Европската ракометна федерација (ЕХФ) воведува ново натпреварување за репрезентации и ги реформира Лигата на шампионите (ЛШ) и Европската лига (ЕЛ). Извршниот комитет ги потврди плановите на ЕХФ за одржување „Европски ракометни игри“ од 2030 година, на кои ќе играат по осум најдобри европски машки и женски репрезентации, а наградата е висока: ЕХФ има цел да додели место на Летните олимписки игри (ЛОИ), објави ЕХФ. Одлуката за воведување ново натпреварување е дел од поширок потег за кревање на вредноста и видливоста на европскиот ракомет на следно ниво, пишува ЕХФ.
– ЛОИ 2028 во Лос Анџелес и ЛОИ 2032 во Бризбејн ќе се одржат надвор од Европа. Со воведувањето на „Европските ракометни игри“, ЕХФ гарантира дека ракомет на олимписко ниво ќе се игра и во Европа во овој циклус, а европското место на ЛОИ е крајната награда. Како и со клупските натпреварувања сакаме да го направиме следниот чекор и за репрезентациите. Следно ниво. Секој меч. Тоа е нашето мото. Европските ракометни игри ќе се одржуваат секои четири години – рече претседателот на ЕХФ, Михаел Видерер, пренесе ЕХФ, која пишува и дека воведувањето на „Европските ракометни игри“ оди рака под рака со воспоставување различен формат за квалификациите за светските првенства.
ЛШ ќе се прошири на 24 екипи (сега играат 16), а Европската лига ќе се игра со 32 екипи, почнувајќи веднаш со групна фаза. Во ЛШ ќе има шест групи, првопласираните две од секоја група ќе играат во втората групна фаза, а тие на третото и на четвртото место ќе продолжат во ЕЛ. Дванаесетте тима во главната рунда на ЛШ ќе бидат поделени во две групи, а првопласираните четири ќе играат во четврт-финалето. Двата тима на петтото место ќе продолжат во осминафиналето на Европската лига, која, пак, во почетокот ќе има осум групи (почнува директно со групната фаза, нема да има квалификации), од кои најдобрите две ќе настапат во плејофот, дополнет со дванаесетте тима од ЛШ, пишува ЕХФ. На 14-те победници ќе им се придружат двата тима од ЛШ за да го комплетираат осминафиналето. Новите формати ќе бидат воведени со почетокот на сезоната 2026/2027, ќе се почитува меѓународниот ракометен календар, во ЛШ вкупниот број мечеви останува ист и ќе следува понатамошна координација со клубовите и со медиумските партнери, пишува ЕХФ.
– Нивото на квалитет меѓу европските клубови е толку високо што обете лиги ќе бидат неверојатно конкурентни, зголемувајќи ја нивната привлечност за гледачите, медиумите и за партнерите и позиционирајќи два производа на пазарот што ќе бидат уште посилни отколку што се веќе сега – рече Видерер.
ЕХФ потврди дека ќе следува реформа на женските клупски натпреварувања на почетокот од сезоната 2027/2028. Н.М.




































