КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2026 ЗА РАКОМЕТАРКИ
- Македонија вечерва гостува кај Белгија, а двете селекции в сабота ќе одиграат уште еден меч, во Куманово. Македонската репрезентација игра за да биде осми пат дел од европските првенства, а третпат во низа. Пласман на ЕП 2026 ќе обезбедат двете првопласирани селекции од секоја од шесте квалификациски групи и четирите најдобри меѓу третопласираните
Македонската репрезентација денеска на гости кај Белгија (20.10 часот) ќе ги продолжи квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) за ракометарки, годинава во Чешка, Полска, Романија, Словачка и во Турција. Вториот дуел помеѓу двете селекции во групата 3 е в сабота, во Куманово (17 ч.). Влезниците за тој натпревар се во продажба, по цена од 100 денари.
– Двомечот со Белгија е од големо значење за нас за пласман на ЕП. Знаеме што значи едниот и другиот натпревар, ќе пробаме да направиме позитивен резултат на гостински терен. Белгија е изненадувачки добра селекција, има ракометарки што играат во Франција и во Холандија и ќе мора да дадеме сѐ од себе за да имаме добар реванш во Куманово во добра атмосфера и полна сала. Секој гол ќе биде значаен за нас, но и за нив, оти и гол-разликата може да одлучува. Според мене, клучна ќе биде играта во одбрана, посебно на гости да примиме што помалку голови, а да постигнеме нешто повеќе, оти првиот меч на гости секогаш е потежок. Одиме чекор по чекор, не би изјавил ништо за вториот натпревар. Мислам дека ќе успееме и ќе направиме сѐ што можеме за да се вратиме со позитивен резултат од Белгија – вели селекторот Кристијан Грчевски.
По две кола, Македонија и Белгија се без бодови, а Германија и Словенија имаат по четири бода. Македонките во 1. коло, во Гумерзбах, загубија од Германија со 18-34, а во 2. коло во Битола од Словенија со 20-28. Македонија игра за осми пат да биде дел од европските првенства, а третпат во низа. Во вториот дуел од оваа група денеска играат Словенија и Германија. Пласман на ЕП 2026 ќе обезбедат двете првопласирани селекции од секоја од шесте квалификациски групи и четирите најдобри меѓу третопласираните.
– Ова е значаен двомеч со Белгија. Чувството е одлично, повторно сме заедно како репрезентација. Среќни сме што ги играме овие квалификации и верувам дека ќе ги поминеме. Секој наш собир ни претставува плус, а овој верувам дека ќе биде најдобар. Преовладува голема мотивација, и одреден притисок, но и верувам дека секоја девојка ќе го надмине тоа и ќе покажеме и докажеме што сме научиле во овој период – вели репрезентативката Катерина Дамјаноска. Г.И.
ГРУПА 3
Белгија – Македонија 20.10 ч.
Словенија – Германија 18 ч.
Македонија – Белгија сабота, 17 ч.
Германија – Словенија недела, 15.30 ч.
ТАБЕЛА
Германија 2 2 0 0 74-39 4
Словенија 2 2 0 0 57-42 4
Македонија 2 0 0 2 38-62 0
Белгија 2 0 0 2 43-69 0
































