Синоќа во второто полуфинале играа трикратниот и актуелен шампион Данска, која нема загубено официјален натпревар повеќе од една година, а не е поразена на СП осум години, и Португалија, која за првпат во историјата е во оваа фаза на СП и е без освоен медал досега
СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО РАКОМЕТ ЗА МАЖИ, ПОЛУФИНАЛЕ
Ракометната репрезентација на Хрватска е првиот финалист на 29. Светско првенство (СП), откако во Загреб со убедлива игра, која на моменти изнесуваше и девет гола предност, го совлада шесткратниот светски првак Франција со 31-28, пред 16.500 свои бучни навивачи. За играч на натпреварот беше прогласен Звонимир Срна, кој постигна седум гола, колку и Марин Јелиниќ, додека голманот Доминик Кузмановиќ уште еднаш беше фантастичен со 15 одбрани, од кои два седмерци. Кај Французите, Дика Мем реализираше осум погодоци. Избраниците на селекторот Дагур Сигурдсон, утре (18 ч), ќе играат во големото финале против победникот од синоќешниот дуел помеѓу трикратниот светски првак во низа Данска (2019, 2013, 2013) и пријатното изненадување Португалија (шести пат учествува на едно СП), кое се играше во Баерум, Норвешка. За Хрватска, која 16 пати настапила на планетарниот турнир, ова ќе биде петто финале, а досега има освоено едно злато (Португалија 2003), три сребра и една бронза. На последното СП беше деветтопласирана. По 2009 година, кога СП се играше исто така во Хрватска, „коцкестите“ успеаја да обезбедат нов меч за злато, односно ќе се обидат да дојдат до врвот по цели 22 години, во времето кога играше една друга генерација предводена од извонредниот Ивано Балиќ. За разлика од нив, Французите имаат вкупно 12 медали од СП, на последното во 2023 година беа втори и сега ќе се борат за својата петта бронза.
СИГУРДСОН: ЌЕ ДАДЕМЕ СЀ ЗА ДА ГО ОСВОИМЕ ЗЛАТОТО
Неверојатен, историски момент. Не можев да бидам посреќен. Сите играчи се херои, ова е фантастичен момент за нас. Беше важно да го започнеме натпреварот добро, а славевме како да сме го постигнале последниот гол на светските првенства. Второто полувреме беше тешко, бевме исклучувани, а играчите уморни, но тие се хероите. За жал, финалето не можеме да го играме овде, но ќе дадеме сѐ за да го освоиме златото – истакна хрватскиот селектор, Исланѓанецот Дагур Сигурдсон по натпреварот.
Неговиот колега од француската репрезентација, Гијом Жил, ѝ ја честиташе победата на Хрватска.
– Честитки за Хрватска за овој неверојатен натпревар. Им посакувам сѐ најдобро во финалето. Секогаш е посебно да се игра во оваа сала. На почетокот не го најдовме нашиот ритам поради квалитетот на хрватскиот состав, лошо игравме, но во второто полувреме имавме неколку можности да се вратиме резултатски. Сега мораме да се фокусираме на последниот натпревар, а и тоа ќе биде тешко – рече Жил.
Синоќа во второто полуфинале во Баерум (Норвешка), под услов Данска да ја победи Португалија и да ја продолжи серијата без пораз на 37 натпревари на СП, данското лево крило Магнус Ландин ќе стане еден од 10-те ракометари со најмалку четири светски титули, оти тој е еден од четворицата дански играчи што освоиле злато на СП во Данска/Германија (2019), Египет (2021) и Полска/Шведска (2023), заедно со десното крило Јохан Хансен, централниот бек Мадс Ларсен и одбранбениот играч Хенрик Молгард. Рекордот сѐ уште го држи Тиери Омејер, легендарниот француски голман, кој освои пет светски титули, а го следат уште пет француски играчи, Никола Карабатиќ, Жером Фернандез, Мишел Гигу, Даниел Нарцис и Седрик Сорхаиндо.
