РАКОМЕТ: МЕМОРИЈАЛ „МАРКО БОЖИНОВСКИ“

Фондацијата „Марко Божиновски“ информира дека третото издание на меѓународниот меморијален ракометен турнир „Марко Божиновски“, кој се одржува во чест на прерано починатиот ракометар и младински репрезентативец на Македонија, ќе се одигра од 14 до 16 јуни, во СЦ „Марко Божиновски“, во Ново Лисиче, Скопје.
Годинава на турнирот ќе има четири странски екипи, како и четири македонски суперлигаши, сите со кадетски состави (до 18 години). На турнирот ќе настапат: Војводина (Србија), Морнар (Црна Гора), Коњух (БиХ), Одорхеи (Романија), Алкалоид, Вардар, Пелистер и Бутел.
– Ве повикуваме и очекуваме од 14 до 16 јуни во СЦ „Марко Божиновски“ заедно да се забавуваме и да ги поддржиме идните ракометни ѕвезди, кои ќе нѐ направат горди носејќи го репрезентативниот дрес за неколку години – информираат од фондацијата „Марко Божиновски“, во пресрет на овој спортски настан.
На првото издание на овој меморијален турнир победник беше екипата на Нексе од Хрватска, додека на второто издание славеничкиот пехар го подигнаа младите ракометари на Алкалоид. Г.И.