Фото: РФМ

Воопшто нема да биде лесно. Словенија е меѓу осумте најдобри репрезентации во Европа и во светот, секогаш има високи амбиции, специфичен стил на игра со одлична техника и тактика. Имаме млада и полетна екипа што одигра одлично на СП. Треба да ги повториме тие настапи и да не отстапуваме од нашиот стил на игра, да се бориме до крајот, исто како на Мундијалот. Ако одиграме на нашето најдобро ниво, мислам дека можеме да ја оствариме целта, вели селекторот Лазаров, пред дуелите утре во Скопје и в недела во Копер

РАКОМЕТ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2026

Македонската машка ракометна репрезентација продолжува со подготовките во Скопје, пред квалификацискиот двомеч со соодветната селекција на Словенија за пласман на Европското првенство (ЕП) в година во Данска, Норвешка и во Шведска. Првиот натпревар е закажан за утре во Скопје (СЦ „Борис Трајковски“, 20 часот), а возвратниот дуел е в недела во Копер (18.30 ч.). Во групата еден неделава двапати меѓу себе ќе играат Естонија и Литванија. Директен пласман на ЕП 2026 ќе остварат првите две селекции од секоја од осумте квалификациски групи и четири најдобри третопласирани.
– Воопшто нема да биде лесно. Словенија е меѓу осумте најдобри репрезентации во Европа и во светот. Се соочуваме со сериозен противник, кој на последните Олимписки игри играше во полуфиналето, а беше и петтопласиран на последното Европско првенство. Словенија секогаш има високи амбиции, специфичен стил на игра со одлична техника и тактика. Ќе се обидеме максимално да го искористиме овој период за подготовка и се надевам дека ќе се прикажеме во одлично светло. Имаме млада и полетна екипа, која одигра одлично на Светското првенство. Треба да ги повториме тие настапи и да не отстапуваме од нашиот стил на игра, да се бориме до крајот, исто како на дуелите на Мундијалот. Веруваме во позитивен резултат, а до него можеме да стигнеме само со голема борба и пожртвуваност во играта. Ако одиграме на нашето најдобро ниво, мислам дека можеме да ја оствариме целта – вели селекторот Кирил Лазаров.

Според информациите што доаѓаат од противничкиот табор, Словенија во Скопје ќе дојде многу ослабена. Последната вест е дека на селекторот Урош Зорман му откажале уште тројца повикани репрезентативци. Така, кон средината на неделава учеството на подготовките го откажа Миха Зарабец, а непосредно пред неделниот собир во Љубљана, националниот тим е пред уште три откажувања. Левото крило Ник Хенигман има проблеми со рамото, па наредната недела ќе биде подложен на дополнителни тестови, пикерот Миха Кавчич има повредена дијафрагма, а Тадеј Кљун проблеми со грбот.

Уште пред да биде објавен списокот со повикани играчи беше јасно дека поради повреди во составот на Словенија ќе ги нема Нејц Цехте, Рок Овничек, Клемен Ферлин, Борут Мачковшек и Митја Јанц, а се очекува заздравување на Домен Новак. Во однос на јануарските средби на Мундијалот на словенечкиот тим ќе му недостигаат 11 играчи, меѓу кои и долгогодишниот капитен Јуре Доленец. Наместо Зарабец, селекторот Урош Зорман на подготовките го повика Алекс Кавчич, а по новите откажувања уште двајца ракометари, дебитантите, левиот бек на Гросист Слован, Тарик Мливиќ (21), и десниот бек на унгарски Балатонфуреди, Тим Розман (26). Г.И.


ГРУПА 1

Естонија – Литванија утре, 18 ч.
Македонија – Словенија утре, 20 ч.

ТАБЕЛА
Словенија 2 2 0 0 65-53 4
Македонија 2 1 0 1 64-62 2
Литванија 2 1 0 1 54-63 2
Естонија 2 0 0 2 61-66 0