Шпанија е фаворит за првото место во групата А, во која играат и Црна Гора, Чиле и Иран, а во групата Б се Франција, Полска, Саудиска Арабија и Словенија
РАКОМЕТ – ВИ ГИ ПРЕТСТАВУВАМЕ РЕПРЕЗЕНТАЦИИТЕ НА СП 2023 (1)
Во пресрет на Светското првенство (СП) во ракомет за мажи, од среда во Полска и во Шведска, следните неколку дена ќе ви ги претставиме репрезентациите учеснички.
ГРУПА А (Шпанија, Црна Гора, Чиле, Иран): Шпанија е фаворит за првото место во групата А, во која има селекции од три континента, две од Европа, по една од Азија и од Јужна Америка. За Шпанците ова ќе биде 21. учество на мундијалите. Тие триумфираа во 2005 и во 2013 година, а двапати во низа и на европските првенства (ЕП) во 2018 и во 2020 година. Шпанија во однос на претходните првенства ќе настапи со изменет состав, предводена од селекторот Жорди Рибера, кој ја извршува оваа функција од 2016 година. Искусните Виран Морос, Даниел Сармиенто, Хулен Агинагалде и Раул Ентрериос нема да играат, оти решија да се повлечат од репрезентацијата. Клучни играчи на Шпанија се голманот Гонзало Перез де Варгас, десниот бек Алекс Душебаев и десното крило Алеиш Гомез. За Црногорците ова ќе биде второ учество на СП, а пет пати во низа биле дел од ЕП. Селекцијата предводена од селекторот Зоран Рогановиќ, која беше едно од изненадувањата на ЕП 2022, повторно посакува добар пласман. Чиле ќе го има своето седмо учество на СП, а најголемиот успех го оствари во 2019 година, кога го освои 16-то место. Главни играчи се бековите Ервин Фојхтман, Родриго Салинас, Емил Фојхтман. Иран со новиот селектор Веселин Вујовиќ посакува да направи изненадување. Иран во 2015 година дебитира на СП (21-то место).
ГРУПА Б (Франција, Полска, Саудиска Арабија, Словенија): Франција досега освои 11 медали на СП, од кои најмногу златни, шест, еден сребрен и четири бронзени. За триколорите ова ќе биде 24-то учество на мундијалите. На претходното СП, во 2021 година, Франција беше четврта, но една година подоцна, на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио се закити со злато. ЛОИ беа последниот голем турнир за десното крило Лук Абало и левото крило Мишел Гигу, но на теренот остана искусниот Никола Карабатиќ, кој за Франција одигра 366 натпревари и постигна 1.257 гола. Франција ја предводи селекторот Гијом Жил, а во играта предничат десниот бек Дика Мем, голманот Венсан Жерар, средниот бек Карабатиќ и пикерот Лудовик Фабрегас. Полјаците имаат 16 учества на СП, трипати беа на подиумот на претходните осум шампионати, освоија сребро во Германија 2007 и бронза две години подоцна и во 2015-та. Најголема опасност за нивните ривали ќе доаѓа од десното крило Аркадиуш Морито, пикерот Мачеј Гебала и левиот бек Симон Сичко. Откако го имаше своето деби на СП 1997, Саудиска Арабија учествуваше уште осум пати на мундијалите. Селекторот на Словенија, Урош Зорман, на СП ќе настапи без неколку искусни ракометари, како што се Миха Зарабец, Сташ Скубе, Гашпер Маргуч. Словенија го оствари најголемиот успех на СП во 2017 година, кога го освои третото место. Играчи што доминираат се искусниот десен бек Јуре Доленец, десното крило Блаж Јанц и средниот бек Алекс Влах. Г.И.