Од ракометното минато (8)
- На поранешните југословенски простори малиот ракомет први го заиграле загрепските екипи. Во Македонија втемелувач на новата игра бил РК Работнички, кој во 1952 година го организирал и првиот турнир во мал ракомет
Неколку години во Македонија вниманието на спортската јавност, освен кон фудбалот, беше насочено и кон големиот ракомет. За оваа игра и за резултатите што ги постигнуваа македонските екипи пишував во неколку продолженија, а сега ќе биде интересно да видиме како малиот ракомет, овој денешниот, стигна на нашите простори. И повторно како носител на сите активности во оваа игра се јавува Славко Матовски. Може слободно да се каже оти тој навистина беше и останува татко на ракометната игра на македонските простори.
Матовски во својата книга посветена на РК Работнички, кој беше прв ракометен клуб во Македонија, формиран веднаш по Втората светска војна, дава приказ како прво големиот ракомет стапил на сцена, а потоа ги опишува моментите и за тоа како, пак, малиот ракомет дошол на овие наши простори. Ќе цитирам еден дел од неговата книга, за да може поавтентично да се разбере, кога и каде оваа нова игра го потиснала големиот ракомет.
„Еден настан во ноември 1952 година ќе биде судбоносен за натамошниот развој на ракометниот спорт во Македонија. При гостувањето на загрепските екипи во голем ракомет, во некои европски земји тие се сретнале и со еден нов спорт што се играл со рака, но на помал простор и со седум играчи, не како во големиот ракомет, кој се играше на фудбалски терен со 11 играчи. Оваа игра била развиена особено во скандинавските земји. Летната активност од отворените терени во зимскиот период Скандинавците ја пренесувале во сала, на помал простор и со помалку играчи. Интересно е дека загрепските клубови во прво време не ѝ обрнувале особено внимание на оваа ракометна форма, сметајќи дека вистинската содржина на оваа игра е со 11 играчи и на големо игралиште. Но, поради брзиот развој на малиот ракомет во европските земји, некако природно било и РСЈ да биде поактивен и посериозно да гледа на новата игра, која имала сѐ повеќе приврзаници. Од тие причини во Загреб била одржана демонстрација на тоа како изгледа оваа игра, а биле презентирани и правилата. На ова јавно прикажување на малиот ракомет, кое било одржано на стадионот на Загреб, од Македонија присуствувале Славко Матовски, како стручно лице, и ракометниот судија Крсто Бојаџиевски“, пишува Славко Матовски во книгата.
Работнички основоположник на малиот ракомет
Во почетокот имало поделени мислења дали малиот ракомет е вистинската игра што треба да се развива или, пак, да се остане на она што дотогаш било практикувано и афирмирано, големиот ракомет. Меѓутоа, повеќето од стручните лица што присуствувале на првата демонстрација на мал ракомет во Загреб виделе многу интересни работи што во големиот ракомет недостасувале. Имено, ним им се допаднало тоа што малиот ракомет што се игра на помал простор е многу побрз и подинамичен. Исто така, во него, за разлика од големиот ракомет, многу побрзо топката се префрлала од еден до друг играч. Она што во сета работа било многу значајно е фактот што, за разлика од големиот ракомет, овде за игралиштата не треба да се бара некој голем простор, туку тие може да се постават дури и во училишните дворови. На тој начин, сметале стручњаците, оваа игра ќе им стане многу поблиска на учениците, зашто ќе им биде тука, пред очите, што се вели, ќе можат право од училишната клупа да се најдат на ракометниот терен. Така, тие ќе може да играат ракомет во секое време, а пред сѐ на часовите по физичко воспитување.
Откако се вратил во Скопје, Славко Матовски веднаш ги информирал одговорните во РК Работнички за новиот спорт и констатирал оти тој, според него, би можел многу да напредува и во нашата средина. Многу не се чекало и веднаш се разгледувала можноста каде би се трасирало игралиштето за малиот ракомет. Славко и за тоа веќе имал идеја, најдоброто место ќе биде покрај фудбалскиот терен на ФК Работнички, од страната каде што биле соблекувалните на фудбалерите. Местото одговарало според димензиите што биле потребни за ракометните игралишта, па веднаш биле преземени активности да се израмни земјениот терен на кој имало и зелени површини, но за почеток тоа не пречело, а подоцна би се направило игралиште според сите прописи. Битно било предлогот да биде прифатен од раководните луѓе во СД Работнички. Имало расположение и сите се согласиле, и ако не биде ништо, добро е барем да се проба и да се види што ќе донесе иднината. А, таа иднина веќе се наsирала и сите, особено Славко Матовски, имале чувство оти се на вистинскиот пат. И така беше, РК Работнички стана основоположник на новиот спорт, наречен мал ракомет.
