македонската репрезентација настапот на ЕП 2026 ќе биде 15. по ред на големите натпреварувања од 2012 година, заедно со светските првенства (СП), а вкупно 18-ти на големите натпреварувања (СП и ЕП).
На ЕП 2026, Македонија е во групата Б, чии натпревари ќе се играат во дански Хернинг (во сала со 15.000 седишта), каде што ќе се играат и мечевите во групата 1 во втората групна фаза, како и натпреварите за медали.
Македонската селекција во првото коло ќе игра со олимпискиот и светски шампион Данска, на 16 јануари, два дена подоцна е средбата со Португалија, а на 20 јануари е и мечот со Романија. Првопласираните две репрезентации од секоја од шесте групи продолжуваат во втората групна фаза, а групата Б вкрстува со групите А (Германија, Шпанија, Австрија и Србија) и Ц (Франција, Норвешка, Чешка и Украина). Од тие две групи во втората рунда, првопласираните две селекции ќе играат во полуфиналето. На минатото ЕП, во 2024 година, златниот медал го освои Франција, сребрениот Данска, а бронзениот Шведска.
Состав: голмани: Мартин Томовски (Битихајм, Германија), Никола Митревски (Еурофарм Пелистер), Иван Галевски (Алкалоид). Леви крила: Петар Атанасијевиќ (Еурофарм Пелистер), Иван Џонов (Алкалоид). Десни крила: Ненад Костески, Никола Костески (двајцата од Алкалоид). Средни бекови: Марко Митев, Игор Ѓоргиев, Мартин Ивановски (тројцата од Алкалоид). Леви бекови: Филип Кузмановски, Павле Атанасијевиќ (двајцата од Еурофарм Пелистер), Дамјан Митев (Алкалоид). Десни бекови: Томислав Јагуриновски (Охрид), Мартин Серафимов, Мартин Велковски (двајцата од Алкалоид). Пивоти: Жарко Пешевски, Самоил Ристевски (двајцата од Еурофарм Пелистер), Марко Стојковиќ, Валентин Карасманакис, Михаил Аларов (тројцата од Алкалоид). Резерви: Марко Кизиќ, Александар Петковски, Емилијан Ѓоргоски, Никола Марковски (сите од Алкалоид), Гоце Ојлески (Охрид), Марио Танковски (Вардар 1961), Филип Николов (Бутел Скопје).
Првиот собир на македонските репрезентативци за подготовките за настап на ЕП 2026 е закажан за задутре, во Скопје. Н.М.