Фото: „Нова Македонија“

РАКОМЕТ – НЕДЕЛА НА ЕХФ

  • Во првиот меч Македонија славеше со 29-27, а двата натпревара беа дел од подготовките на црвено-жолтите за претстојното Европско првенство, каде што Македонија е во групата Б со европскиот вицепрвак Данска, Португалија и со Романија

Македонската ракометна репрезентација го загуби вториот пријателски натпревар од Јапонија, со 31-32 (17-16), во спортската сала во Куманово, во рамките на неделата на Европската ракометна федерација (ЕХФ). Во првиот дуел, кој беше одигран во Скопје и беше од затворен тип, славеше Македонија со 29-27.
– Јапонија е екстра-квалитетен противник за тоа што нѐ чека на Европското првенство, која игра совршен и брз ракомет и заслужено победи. Немам забелешка за играчите, но можеби ни недостигаше уште малку поголем ангажман, но, сепак, ја искористивме можноста играчите што имаат помала минутажа да добијат шанса. Како никогаш досега во македонската репрезентација има многу играчи со сличен квалитет што ќе конкурираат за место на списокот за Европското првенство. Задоволен сум од тоа што има добра атмосфера во репрезентацијата – изјави Лазаров.
Во неизвесниот финиш, Јамада со два гола ѝ донесе предност на Јапонија, која црвено-жолтите успеаја да ја намалат на еден гол негатива. Најефикасен во македонските редови беше Мартин Серафимов со седум гола, а на голот Мартин Томовски имаше 12 одбрани.
Овие два натпревара беа дел од подготовките на црвено-жолтите за настап на претстојното Европско првенство, во јануари 2026 година, во Данска, Шведска и во Норвешка, каде што Македонија е во групата Б, со европскиот вицепрвак Данска, Португалија и со Романија. Г.И.