РАКОМЕТ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2026
- За денешниот меч со Македонија, во составот на селекцијата на Германија, која веќе се пласира на ЕП 2026, ќе има и неколку дебитантки, а три стандардни ракометарки не се на списокот на селекторот Маркус Гаугиш
Женската ракометна репрезентација на Македонија денеска во Скопје ќе го одигра претпоследниот натпревар од групата три, со Германија, во квалификациите за Европското првенствo (ЕП) годинава во Чешка, Полска, Романија, Словачка и во Турција. Мечот се игра во СЦ „Борис Трајковски“, со почеток во 18 часот, а влезот во салата е слободен.
Германија, која веќе се пласира на ЕП 2026, во Скопје ќе дојде со малку изменет состав, односно ќе има и неколку дебитантки, а три стандардни ракометарки не се на списокот на селекторот Маркус Гаугиш. Така, поради повреда ќе ги нема стандардните Сара Вахтер, Аника Лот и Марлен Тухолке, а во репрезентацијата се враќа голманката Катарина Филтер, која беше прогласена за ракометарка на годината во Германија, но ќе настапи само на домашниот дуел со Белгија, додека Лена Дегенхарт ќе биде во составот. Во составот е и единствена интернационалка Вон Переира, која игра во дански Копенхаген. Плејмејкерката Алина Грајсилс е повикана и за натпреварот во Скопје како замена за повредената Лот, иако беше најавено дека ќе игра само против Белгија.
По одиграните четири кола досега, Германија веќе се квалификува како победник во групата три за ЕП 2026, втора е Словенија, трета е Македонија, а четврта е Белгија. Ждрепката за прелиминарната рунда на групите на ЕП 2026 ќе се влече идната недела во Катовице (Полска). Мечот од 6. коло Македонија ќе го игра в недела, со Словенија, на гости, во Велење (од 18 ч.). Ако Македонија се пласира на ЕП 2026, тоа ќе биде осми настап, а трет по ред. Двете првопласирани селекции од секоја од шесте квалификациски групи и четирите најдобри меѓу третопласираните обезбедуваат пласман на ЕП.
Германија, состав: Мари Веис (Мецинген), Лаура Куске (Турингер), Јени Беренд (Олденбург), Јана Валтер (Лајпциг), Нина Енгел (Бенсхајм), Лара Добле (Гепинген), Марике Томајер (Бенсхајм), Алина Гријселс (Борусија Д.), Нике Куне (Бломберг), Аиме Вон Переира (Копенхаген), Лена Дегенхарт (Бенсхајм), Дана Блекман (Борусија Д.), Антје Дол (Некарсулмер), Кјара Рор (Хановер), Лиса Антл (Борусија Д.), Мари Штефен (Олденбург). Г.И.
































