Круни што светат, солзи што болат и надеж што не згаснува – епилогот на една од најдраматичните ракометни сезони

Горан Ѓоргоновски ја анализира ракометната сезона 2024/2025 (2)

Од Битола до Скопје, низ дерби-возбудувања, млади ѕвезди и историски пресврти – ракометната 2024/25 ќе се памети

Горан Ѓоргоновски

Ја зеде палката во свои раце капитенот на битолчани, сериозно поддржан од неуништливиот Хосни, кој „бушеше“ кај што е најтенко, на петка во зоната 6-0, Тајник конечно презеде одговорност и покажа знаење карактеристично за најдобрата школа за средни бекови во светот на ракометот и секако Св. Никола на голот на Пелистер, човекот што целата негативна енергија и антагонизам спрема одредени структури покрај аут-линијата ја канализира во дузина одбрани, клучни за конечниот триумф.
Епилог, Пелистер, пред празна сала, го крена пехарот и најави кандидатура за вајлд-карта за учество во најквалитетно ракометно натпреварување, следната сезона. Епилог што го остави мистер Алонсо на клупата, како „мечкина услуга“ од страна на играчите за тимот следната есен, кога, според мојата теза, балонот ќе биде поголем и бељата од пукање многу поголема. Да бидеме живи и здрави, јас сум тука, ако погрешам ќе бидам прв што ќе ја признае грешката.

Вардар. Подготвувајќи се за ЛШ, со триумфот во Битола и „набилдан“ со самодоверба по освојувањето на Куп-трофејот во Охрид, на последниот меч, што би рекле некои ФБ-администратори (на сериозни клубови), не успеа да победи, а всушност загуби, па веќе почна со „набавка“ на сериозни засилувања за следната сезона и притоа, (не)очекувано остана без човекот од Буенос Аирес (добра клима или добар воздух), кој треба(ше) да донесе „позитивна клима“ во клубот. Живот. Којзнае за што е сето ова добро, што му се случи на „двократниот“.

Чупко се најавува како човек што ќе донесе атмосфера во тимот, сериозно ракометно поткован, со многу медали на градите, со „братска“ врска со Војводата, минимум искуство во водење еден голем клуб и шанса за етаблирање во светот на тренерите. Така е тоа, кога на нашите тренери не им даваме да возат „ферари“, затоа што се млади или немаат авторитет, а истите тие покажале дека можат и знаат, и тоа на туѓ терен, каде што домашните се приоритет.

Многу зборувавме периодов за Алкалоид и достигнувањата во Европа, за концептот што носи многу „наши деца“ на големата сцена, за одредени ликови, кои не се достојни за најголемиот бренд во државата. Без Митев и делумно Ѓоргиев, во вториот дел, Алкалоид промовира нови играчи за „големи дела“, загуби здив во трката за титулата и релативно лесно „се откажа“ од онаа во Купот. Треба да бидат задоволни, од напредокот на Галец, кој се „бруси“ за продажба од лето 2027, развојот на Тино, Аце Петко и малиот Митев, но и враќањето на мапа на Марко Кизиќ. Алкалоид „испазари“ доста мудро, барем засега. Го прекомандува 16-годишниот кадет од Мулти Есенс, роден кумановец, Ѓорѓи Николовски (кој треба до 2027 да биде „новиот“ Галец), го врати Михаил Иваноски како дел од триото десни бекови, ги „позајми“ Аларов, Костески и некогашниот ракометен бисер Ѓорговски, од најлутите ривали и го задржа во Македонија, барем уште една сезона, српскиот репрезентативец од редовите на Пелистер, Урош Борзаш. Доби во перспективност на голот и лево крило (Давид Трајкоски од Прилеп), засили во одбрана, додаде опција на десно крило и му даде последна шанса на Ѓорговски да покаже што знае. И тука уште една моја теза, за која ќе „одговарам“ следната сезона, а тоа е дека Урош Борзаш ќе биде најдоброто засилување на „сините“ од Автокоманда, играч што му е „насушна потреба“ на Лазаров, кој мислам дека ќе знае да го стави во систем и комплетно да го „исцеди“ неговиот капацитет. Ќе видиме.

А сега за делот што го промовира Пелистер во најуспешен (покрај титулата) оваа сезона. Три завршни турнири и учество на новопромовираниот финален турнир во рамките на ЛШ, за момци родени 2006-та и помали. И тоа во Келн.

Пионерите играа финале, на домашен терен, и загубија од ГРК Охрид, кој со Сани Џамтоска знае каде тера, промовирајќи нов ракометен бисер во генерација 2010-та и помали. Секоја чест. Останува потешката работа, да се пренесат низ систем, да се даде шанса, да се овозможат меѓународни турнири за тие деца (и од Охрид и од другите клубови) и да се „изделкаат“ во сениорски играчи. Титулите во младински категории се слатки, но и ништо не мора да значат.

Кадетите на Пелистер, убедливо најдобри, со неколку момци од оние што ќе играат викендов во Келн, совладувајќи го домаќинот Мулти Есенс во полуфиналето и „вечната“ Струга во борба за трофејот. Пролет ја комплетира „големата четворка“ во генерација 2008, како генерација на момци со сериозно голема перспектива. Колку клубот од Пролеќе ќе ги „испрати“ или изгуби истите тие, зависи од него самиот. Струка имаат во клуб, потребни се инвестиции и надградба.

Младинците, исто како и пионерите, во населба Бутел играа финале, влегоа како екипа што претходно е пласира во Келн (додуша без Хаџиќ во тимот, но со Цар Самоил). Финале или дуел што ги расчисти сомнежите за тоа, кој и зошто (не) е викнат во националната селекција. Очигледно Дарко од „Јави се јужна“ бил во право кога ме убедуваше во исправноста во изборот на неговиот сограѓанин, за првенството во Црна Гора, минатото лето. Пелистер убедливо го загуби финалето, од „натпреварувачки“ поподготвена екипа (Мулти Есенс), екипа што игра(ше) во прва лига (сениори), како клучна разлика во однос на другите. Како патоказ, кој е патот за развој на млади играчи. Но битолчани, а богами и Македонија, на одреден период го загуби и ракометниот џин, Цар Самоил Ристевски, поради банално „мерење“ кој е кој, добивајќи скршеница на ногата.

И за крај, ако сѐ уште ги читаш овие редови, ти си вистински ракометен фанатик и ти благодарам за вниманието, за поддршката, но и за изнесената критика. Сето тоа е дел од спортот, но и дел од она што јас волонтерски го создавам со пишување на овие редови.

Се радувам на враќањето на „принцот од Автокоманда“ на фундаментална позиција во ракометот, на Филип Талески во домашната лига, на подигање на свеста кај „двократниот“ за повеќе вложување во свој производ, за децата од Охрид, но и инвестициите во тој град. Фасциниран сум од љубовта и пасијата што ги имаат чкембарите кон брендот Пелистер, но и системот што го постави Алкалоид.
Го сакам Вардар, го обожавам Пелистер како ракометна реликвија, ги почитувам Алкалоид и македонскиот ракомет.

Се читаме од септември, тука на „Читај Ракомет со Горан Ѓоргоноски“, во најстариот дневен весник „Нова Македонија“.

Ракометот – локомотива на спортот и позитивните промени во нашата Македонија!