Горан Ѓоргоновски ја анализира ракометната сезона 2024/2025 (1)
Од Битола до Скопје, низ дерби-возбудувања, млади ѕвезди и историски пресврти – ракометната 2024/25 ќе се памети
Горан Ѓоргоновски
Старите велат, ако е забаено, само да не е забораено!
Се спушти завесата на една од најнеизвесните и најизрамнети сезони во историјата на македонскиот ракомет. Не дека не беше најавено или не беше очекувано. Но самиот финиш, од секој аспект, донесе филмска завршница, режирана само за ракометни сладокусци.
Прашањето е кој, по сѐ што се случи последните месец-два, е нај(не)задоволен?
Добре дојдовте на мојата последна или завршна колумна за натпреварувачка сезона 2024/2025.
Накратко. Пелистер, земено генерално, вклучувајќи ги тука и постигнатите резултати во младинските категории, доминира, партиципирајќи во завршните турнири во сите три категории, со забележителни и (не)очекувани резултати во секоја категорија посебно. Алкалоид продолжи да расте, и како екипа и како клуб, покривајќи ја сезоната со многу малери, преку големиот успех во Европа, добивајќи дополнителен позитивен идентитет, особено кај десноориентираните Македонци, со сите случувања и финалниот двомеч со јужниот сосед. И Вардар, кој беше на шеесет минути до двојна круна, и на домашен терен, го загуби, можеби најважниот натпревар, последните неколку години. И тоа од никој друг, туку од најголемиот спортски „душман“. Со тоа македонскиот спортски бренд ќе мора сериозно да ги промени плановите, почнувајќи со промена на тренер, па сѐ надолу. Не е сеедно!

Ќе стартуваме од денот Д. Седми јуни, „Јане Сандански“. Меч за титула. Битола доаѓа, на сѐ или ништо (купот загубен пред една недела), пред 5.000 комити, со ситни проблеми во однос на „нозете“, а големи во однос на „главата“, под притисок, што ќе биде ако (не) биде. Кој не играл меч на „полковник и покојник“ не може да има слика пред себе за каков психолошки притисок тука станува збор.
Само тие што беа во „Јане Сандански“ можат да потврдат дека ова беше еден од „најголемите“ спортски натпревари во независна Македонија, пред преполна сала, со две навивачки групи, неизвесност, пресврти, тензија, плачки и на крајот триумф на Пелистер, како Божја казна за скопјани, продолжувајќи ја „зелената ера“, „нацртана“ и планирана преку „платформата за Битола“, пред сега веќе, шест години. Неверојатно.
Без многу изненадувања, на двете страни, околу ростерот со кој располагаа и Мистер Алонсо и Сењор Милано, натпреварот, очекувано, и двете екипи го почнаа во грч, особено Пелистер, кој во зоната мораше со Борзаш на фундаментална позиција, што се почувствува како недостаток околу цврстината на истата таа. Дополнително, забележителна беше, нетипично, за големиот мајстор, нервоза и дефокус на голот на битолчани, со скромен ефект, за комплетирање на впечатокот, дека Пелистер ќе има тешка задача да се одбрани денеска. Вардар многу полесно доаѓаше до погодок, преку Борозан и Лазаревски, „фурајќи“ на индивидуален квалитет, без многу креативност во играта, ситуација што „ги красеше“, во текот на целата сезона. И функционираше сето тоа, резултатот го потврдуваше тоа. Стоилов, како десна рака на Аргентинецот, беше тој што се обидуваше со „цртање“ тактички детали да ја збогати индивидуално поставената игра на вардарци, како што беше случајот со Вуко Борозан и Матија Николиќ и на тој начин покажувајќи сенс и тактичка зрелост, но и искуство и присебност од сериозно помината километража на (нај)високо ниво во нашиот спорт.
На, другата страна, Борзаш, како никогаш досега, мотивиран до плафон, во желба да покаже дека бесправно бил критикуван и оспоруван, поддржан од Пешевски на „линијата“ беше нерешлива задача за зоната на „двократниот“. Борзаш, за кратко време запиша три погодоци од дистанца, и како со нож беше пресечен, неговиот понатамошен танц во нападот, веројатно, на сметка да биде до крајот свеж во зоната на битолчани. Ак, ова не беше причината, тогаш Мистер Алонсо има сериозен проблем со „водење“ екипа, затоа што Борзаш беше, како никогаш досега, нерешлив за зоната на Вардар, која е составена од двајца, можеби најдобри дефанзивци, на централни позиции и која беше нотирана како фактор што може да го одлучи победникот, но и зона што, за мене лично, има многу фалинки на, не помалку важните позиции, два и пет. Сето ова погоренапишано, иако звучи како равенка со безброј непознати, вклучувајќи ја тука и нестабилноста на голот на вардарци, беше, сепак, за нијанса поуспешно во однос на противникот, за мирни плус пет некаде во втората половина од првиот дел. Ситуација што навестуваше големо славење, прекинување на постот и планови за враќање во елитата на европскиот ракомет.
НО, секогаш има едно НО, кое „ја уништува среќата на девојката“.
(Продолжува)