Нам ќе ни значи натпреварот, ќе играме на домашен терен пред полна сала, а тоа е мотивација плус. Го покажавме тоа и претходно кога трибините беа полни, a така беше и против Фарските Острови. Покажавме дека Македонија и народот веруваат во оваа наша млада и борбена репрезентација, а сега треба да го потврдиме тоа, иако веќе Мундијалот е минато, вели капитенот Кузмановски
РАКОМЕТ – МАКЕДОНИЈА ВЕЧЕРВА ИГРА СО СЛОВЕНИЈА ВО КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2026
Словенија е квалитетен противник. Сите знаеме со какви играчи располага. Секогаш се на големите турнири и одат на медал. Немавме многу време да ги следиме како играат на изминатото Светско првенство, ама знаеме дека и на Олимписките игри се бореа. Нам ќе ни значи натпреварот, ќе играме на домашен терен пред полна сала, а тоа е мотивација плус. Го покажавме тоа и претходно кога трибините беа полни, a така беше и против Фарските Острови. Покажавме дека Македонија и народот веруваат во оваа наша млада и борбена репрезентација, а сега треба да го потврдиме тоа, иако веќе Мундијалот е минато. Веруваме во себе, имаме добри играчи што имаат главна улога во своите клубови, вели капитенот Филип Кузмановски, пред денешниот дуел на македонската ракометна репрезентација во Скопје (СЦ „Борис Трајковски“, од 20 часот), со Словенија, во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) в година во Данска, Норвешка и во Шведска.
Двете селекции ќе играат меѓу себе и в недела, во Копер (18.30 ч.). Во вториот натпревар од групата еден во ова коло ќе играат Естонија и Литванија. Првите две селекции од секоја од осумте квалификациски групи и четири најдобри меѓу третопласираните, обезбедуваат пласман на ЕП 2026.
Словенечката репрезентација се соочува со голем број повредени играчи, што го натера селекторот Урош Зорман да смени дури 11 играчи во однос на оној тим кој настапи на годинашното Светско првенство. На подготовки беа 19 играчи од кои 15 се интернационалци (четворица од Германија, тројца од Франција, двајца од Шпанија и од Хрватска и по еден од Полска, Унгарија, Македонија и од Данска). На селекцијата во Скопје ќе им се придружат капитенот Блаж Јанц и Домен Макуц, кои во неделата имаа гостување со Барселона во шпанското првенство. Покрај организаторот на играта Јанц, големо искуство со македонскиот ракомет има и поранешниот член на Еурофарм Пелистер, Урбан Лесјак.
– Нѐ чекаат шест илјади македонски навивачи и мораме да бидеме подготвени за оваа атмосфера. Сите сме навикнати на натпревари под таков притисок, но овој може да биде малку посебен, затоа што Македонците носат бран позитивни резултати од Светското првенство – изјави за словенечките медиуми, голманот Урбан Лесјак.
Македонија осум пати беше дел од континентални првенства, а на големите натпреварувања (ЕП и СП) постојано игра од 2012 година. Словенија на ЕП настапила 14 пати, а најдобриот пласман го има во 2004 година, кога го освои сребрениот медал. Г.И.
РАКОМЕТ – ВО КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2026
Македонките од третиот барабан ќе ги чекаат ривалките
Македонија е во третиот барабан пред ждрепката на 20 март за квалификациските групи за пласман на Европското првенство (ЕП) за ракометарки в година, објави Европската ракометна федерација (ЕХФ). Тоа ЕП е прво што ќе се игра во пет држави, Романија, Полска, Чешка, Словачка и Турција. Во првиот барабан се Франција, Шведска, Холандија, Германија, Ц. Гора и Шпанија, во вториот се Словенија, Хрватска, Австрија, Швајцарија, Србија и Исланд, во третиот покрај Македонија се и Украина, Португалија, Италија, Грција и Косово, а во четвртиот се Фарски Острови, Финска, Израел, БиХ, Литванија и Белгија. Пласман на ЕП 2026 покрај кодомаќините обезбедија и трите најдобри селекции од ЕП 2024, Норвешка, Данска и Унгарија, а ќе се пласираат првите две репрезентации од секоја од шесте групи и четири најдобри меѓу третопласираните. Г.И.
ГРУПА 1
Естонија – Литванија 18 ч.
Македонија – Словенија 20 ч.
ТАБЕЛА
Словенија 2 2 0 0 4
Македонија 2 1 0 1 2
Литванија 2 1 0 1 2
Естонија 2 0 0 2 0