Фото: ЕПА

Некои велат дека талентот е сѐ, додека други веруваат дека успехот доаѓа со искуство, а играчите вклучени во „Клубот 1.000“ сигурно ги имаат и двете работи, оти низ годините прикажаа извонредни вештини и решителност, пишува Европската ракометна федерација на својата интернет-страница

РАКОМЕТ

Во натпреварување на највисоко ниво како што е Лигата на шампионите (ЛШ) во ракомет, четири играчки легенди успеаја да поминат значајна голгетерска граница во својата кариера, постигнувајќи над 1.000 гола во најсилното европско клупско натпреварување. Некои велат дека талентот е сѐ, додека други веруваат дека успехот доаѓа со искуство, а играчите вклучени во „Клубот 1.000“ сигурно ги имаат и двете работи, оти низ годините прикажаа извонредни вештини и решителност, пишува Европската ракометна федерација (ЕХФ) на својата интернет-страница.
Прв е Кирил Лазаров, кој не е веќе активен како играч, а последен клуб му беше француски Нант (вкупно постигна 1.482 гола). Еден од најдобрите играчи на сите времиња, македонскиот десен бек, си го заслужи своето место во историјата на ЛШ по неверојатната кариера во која беше и освојувањето на трофејот во 2015 година, со Барселона, пишува ЕХФ. И покрај тоа што Лазаров најави пензионирање во 2022 година, тогаш со 42 години, тој остана на врвот на табелата во ова натпреварување. Неговиот 1.000-ти гол беше против Алингсас во 2014 година во неговата втора година со шпанска Барселона, пишува ЕХФ.
Второто место во вкупниот пласман не е резервирано за никој друг туку за суперѕвездата Никола Карабатиќ (39), член на Пари сен Жермен, со 1.194 гола. Левиот бек е во последната сезона како професионален играч, но покажа дека има уште некои работи да докаже. По освојувањето на годинашното Европско првенство со Франција, тој сега е целосно фокусиран на својот настап со ПСЖ во ЛШ. Покрај достигнувањата со репрезентацијата, тој е трикратен освојувач на Лигата на шампионите со три клуба, со Монпелје, Кил и со Барселона.
Русинот Тимур Дибиров, член на Загреб, е трет со 1.163 гола. Легендарното лево крило го имаше својот прв настап во ЛШ во сезоната 2004/2005 со Чеховски медведи и беше постојано присутен во ова натпреварување низ годините. Со своите 40 години, Дибиров продолжува да игра на највисоко ниво со Загреб, на кој му се приклучи во 2022 година по деветгодишниот престој во Вардар, со кој освои две титули во ЛШ (2017 и 2019 година), а на инаугуративните награди за извонредност на ЕХФ во јуни лани Дибиров беше прогласен за најдобро крило, како признание за неговиот придонес за спортот, пишува ЕХФ.
Микел Хансен, член на дански Алборг, е четвртиот, со 1.120 гола. Данскиот лев бек е најмладиот играч вклучен во „Клубот 1.000“, како и единствениот што нема трофеј во ЛШ. Хансен ја почна својата импресивна кариера во својата родна земја, во ГОГ, пред да го продолжи своето професионално играње во Барселона и во ПСЖ. Сега тој се врати во Данска и е подготвен да се бори за толку посакуваната титула со Алборг. Г.И.