Во македонскиот подмладен состав има седум ракометарки од домашното првенство, а 13 се интернационалки. Натпреварите се на 7 и на 8 март во Бор (Србија)
РАКОМЕТ – ПОДГОТОВКИ ЗА БАРАЖОТ ЗА СП 2025
Селекторот на македонската репрезентација Кристијан Грчевски го објави списокот со 20 ракометарки за двата пријателски дуела со Србија, во неделата на Европската ракометна федерација (ЕХФ). Натпреварите се закажани на 7 и 8 март во Бор (Србија) и се контролни дуели во пресрет на баражот во април за пласман на Светското првенство годинава во Германија и Холандија, за Македонија за средбата со Полска, а за Србија со Словенија.
Во македонскиот подмладен состав има седум ракометарки од домашното првенство, а 13 се интернационалки. Првиот собир е на 3 март во Скопје, а во составот се Јована Мицевска (Слатина, Романија), Матеа Чурлиновска (Деспина), Драгана Петковска (Михаловце, Словачка), Габриела Величковска (Чаир), Сара Ристовска (Рапид, Романија), Ивана Гакидова (Слатина, Романија), Ивана Џатевска (Варда Кезилабда, Унгарија), Пена Граматова (Војводина, Србија), Ивана Арсениевска (Униреа, Романија), Симона Маџовска (Звикау, Германија), Mоника Јанеска Килдан (Трабзонспор, Tурција), Емилијана Ризоска (Ѓорче Петров), Ива Младеновска (Брест, Франција), Ана Марија Коларовска (Ѓорче Петров), Јована Кипријановска (Самбре, Франција), Андреа Седлоска (Локомотива, Хрватска), Борјана Коцева (Металург), Лора Кузманоски (Шатунаф, Франција), Марија Јанкуловска (Металург), Катерина Дамјановска (Ѓорче Петров).
Според информациите што доаѓаат од Србија, за овие две средби норвешкиот селектор Бент Дал ги повикал Андреа Лекиќ, Драгана Цвијиќ, Катарина Крпеж-Жлезак, Катарина Томашевиќ, Марија Петровиќ, Сања Радосављевиќ, Катарина Бојчиќ и други. Г.И.