Голманите Никола Митревски и Марко Кизиќ, крилото Гоце Ојлески и левиот бек Михајло Младеновиќ се ракометарите кои отпаднаа од списокот на патници на Европското првенство во Унгарија и Словачка поради позитивни тестови на ковид-19. Исто така, позитивен е и кондицискиот тренер Петар Баснарков.
Како замена за позитивните Митревски и Кизиќ, селекторот Кирил Лазаров ги повика голманите Благојче Трајкоски од Еурофарм Пелистер 2 и Градимир Чаневски од Бутел.
На списокот кој брои 21 патник, Лазаров направи спој на младост и искуство, па така на ЕП во Унгарија и Словачка боите на Макеоднија ќе ги бранат:
Голмани: Мартин Томовски, Градимир Чаневски, Благојче Трајкоски
Леви крила: Цветан Кузмановски, Бојан Маџовски
Леви бекови: Филип Талевски, Филип Кузмановски, Марко Мишевски
Централни бекови: Филип Миркуловски, Игор Георгиев, Марко Митев, Горан Крстевски
Пикери: Стојанче Стоилов, Жарко Пешевски, Костадин Петров, Кристијан Симоновски
Десни бекови: Кирил Лазаров, Мартин Велковски, Мартин Серафимов
Десни крила: Никола Костевски, Гоце Георгиевски
Позитивните ракометари ќе мораат да бидат пет дена во изолација, а потоа кога ќе добијат два негативни ПЦР-теста, ќе може да бидат на располагање на селекторот.
На ЕП во Унгарија и Словачка, Македонија ќе биде дел од групата А во која прв противник на 13 јануари (18 ч. – пренос на МТВ) ќе и биде селекцијата на Словенија, а потоа следуваат дуелите со Црна Гора (15 јануари – 18 ч.) и Данска (17 јануари – 20.30 ч. ). Пламан во главаната фаза од натпреварувањето обезбедуваат двете најдобропласирани селекции по групната фаза. Улогата на бранител на титулата ја има селекцијата на Шпанија која европкиот трон го поседува од ЕП 2018 во Хрватска.