Стине Офтедал Дамке и Емил Нилсен се прогласени за најкорисни играчи (МВП) за сезоната 2023/2024
РАКОМЕТ
Прославената македонска ракометна легенда Индира Кастратовиќ на гала-вечерта во саботата во Виена (Австрија) и официјално беше примена во „Куќата на славните“. Десниот бек Кастратовиќ зад себе има впишано големи играчки клупски резултати со Кометал ЃП, европски првак (во 2002 година), но и репрезентативни, а најголемиот на Светското првенство во Германија (во 1997 година), каде што Македонија го освои одличното седмо место, а Кастратовиќ беше прогласена за најдобар стрелец на Мундијалот со 71 гол, по што стана препознатлива низ светот.
Моментно ја извршува функцијата директор на ЖРК Вардар. На оваа церемонија присуствуваше и најдобриот македонски ракометар на сите времиња, Кирил Лазаров, кој во „Куќата на славните“ влезе минатата година, а сега е селектор на македонската ракометна репрезентација и тренер на РК Алкалоид. Тој како играч го држи рекордот за најдобар стрелец на сите времиња, со 92-та гола постигнати на Светското првенство во Хрватска во 2009 година.
Наградите за извонредност почнаа со оддавање почит на легендите на спортот, односно со воведување 21 ново име во „Куќата на славните“ на ЕХФ. Седум ракометарки и 14 ракометари беа наградени за нивните достигнувања и за придонес во ракометот. Вечерта продолжи со наградите за „МВП на ракомет на плажа“, кои ги примија Рикардо Кастро и Меике Крујер, кои потоа на сцената ги следеа Петра Симон и Мартим Коста како добитници на наградата „Млади играчи на сезоната“. Новововедената категорија годинава „Европската олимписка награда за извонредност“ ја добија играчите што се истакнаа за време на ЛОИ 2024 во Париз, данскиот десен бек Матијас Гидсел и норвешката голманка Катрине Лунде.
Норвешкиот среден бек Стине Офтедал Дамке и данскиот голман Емил Нилсен беа прогласени за „најкорисни играчи“ (МВП) играчи во сезоната 2023/2024. И двајцата беа избрани за МВП од ексклузивната потесна листа, објавена во септември, во која беа вклучени и Клое Валентини и Лајн Хаугстед меѓу ракометарките, како и Дика Мем и Магнус Саугструп кај ракометарите, пишува Европската ракометна федерација (ЕХФ). Во јуни годинава, тие беа избрани во „Тимот на сезоната“ за 2023/2024 година, по гласањето во кое учествуваа играчите, тренерите, гледачите и медиумите, што беше првиот чекор за на крајот да бидат МВП.
Дамке е една од најуспешните норвешки ракометарки, која се повлече од ракометот по Летните олимписки игри (ЛОИ) годинава, по славната кариера што вклучуваше повеќе трофеи во клупските натпреварувања и со националниот тим. Заедно со Норвешка, таа освои пет европски титули (2010, 2014, 2016, 2020, 2022 година) и три светски круни (2011, 2015 и 2021).
Ланската сезона ѝ беше последна, а ја заврши откако ја освои третата титула во Лигата на шампионките (ЛШ) со Ѓер. Таа конечно успеа и да додаде златен олимписки медал во својата колекција на ЛОИ 2024, по двете претходни бронзи во 2016 и во 2020 година. Таа постигна 25 гола во осум меча за Норвешка на ЛОИ 2024.
Нилсен на 27-годишна возраст се етаблира како еден од најистакнатите голмани во ракометот, што се покажа како клучно за успехот на неговите тимови и на клупски и на репрезентативен план. Во јануари годинава, на Европското првенство, имаше вкупна ефикасност од 39,5 отсто, вклучувајќи и неверојатен настап во финалето против Франција. И покрај тоа што Данска го загуби овој натпревар, Нилсен ја доби наградата за играч на мечот. Само седум месеци подоцна, Нилсен беше дел од тимот што освои златото на ЛОИ 2024. На клупски план, Нилсен трета сезона е во еден од најуспешните тимови во историјата, Барселона. Во сезоната 2023/2024 ја освои својата прва титула во Лигата на шампионите, откако го освои третото место претходната сезона, пишува ЕХФ. Г.И.
Новопримени легенди во „Куќата на славните“
Голмани: Андреас Тиел (Германија), Матс Олсон (Шведска), Дејан Периќ (Србија), Луминита Дину (Романија). Лево крило: Герг Иванчик (Унгарија). Леви бекови: Никола Карабатиќ (Франција), Микел Хансен (Данска), Кармен Амариеи (Романија), Ања Андерсен (Данска). Средни бекови: Љубомир Врањеш (Шведска), Енди Шмид (Швајцарија), Миа Хермансон-Хогдал (Шведска), Стине Офтедал Дамке (Норвешка). Десни бекови: Фолкер Зербе (Германија), Стафан Олсон (Шведска), Индира Кастратовиќ (Македонија), Марта Манге (Шпанија). Десни крила: Лук Абало (Франција), Иван Чупиќ (Хрватска). Пикер: Игор Вори (Хрватска). Дефанзивец: Виран Морос (Шпанија).