Фото: „Нова Македонија“

Во рамките на првото коло од групата Б, Еурофарм Пелистер во Битола го совлада Загреб со 25-23

РАКОМЕТ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Ракометарите на Еурофарм Пелистер, на свој терен во Битола, ја совладаа екипата на хрватски Загреб со 25-23, во рамките на првото коло од групата Б во Лигата на шампионите (ЛШ) и со тоа ги освоија првите бодови во ова најквалитетно клупско натпреварување.
– Многумина ми зборуваа за атмосферата тука, но додека не ја почувствуваш самиот, не знаеш каква е магијата во оваа сала. Многу е лесно да се игра тука со ваква навивачка поддршка. Многу е важно да победуваме во дуелите што се клучни за нас во групата. Знаеме дека ова не е нашето најдобро ниво, можеме многу да напредуваме и фокусирани сме на тоа. Сега веќе се фокусираме на гостувањето во Париз – изјави по натпреварот, тренерот на битолчани, Шпанецот Рубен Аренас Гарабаја.
Левото крило Дејан Манасков беше најефикасен кај пелистерци со осум гола, додека шест постигна левиот бек Филип Кузмановски, а кај Загреб предничеше десното крило Филип Главаш со седум погодоци. Во следното коло на 18 септември, Еурофарм Пелистер му гостува во Париз на ПСЖ.
Во вториот натпревар од ова група одигран истиот ден, бундеслигашот Магдебург го победи ПСЖ со 37-31. Г.И.