Македонија е нација со силна ракометна култура, со врвни клубови како Вардар, кои се натпреваруваат во ЛШ, Холандија има квалитетни играчи како Лук Стајнс од ПСЖ, а Унгарија ќе биде фаворит во групата, вели Кевин Деко, селектор на Гвинеја. Синоќа македонските ракометари имаа контролен дуел со Хрватска, пред почетокот на СП 2025, на кое се во групата Д со Унгарија, Холандија и со Гвинеја
РАКОМЕТ – ВО ПРЕСРЕТ НА СП 2025
Уште пет дена остануваат до почетокот на 29. Светско првенство (СП) во ракомет во Хрватска, Данска и во Норвешка, а сите селекции ги имаат завршните подготовки, меѓу кои и македонската, која прво беше во Стара Пазова (Србија), потоа тренираше во Скопје, а сега продолжува во Вараждин каде што синоќа имаше контролен дуел со Хрватска, пред првиот меч на СП 2025, со Унгарија, на 15 јануари.
Од ривалите на црвено-жолтите на СП 2025, Холандија го освои првото место на „Жолтиот куп“, 51-то издание на традиционалниот меѓународен турнир во Швајцарија. Холандија победи на дуелите со Косово (36-24) и со Италија (31-26), а загуби од Швајцарија (34-33). Холандија, Швајцарија и Италија имаа по четири бода, а победникот беше решен со помош на гол-разликата, при што Холандија имаше плус четири, Швајцарија минус еден, а Италија минус три, информира Интернационалната ракометна федерација (ИХФ).
Гвинеја ќе дебитира на СП во ракомет, а Французинот Кевин Деко се врати на улогата што ја остави пред 18 месеци кога ја презеде челната позиција на женската селекција на Тунис. Во таа улога, тој ги одведе до континентална бронза на женското Првенство на Африка во 2024 година, кое се одржа во декември во Киншаса (ДР Конго), а со тоа обезбеди и настап на СП 2025.
– Квалификациите за СП и играњето во Хрватска се повеќе од само чекор во нашата кариера, тоа е големо достигнување за нашиот тим, остварување на сонот за секој од нас и сведоштво за напорната работа, одлучноста и за страста што ги имаме кон ракометот во Гвинеја. Ова е кулминација на долгогодишна напорна работа, но и вистински извор на гордост. Немав можност да учествувам како играч, па ова ќе ми биде првпат како главен тренер – вели Деко.
Гвинеја има состав со таленти низ светот, со голем број клучни играчи што играат клупски ракомет во Франција.
– Македонија е нација со силна ракометна култура, со врвни клубови како Вардар, кои се натпреваруваат во Лигата на шампионите, а што се однесува до Холандија, тие имаат квалитетни играчи како Лук Стајнс, кој игра за ПСЖ. Унгарија ќе биде фаворит во групата, која секогаш завршува меѓу осумте најдобри на глобално ниво. Сепак, ќе играме без никаков комплекс и ќе имаме став дека нема што да загубиме. Горди сме што ги носиме боите на нашата земја и ја претставуваме Африка на светска сцена – вели Деко, пренесе ИХФ.
Впрочем, 2025 година ќе биде фантастична за ракометот, оти СП за мажи е во Хрватска, Данска и во Норвешка, а СП за жени во Германија и во Холандија во ноември и во декември. Машкото СП ќе биде трето издание со 32 репрезентации, со по осум групи од по четири селекции во прелиминарната рунда, од која првите три во секоја група ќе се квалификуваат во главната рунда, а последнопласираните одат во Президент-купот. Воведните мечеви на СП 2025 се во вторник, Италија – Тунис во Хернинг (Данска) и Франција – Катар во Пореч (Хрватска). Македонија досега настапила осум пати на СП, а најдобриот пласман го имаше во 2015 година, деветта, а на ЕП играла, исто така, осум пати, со најдобриот пласман петто место во 2012 година. Г.И.