Лесна адаптација кон новата игра
Со оглед на тоа што во РК Работнички имало и неколку кошаркари, воопшто не им претставувало проблем брзо да ги научат ракометните правила. Водењето на топката било слично како во големиот ракомет, со тоа што овде имало побрзи додавања и пренесување на топката, а не да се направат три чекори, па потоа да се удри топката и да се проигра некој од соиграчите. Сето тоа уште на првиот тренинг ракометарите го сфатиле и без проблеми се вклопиле во новата игра. Потоа, како во сите спортови, и овде имало многу иновации, но сето тоа не било никаков проблем, со текот на времето доаѓало и до комплетна адаптација кон она што го барале ракометните правила.
Интересно е оти првиот тренинг на импровизираниот терен се одржал без стативи, па така Славко Матовски, кој бил и играч и тренер, често се јавувал како арбитар за тоа дали е гол. Голови немало, „стативи“ биле два камена, а неретко и некоја тренирка од играчите. Затоа, често се јавувала дилемата дали топката навистина поминала низ голот. Ако настанела мала кавга околу тоа дали е гол, тука бил Славко да ја расчисти дилемата. Така, првиот тренинг поминал забавно и сите задоволни го напуштиле теренот. Потоа, одвај се чакал терминот на новиот тренинг, па така, ден по ден, тренинг по тренинг, малиот ракомет стигнал на нашите простори. И не само што стигнал туку добил многу приврзаници. Оваа игра веднаш ги освоила срцата на младите. Затоа, уште во првите моменти биле присутни оптимизмот и вербата оти овде, во овој спорт, ќе може да се постигнат добри резултати. И, навистина иднината го потврди тоа.
Колку играчите што учествувале на првиот тренинг во „мал“ ракомет биле задоволни од тренингот најубаво е опишано во книгата на Славко. Еве го и цитатот од неа: „Во приквечерината на овој ноемвриски ден, играчите на Работнички го завршија тренингот во спортската игра мал ракомет и, како што тоа често го правеа, се упатија на прошетка на скопското корзо. На своите пријатели им раскажуваа за ракометот на помал простор, меѓутоа не беа свесни дека на тој ден, во тие часови, ги удрија темелите на новиот спорт, кој наскоро масовно ќе биде прифатен од младината и ќе стане еден од водечките во градот и во Републиката“.
Импресионирани од убавините на овој спорт, кој веднаш бил прифатен, дотогашните играчи на голем ракомет и во кошарка ја виделе својата шанса за афирмација токму во овој нов спорт. Така почна да се плете една нова приказна, која и денес, од ден на ден, сѐ повеќе се збогатува.
Првиот турнир во чест на 29 Ноември
На вториот тренинг, во кој влегле со уште поголем ентузијазам, кај сите се родила идејата што побрзо „малиот“ ракомет да го презентираат и пред публиката. Така, најдобро ќе можеа да оценат или, пак, поарно кажано, да се уверат дали ваквиот ракомет е прифатен од спортските љубители. Но, за да се оствари овој предлог требало да има и други екипи. На тој план многу и не се размислувало, зашто во РК Работнички верувале оти оние клубови што дотогаш играа голем ракомет ќе го прифатат и „малиот“. Така и било, иницијативата веднаш била прифатена. Сите дотогашни екипи, Гимназијалец, Партизан 1 и Техничар (Средно техничкото училиште), дале согласност и изразиле готовност и тие да го практикуваат новиот спорт. Дури бил и договорен датумот за јавната демонстрација на малиот ракомет. Тоа бил 29 Ноември, Денот на Републиката, кој во поранешната држава многу се празнуваше и по тој повод се одржуваа многу манифестации. Така, во рамките на вкупната прослава на тој ден би се одиграл и турнир во мал ракомет, што би значело презентација на спортот кој допрва требаше да стапи на сцена.
За реализација на турнирот во РК Работнички биле задолжени Славко Матовски, Драган Геровски, Драгослав Лазиќ и Душко Ивановски. Значајна поддршка во подготовките и учеството на турнирот дале и наставниците по физичко воспитување Михајло Поп Тодоров и Драгиша Ѓорѓевиќ, како и првенците (предњаците) од ДТВ Партизан 1, познат и како Соколана. Токму во дворот на Соколаната имаше простор за да се лоцира игралиште, зашто и подлогата одговараше и беше од зрнеста маса (шљака). Таа не се менуваше со години, дури и јас кога се запишав во гимназијата „Цветан Димов“ на неа ги одржувавме часовите по фискултура, а тука ги игравме и меѓуучилишните натпревари во ракомет и во мал фудбал. Тука имаше и празен простор, кој беше приспособен за одбојкарско игралиште.
Конечно, откако сите подготовки биле завршени, на 28 и на 29 ноември 1952 година во скопска Соколана првпат се одржал турнир во мал ракомет. Интересирањето било големо и имало околу 1.500 гледачи. Многу од нив биле искачени на покривот и на терасите од Партизан 1. Победник на турнирот бил, според очекувањата, Работнички, со две победи и четири бода, на второ место со два бода и подобра гол-разлика се пласирал Партизан 1 пред Гимназијалец, а четврти бил тимот на Техничар.
































