Негативата е голема, но ние нема да се откажеме во ниеден момент, а со помош на нашата публика ќе се бориме, вели капитенот на Алкалоид, Ѓоргиев
РАКОМЕТ – ПРЕД ВОЗВРАТНИОТ ДУЕЛ АЛКАЛОИД – ХАНОВЕР ВО КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕВРОПСКАТА ЛИГА
Хановер повеќе од осум месеци беше лидер во најдобрата лига на светот, а годинава е засилен со искусни играчи. Мене ми е жал што загубивме со нереални и неочекувани за мене 10 гола разлика. Во сабота е убав ден, затоа што ќе го подигнеме европскиот пехар во Европскиот куп, кој го освоивме лани со македонски тим, кој постои три години во Суперлигата и една година во Првата лига и кој е базиран на македонски играчи. Не е убаво чувството со минус десет од Германија да дигаме пехар, но ќе се приспособиме и ќе се обидеме да се израдуваме колку што можеме пред мечот и достоинствено да го презентираме македонскиот ракомет. Им кажав на играчите дека мора сите да го оставиме срцето на терен заради нас, заради проектот, заради навивачите. Хановер полека влегува во бундеслигашкиот ритам, на секое зошто имаат затоа и за нас ова ќе биде големо искуство. Се надевам дека ќе имаме комплетен меч, а како тоа ќе биде, ќе видиме по 60-те одиграни минути. Колку и ние да се надевавме, се работи за еден суперквалитетен противник со кого мора да бидеме перфектни – изјави на вчерашната прес-конференција тренерот на македонскиот суперлигаш Алкалоид, Кирил Лазаров, во пресрет на реванш бараж-дуелот со бундеслигашот Хановер, кој се игра в сабота (19.30 ч.) во салата „Автокоманда“, а во рамките на квалификациите за Европската лига на ЕХФ.
Како што е познато, првиот дуел на гости Алкалоид го загуби со десет гола разлика (27-37) иако според играта не заслужи толкав пораз. Подобриот од двата клуба ќе патува во групната фаза. И покрај негативата од 10 гола, атмосферата во клубот е на високо ниво и сите очекуваат да го дадат максимумот бодрени од својата публика. Со такви мисли се води и капитенот на Алкалоид, средниот бек Игор Ѓоргиев.
– По натпреварот во Хановер на гости, сега ни следува дуел пред нашата публика. На првиот меч екипно имавме лош ден, пред сѐ во нашата реализација за чисти ситуации и пенали, што против екипа каква што е Хановер, е недозволиво. Негативата е голема, но ние нема да се откажеме во ниеден момент, а со помош на нашата публика ќе се бориме. Пред мечот го добиваме и пехарот во Европскиот куп, па затоа ја повикувам јавноста во сала, прво заедно да се израдуваме на пехарот, а потоа да бидат и нашиот осми играч – рече Ѓоргиев.
Слично мислење има и пикерот на скопјани, Валентин Карасманакис.
– Имавме екипно лош ден со многу технички грешки, а следува реваншот. Ни останува да дадеме 100 отсто од себе на теренот и евентуално, ако ни се даде шанса, да ја искористиме, да бидеме подобри од претходниот дуел и да го чекаме крајниот исходот. Ја повикувам и публиката да ни даде поддршка – дополни Карасманакис.
Пред почетокот на натпреварот, Алкалоид, актуелниот освојувач на Европскиот куп на ЕХФ, ќе има пригоден момент, односно ќе го добие ланскиот освоен пехар во Европскиот куп на ЕХФ, откако славеше во финалето против грчки АЕК. Г.И.