РАКОМЕТ – МАКЕДОНИЈА ГО СОВЛАДА БАХРЕИН НА „ЖОЛТИОТ КУП“ ВО ВИНТЕРТУР
- Прв стрелец во македонските редови беше капитенот Филип Кузмановски со девет гола, додека Мартин Велковски, Иван Џонов и Ненад Костески реализираа по пет пати
Машката сениорска ракометна репрезентација на Македонија предводена од селекторот Кирил Лазаров го почна со победа меѓународниот турнир „Жолт куп“, кој се одржува во швајцарскиот град Винтертур. Совладана е селекцијата на Бахреин со четири гола разлика (32-28), односно во вториот дел македонските ракометари постигна два гола повеќе отколку во првите 30 минути (15-13). Во вториот натпревар на турнирот, Швајцарија убедливо ја совлада Украина со 38-27.
– Сакам да им честитам на сите за победата. Имавме тежок натпревар за играње, но тоа беше само подготвителен меч. Ние од дуел во дуел ќе бидеме подобри, работиме на тоа. Секогаш како индивидуалец целам на подобро, мислам дека сите можеме многу подобро. За тоа треба да ги намалиме нашите осцилации на мечевите и верувам дека ќе бидеме подобри на дуелите што ни следуваат – изјави по победата, средниот бек Игор Ѓоргиев.
Ова, секако, е добар знак пред почетокот на претстојното Европско првенство (ЕП), кое од 15 јануари до 1 февруари ќе се игра во Данска, Норвешка и во Шведска, во конкуренција на 32 национални селекции. Победата е дотолку поголема, ако се знае дека Бахреин е незгодна селекција, која негува брз ракомет, и што е најважно е во постојан подем. За тоа говори и фактот што досега настапила на шест светски првенства (СП), иако нема позначајни успеси. Првиот настап го има во Шведска 2011, кога го освоила 23-то место, но затоа, пак, во низа има настап на последните пет СП, а на последното во 2025 година завршила на 29-то место. Македонија и Бахреин еднаш играле меѓу себе на СП, и тоа во 2019, а победила Македонија со 28-23.
Прв стрелец во македонските редови беше капитенот Филип Кузмановски со девет гола, додека Мартин Велковски, Иван Џонов и Ненад Костески реализираа по пет пати, додека голманите Никола Митревски и Мартин Томовски имаа по седум успешни интервенции. Селекторот Лазаров на овој меч им даде можност да влезат во игра на сите ракометари.
Вториот натпревар на овој турнир беше закажан за вчера, кога избраниците на селекторот Лазаров за противник ја имаа селекцијата на Украина, која досега настапила на седум ЕП, но никогаш не била под 10-то место (12., 11., 15., 12., 16., 19.), додека на последниот настап во 2022 година во Унгарија и Словачка, завршила последна, 24-та. Македонија и Украина се сретнале на ЕП во 2020 година, а славеле црвено-жолтите со 26-25. Украина на СП има два настапа, во Франција 2001 (седмо место) и во Германија 2007 (14.). Противник по мера за проверка на некои тактичко-технички варијанти во нападот и во одбраната.
Денеска, пак, Македонија ќе го одигра последниот натпревар на турнирот против домаќинот Швајцарија (17.45 ч). Швајцарците пет пати биле дел од ЕП со пласмани на 13-то, 12-то, 14-то, 16-то место, додека на последното ЕП во Германија 2024 завршиле 21. меѓу 24 селекции, кога Македонија славеше со 29-27. На СП, пак, има 12 учества, од кои на двапати завршила четврта, првиот пат во 1954, а вториот во 1993 година, и двете одржани во Шведска. На последното СП во Хрватска, Данска и во Норвешка 2025, се пласирала на 11-то место од 32 репрезентации.
Според планот, заминувањето на црвено-жолтите за Данска е планирано за 11 јануари. Македонија го почнува ЕП во данскиот град Хернинг против домаќинот Данска на 16 јануари (20.30 ч.), два дена подоцна следува мечот против Португалија (18 ч.), а на 20 јануари ќе игра со Романија (18 ч.). Г.И.
































