Имавме и добри и лоши моменти. Докрај бевме во игра за победа, но поснаодливи на крајот беа Литванците. Нема простор за паника, рече селекторот Лазаров
РАКОМЕТ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2026
Македонската машка ракометна репрезентација и во четвртиот официјален меѓусебен натпревар не успеа да ја победи Литванија, која овој пат на свој терен во Вилнус, во второто коло во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2026 година, третпат славеше, овој пат со 29-27 (13-12). Најефикасен во македонските редови беше Филип Кузмановски со осум гола, колку што имаше и Аиденас Маласинскас кај домаќините, од голманите Вилиус Расимаш имаше 15 одбрани од 41 удар, а Марко Кизиќ 10 од 30. Во вториот дуел од оваа група, Словенија на гости славеше против Естонија со 29-28, откако домаќините промашија пенал во последната секунда. По две кола Словенија има четири бода, Литванија и Македонија по два, а Естонија е без бодови.
– Бевме хендикепирани со повредите на Митев и на Џонов. И двајцата изразија желба да играат, но не беа доволно подготвени за ваков тип натпревар. Очекував тежок натпревар и тоа се случи. Тешко се победува на гостински терен ако не сте доволно добри, денес сите играат ракомет. Имавме и добри и лоши моменти. Докрај бевме во игра за победа, но поснаодливи на крајот беа Литванците. Нема простор за паника. Целта е Македонија да се пласира на Европското првенство. Мислам дека имаме реални шанси, другото ќе се обидеме да го поправиме и да го коригираме. Недостигаа браќата Костески и Јагуриноски, па имаме простор за напредок – напиша селекторот Кирил Лазаров на својата официјална веб-страница.
Од другите мечеви во второто коло изненадување направи Италија, која дома ја победи Србија, а Косово беше блиску до победа против Холандија дома, но на крајот мечот заврши без победник. Полска во завршницата ја запечати победата со еден гол разлика против Романија, откако имаше и девет погодока предност. Германија, Унгарија, Шпанија и Исланд обезбедија сигурни победи. Дуелот Швајцарија – Австрија донесе многу неизвесност со пресврти, а на крајот Австријците изедначија (29-29) во последната секунда. Поединечно, словенечкиот лев бек Домен Макуц постигна 13 гола (најдобар во колото), левиот бек на Украина, Игор Турченко, го подобри својот вкупен резултат во овие квалификации на 20 гола, откако 11 пати ја затресе мрежата на Фарски Острови… Директен пласман на ЕП 2026 обезбедија кодомаќините и европскиот првак Франција, а настап ќе остварат и по две првопласирани од осумте групи и четири најдобри меѓу третопласираните. Г.И.
ГРУПА 1
Литванија – Македонија 29-27
Естонија – Словенија 28-29
ТАБЕЛА
Словенија 2 2 0 0 65-53 4
Литванија 2 1 0 1 54-63 2
Македонија 2 1 0 1 64-62 2
Украина 2 0 0 2 61-66 0
Идно коло, 12.3.2025: Македонија – Словенија, Естонија – Литванија.