Фото: РФМ

Пред нас е уште едно големо првенство. Ќе имаме доволно време да се подготвиме до почетокот на првенството, ќе одиграме и контролни натпревари на кои ќе можеме да го пробаме сето она што го подготвуваме, вели централниот бек Кузмановски. Репрезентативците ќе тренираат во Србија до понеделник, а по новогодишните празници подготовките ќе ги продолжат во Скопје до заминувањето за Вараждин, каде што ќе ги играат своите дуели во групата Д, со Унгарија, Холандија и со Гвинеја

РАКОМЕТ – ФИЛИП КУЗМАНОВСКИ ВО ПРЕСРЕТ НА СП 2025

Македонската ракометна репрезентација, предводена од селекторот Кирил Лазаров, веќе петти ден интензивно се подготвува во српскиот град Стара Пазова, за настап на претстојното 29-то Светско првенство (СП), во јануари 2025 година, во Хрватска, Данска и во Норвешка. Репрезентативците ќе останат во Србија до понеделник, а по новогодишните празници подготовките ќе ги продолжат во Скопје, сѐ до заминувањето за Вараждин (Хрватска) на 7 јануари, каде што ќе ги играат своите дуели во групата Д, со Унгарија (15 јануари), Холандија (17 јануари) и со Гвинеја (19 јануари).
– Расположението и мотивацијата се на највисоко ниво. Пред нас е уште едно големо првенство. Сите знаеме колку беше тешко да дојдеме до него и колку напорно работиме сите за да бидеме дел од овој колектив. Од првиот ден почнавме со анализа на нашите противници. Ќе се соочиме со квалитетни репрезентации, мора да бидеме добро подготвени и физички и тактички. Ќе имаме доволно време да се подготвиме до почетокот на првенството, ќе одиграме и контролни натпревари на кои ќе можеме да го пробаме сето она што го подготвуваме – вели централниот бек на Еурофарм Пелистер, Филип Кузмановски (28), пренесе Ракометната федерација на Македонија (РФМ).
Еден од помладата генерација ракометари на скратениот список на Лазаров за претстојниот Мундијал, трет со учество на 32 селекции, е и младиот голман Иван Галевски (20), кој ги брани боите на Алкалоид. И тој, како и многу поискусниот голман Никола Митревски, е оптимист во пресрет на најзначајниот ракометен репрезентативен настан во 2025 година.
– Чест и задоволство ми е што сум дел од овој колектив. Нѐ очекува голем предизвик, но тоа не треба да ни претставува притисок, туку, напротив, треба да биде еден мотив плус за секој ракометар да го даде својот максимум. Репрезентативните подготовки се одвиваат добро и се надевам дека подготвени ќе го дочекаме почетокот на СП – вели Галевски, пренесе РФМ.
Првите три репрезентации од секоја од осумте групи ќе играат во втората групна фаза на Мундијалот в година, во која ќе има четири нови групи, од кои, пак, двете првопласирани селекции ќе настапат во четврт-финалето. Групата Д во втората рунда ќе вкрсти со репрезентациите од групата Ц, во која се Франција, Австрија, Катар и Кувајт. За Македонија ова ќе биде деветти настап на светските шампионати, а вкупно 17-ти на големите турнири, заедно со европските првенства (ЕП). Црвено-жолтите од 2012 година не пропуштија ниту едно светско или европско првенство и претстојниот планетарен собир ќе биде 14-ти голем турнир во низа за црвено-жолтите. Најуспешна репрезентација на СП е Франција со шест трофеи, а потоа се Шведска и Романија со по четири пехари. Титулата на СП 2025 ќе ја брани репрезентацијата на Данска. Г.И.