Кога Данска ја освои својата трета светска круна во 2023, таа беше првата селекција во историјата што ја бранеше титулата трипати во низа, што претставува неверојатен успех. Синоќа Данска беше на само 120 минути (не сметајќи ги евентуалните продолженија) од уште еден историски чекор. Пред тој натпревар, тие се во неверојатна серија од 35 мечеви без пораз, а нивниот последен неуспех е во осминафиналето на СП 2017 против Унгарија. Оттогаш, Данците победиле на 33 дуели и ремизирале на два, против Египет, во четврт-финалето 2021 (кога се квалификуваа по изведување на пенали), и против Хрватска, во главната рунда 2023 година.
На ова СП до синоќешниот дуел, во кој важеше за голем фаворит, Данска доминираше против своите противници. Не само што победија на сите седум меча, продолжувајќи ја низата без пораз, туку на шест од нив славеа со двоцифрена бројка, вклучувајќи го и четврт-финалето против Бразил. Но вчерашниот меч против Португалија сигурно беше нов тест. Противникот на Данска во полуфиналето немаше што да загуби. Беа аутсајдери на многу мечеви досега, меѓу кои и на оние против Норвешка, Шведска и Шпанија во прелиминарната и главната рунда, но… Така стартуваа и во четврт-финалето против Германија, но ја победија. И тие пред вчерашниот дуел со Данска уште не беа непоразени на ова СП и настојуваа да го остварат својот голем ракометен сон.
ГИДСЕЛ НА ЧЕКОР ВО ОДБРАНА НА ПРИЗНАНИЕТО ПРВ СТРЕЛЕЦ
Синоќа во второто полуфинале играа трикратниот и актуелен шампион Данска, која нема загубено официјален натпревар повеќе од една година, а не е поразена на СП осум години, и Португалија, која за првпат во историјата е во оваа фаза на СП и е без освоен медал досега. На хартија тој дуел пред почетокот изгледаше како битка меѓу Давид и Голијат. До овој меч Данска имаше постигнато најмногу голови, 258 (36,8 во просек по меч) или 18 повеќе од Португалија. Нивната голманска ефикасност е за неверојатни девет проценти повисока од онаа на Португалија (40,9 до 31,2 отсто). Тие исто така имаат примено четири гола помалку во просек (23,2 спрема 27,7 отсто) од Португалија. Бекот Матс Гидсел, пак, е во пол-позиција да го одбрани признанието за најдобар голгетер од претходното СП (60 гола), откако постигна 55 гола во неговите први седум натпревари, пет повеќе од Французинот Дика Мем, кој играше осум пати. Тој има 66 отсто шутерска ефикасност и, исто така, најверојатно ќе биде на врвот на табелата за асистенции, оти има само три помалку од Чилеанецот Родриго Салинас, кој со 41 води на врвот, информира Светската ракометна федерација (ИХФ).
Португалија исто така на ова СП е една од двете непоразени селекции што играа за пласман во финалето. Досега тие забележаа пет победи и два нерешени резултата, вклучувајќи ги и драматичното четврт-финале против Германија, кога во продолженијата славеа со голот на Мартим Кошта во последните секунди. Франциско Кошта има 44 гола, а Мартим Кошта 37, браќата што се главни носители на нападот на Португалија, само во нивниот втор настап на мундијалите. Португалија никогаш не ја победила Данска пред вчерашниот натпревар, губејќи ги сите шест меча против неа, вклучувајќи го и последниот на ОИ во Токио во 2020 година (28-34), во прелиминарната рунда. Ова беше првиот нивен дуел на едно СП. Г.И.
СП 2025
ПОЛУФИНАЛЕ
Франција – Хрватска 28-31
Данска – Португалија синоќа
Меч за трет место утре, 15 ч.
Франција – поразениот од мечот Данска – Португалија
Меч за прво место утре, 18 ч.
Хрватска – победникот од мечот Данска – Португалија