Фото: ЕПА

ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ЗА РАКОМЕТАРИ

 

  • Французите го срушија рекордот за вкупно најмногу постигнати голови на едно ЕП во ракомет за мажи, кој претходно изнесуваше 42 гола. Тие на ова ЕП по третпат постигнаа над 40 гола во пет натпревари, што претставува одлично ефикасно достигнување

Во натпреварот од второто коло на главната рунда (група еден) на Европското првенство (ЕП) 2026 за мажи, бранителот на европската титула Франција, во Хернинг (Данска), ја совлада индиспонираната Португалија со 46-38. Французите имаа само четири промашени шута во првиот дел, додека португалските голмани заедно имаа само една одбрана, а браќата Коста заедно имаа два гола. Вкупно 13 играчи на Франција што излегоа на теренот постигнаа најмалку по еден гол, а доминираше играчот на натпреварот Дика Мем со осум гола од осум шута. Со овој резултат Французите го срушија рекордот за вкупно најмногу постигнати голови од една репрезентација на едно ЕП во ракомет за мажи, кој претходно изнесуваше 42 гола. Тие на ова ЕП по третпат постигнаа над 40 гола во пет натпревари, што претставува одлично ефикасно достигнување Французите на ова ЕП по третпат постигнаа над 40 гола во пет натпревари, што претставува одлично ефикасно достигнување. Претходно Французите против Украина на ова ЕП го израмнија и рекордот за најголема разлика во еден натпревар (20 гола), заедно со победата на Чешка (38-18) против Македонија на ЕП 1998 година во Италија.
Потоа дојде ова неочекувано и историско прво полувреме против Португалија на ЕП 2026. Резултатот од полувремето 28-15 беше и најмногу голови постигнати во едно полувреме од двата тима (43), претходниот рекорд беше 42 гола во второто полувреме (22-20) од дуелот помеѓу Белорусија и Исланд на ЕП во 2016 година во Полска. Овие 28 француски гола исто така поставија рекорд за најмногу голови постигнати од една селекција во едно полувреме на финален турнир на ЕП, соборувајќи го претходниот рекорд од 26 гола на Полска против Белорусија во 2014 година. Разликата од 13 гола беше и најголемата разлика на полувремето на ова ЕП. По ова коло, Германија е единствена со шест бода, Данска и Франција имаат по четири, Норвешка и Португалија по два, а само Шпанија е без бодови. Г.И.


Блесок на голманите

Германскиот голман Андреас Волф речиси сам ја осигури победата на Германија над Норвешка во нивниот втор меч од главната рунда на ЕП 2026. Тој имаше 22 одбрани или 44 отсто. Неговиот настап речиси го засени исклучително солидното шоу на норвешкиот голман Торбјорн Бергеруд, кој одбрани 40 отсто од шутевите на Германија на полувремето, а заврши со 10 одбрани (31 отсто).
– Можеме да му се заблагодариме на Андреас за овие два бода. Тој имаше одлична, неверојатна игра, и без сомнение нѐ спаси – призна селекторот на Германија, Алфред Гисласон.
Нивните противници исто така беа импресионирани.
– Волф одигра неверојатен натпревар. Знаеме дека е добар, но чудно е како не успеавме против него – призна норвешкиот бек Тобијас Грондал.
Но, Волф и Бергеруд не беа единствените голмани што блескаа. Во претходниот меч Емил Нилсен повторно беше херој на Данска со 14 одбрани во победата со 36-31 над Шпанија.
– Поради неколку големи одбрани од Емил, успеавме да поведеме – рече селекторот на Данска, Николај Јакобсен.
Волф и Нилсен беа прогласени за играчи на натпреварот. Во нивните претходни дуели Нилсен одбрани 11 удари против Франција, а Волф 13 против Португалија. Волф беше олстар-голман на ЕП 2016, СП 2023 и ЕП 2024, а Нилсен беше најдобар голман во сезоната во 2024 и 2025 година и МВП на сезоната во 2025 година, како и олстар-голман на СП во 2025 година.
Но тие се далеку од тоа сами да се издвојуваат на ова ЕП. Заедно со Волф и Нилсен, Унгарецот Криштоф Паласич освои две награди. Кога ќе се разгледа статистиката на голманите, Волф е убедлив лидер со 57 одбрани (вклучувајќи 35 во двата меча од главната рунда) пред Бергеруд (47). Но Паласич речиси сигурно се очекуваше да го престигне Бергеруд откако Унгарија вчера играше против Словенија, оти имаше 46 одбрани на четири меча. Паласич има најдобра просечна стапка на одбрани од водечките голмани, 11,5 по меч, Волф има одбрани во просек 11,4 шута по меч. Паласич е исто така најдобриот играч што се соочува со пенали, со пет одбрани од 14 удари, една повеќе од Нилсен (4/20), Халгримсон (4/15) и Французинот Чарлс Болзинже (4/12). Емил Нилсен има 45 одбрани, официјално на пет меча, но технички во четири оти не играше со Романија. Тој ден неговиот колега Кевин Мелер беше прогласен за играч на мечот со 17 одбрани (44 отсто). Заедно со Паласич, Швајцарецот Никола Портнер (41 одбрана во четири меча) и Исланѓанецот Виктор Халгримсон (38) можеа да додадат повеќе одбрани вчера, пишува ЕХФ.
По некомплетното трето коло на ЕП 2026, на врвот на листата на стрелците и понатаму води Португалецот Франциско Коста со 63 гола од 43 шута (68,2 отсто) од пет натпревари. Засега најмногу асистенции има Данецот Матијас Гидсел, вкупно 26 на пет меча (5,2), а најдобар голман е Германецот Андреас Волф со 57 одбрани од 165 шута (31,13). Најефикасна репрезентација, пак, и понатаму е Франција, со вкупно 201 гол од 288 шута (69,8 отсто) на пет меча… Г.И.


ГЛАВНА РУНДА

ГРУПА 1. Резултати 2. коло: Франција – Португалија 46-38, Шпанија – Данска 31-36, Германија – Норвешка 30-28. Табела: Германија 6, Данска 4, Франција 4, Норвешка 2, Португалија 2, Шпанија 0. Двојки 3. коло (денеска, во Хернинг): Португалија – Норвешка (15.30 ч.), Шпанија – Франција (18 ч.), Данска – Германија (20.30 ч.)
ГРУПА 2: Резултати 1. коло: Исланд – Хрватска 29-30, Швајцарија – Унгарија 29-29, Словенија – Шведска 31-35. Табела: Шведска 4, Исланд 2, Словенија 2, Хрватска 2, Унгарија 1, Швајцарија 1, Двојки 2. коло (вчера во Малме): Словенија – Унгарија, Исланд – Шведска, Швајцарија – Хрватска.