На два дена до почетокот на Европското првентсво во Унгарија и Словачка, 24-те ракометни селекции од час во час ги согледуваат штетите што им ги прави коронавирусот пред самиот старт на натправрувањето. Селекторите не можат да планираат и да предвидат со кој состав ќе излезат на терен, а за тактика, стил и тип на игра, не станува збор. На последното тестирање пред денешното заминување за Дебрецин, македонската ракометна репрезентација имаше четворица позитивни ракометри и еден член на стручниот штаб.
– Ова што деновиве им се случува на ракометните репрезентации кои за два дена треба да ги започнат натпреварите на Европско првенство не е хумано од ниеден поглед. Коронавирусот прави сериозни штети врз целокупната слика на првенството. Од 1 јануари наваму секојдневно слушаме за одложени тренинзи, одложени контролни натпревари, позитивни ракометри, позитивни стручни тимови, нешто за што не е сеќавам дека во толкава мера се зборуваше лани во очи на Светското првенство во Египет – смета поранешниот репрезентативец Горан Ѓоргоноски.
Тој посочува дека на овогодинешното првенство, ниту играта, ниту резултатот, нема да бидат вистинска слика за квалитетот на европските ракометни селекции.
– Мислам дека епилогот од ова ЕП ќе биде нереален. Селекторите до самиот почеток на мечот ќе стравуваат со кој тим ќе излезат на терен, еден позитивен ракометар може целосно да ја смени концепцијата на играта, било да е од напаѓачката или одбранбената линија, а да не зборуваме ако се повеќемина или пак дојде до ситуации како оние на селекциите на Србија и на Црна Гора, чии селектори се позитивни и нема да можат да патуваат со селекциите – вели Ѓоргоноски и додава дека факторот „среќа во здравјето“ ќе биде пресуден за тоа кој до каде ќе стигне на ова првенство.
На ЕП во Унгарија и Словачка, Македонија ќе биде дел од групата А, во која прв противник ќе ѝ биде селекцијата на Словенија на 13 јануари (18 ч. – пренос на МТВ), а потоа следуваат дуелите со Црна Гора (15 јануари – 18 ч.) и со Данска (17 јануари – 20.30 ч. ). Пласман во главната фаза од натпреварувањето обезбедуваат двете најдобропласирани селекции по групната фаза. Улогата на бранител на титулата ја има селекцијата на Шпанија која европскиот трон го поседува од ЕП 2018 во Хрватска.
Селекторот на Словенија, Љубомир Врањеш, на располагање ќе има 19 ракометари за ЕП. Покрај голманот Урбан Лесјак, кој имаше позитивен тест на коронавирус, во последен момент отпадна и средниот бек на Нант, Рок Овничек, кој има повреда на рамото.
Кај Црногорците пак покрај селекторот Зоран Рогановиќ не е во можност да ја води селекцијата поради позитивниот тест, на првите два меча против Данска и Македонија нема да игра ниту еден од најдобрите стрелци, Милош Божовиќ. Неизвесен е и пикерот Небојша Симовиќ, а десниот бек Стефан Чавор се пожалил на болки во грлото и чека резултат од ПЦР тест.
Селекцијата на Данска засега како позитивен го има пријавено само голманот Јаник Грин.
Македонските репрезентативци имаа ново тестирање утринава, па по добивањето на резултатите, селекторот Кирил Лазаров ќе го објави списокот на ракометари за ЕП, кои со чартер лет ќе патуваат за Дебрецин.