Разврска од ракометниот супервикенд: Вардар останува непоразен, Алкалоид загуби уште еден бод на свој терен
- Четирите кандидати за (нај)висок пласман ги вкрстија копјата меѓу себе и, според резултатите, уште еднаш го потврдија општото мнение дека сезонава ќе биде и сериозно квалитетна, но и максимално израмнета
Горан Ѓоргоноски
Зад нас е викенд, или подобро кажано супервикенд, од македонската ракометна суперлига. Четирите кандидати за (нај)висок пласман ги вкрстија копјата меѓу себе и, според резултатите, уште еднаш го потврдија општото мнение дека сезонава ќе биде и сериозно квалитетна, но и максимално израмнета. Викенд од кој Вардар излезе како победник, по многу основи.
Да почнеме од натпреварот во саботата во „Борис Трајковски“. Поради зафатеност на неговиот дом во Аеродром, двократниот го играше првото дерби сезонава, условно кажано, на терен во сала што не е „негова“ (иако и „Јане Сандански“ не е сала под контрола на Вардар) и тоа се почувствува на самиот натпревар. Потпросечна посетеност и атмосфера што не му дава предност на скопскиот тим во однос на конкурентите. Прашањето е дали Вардар полека губи идентитет или Охрид, уште, не е предизвик за поддржувачите на Вардар?
Што се однесува до самиот натпревар, очекувано, видовме две класични зони 6-0, без изненадувања на двете страни во однос на формациите, но со одредени варијабли во однос на играчите што (требаше) да го понесат товарот на натпреварот на двете страни. Вардар од неодамна е со проширен список на повредени играчи, во кои влегува и левото крило Кеита, како прва опција во нападот, но и позицијата пет во зоната на тимот. Сериозен проблем, имајќи ја предвид (не)довербата на „шефот“ во резервата на таа позиција во името на Марио Стојановски. Како што се шпекулира, на пат за Скопје (иако е веќе тука) е нова аквизиција од Франција, играч што треба убаво да си помине во Скопје следните неколку месеци, до крајот на сезоната.

Од она што можеме да го издвоиме е дека Вардар, со супер висока зона 6-0, каде што ротираат Хорига, Јанковски, Талески и Митровиќ, има голем потенцијал и ќе биде предизвик за секој противник. Во моментов, на голманската позиција имаат проблем со повредени играчи, односно двајцата странци не се во строј, ситуација, која за мое лично задоволство, одлично ја искористи „нашиот“ Гогов, кој како и лани и годинава покажува стабилност и предиспозиции за високи дострели. Знам, не е уште калибар на кој Вардар може и треба да се потпре, но па и да му се донесат двајца странци, не е реална ситуација. Вардар покажа напредок, пред сѐ со аклиматизацијата на Малус, кој ќе биде лидер на овој тим во нападот, но и со враќањето на Борозан, кој иако релативно неподготвен, сепак, физички доминира и знае парцијално да биде корисен за тимот. Чупко, очигледно доста посмирен на клупата, свесен е дека ќе треба време оваа екипа да се дотера, во што и не се сомневаме. Времето е нивен соперник, имајќи предвид дека секој изгубен бод, тешко ќе се дополнува до јуни. Вардар има потенцијал на бековските позиции, има голем број средни бекови што играат за екипа, но имајќи предвид (пре)многу нови играчи, не е доволно уигран. Со враќањето на Еспиња, и особено на Лазаревски, во два правца, двократниот ќе има што да каже при поделба на трофеите.
Од друга страна, Охрид забревтан по одличната најава на сезоната, и особено по бодот во Автокоманда, со голема самодоверба влезе во натпреварот. За изненадување, Ројевиќ, од старт не го користеше Иванковиќ во два правца, а Стрмљан воопшто и не влезе во игра. Можеби и разбирливо до некаде за овој вториот ако се има предвид дека Јотиќ игра најдобар ракомет откако е дојден во Охрид, одигрувајќи за себе и за екипата на високо ниво. Изненадувачки за мене, Охрид игра многу добро во напад, имајќи го предвид стилот на игра на Ројевиќ, чиј фокус е на одбраната. Особено, во саботата, одличен во два правца беше Веин, кој иако изгледа бавно и неуверливо, покажа дека има кликер, одлична техника, но и огромно искуство. Охрид нема за што да жали по натпреварот, во ситуација кога имаше егал натпревар, имајќи предвид дека за бодови против Вардар ќе мора да има поголема поддршка од голманите. Тоа е општо позната теорема во ракометот.
Она што може да му го забележиме на Ројевиќ е недовербата што ја има кон дел од играчите, во ситуација кога работите не се движат во посакувана насока, гестикулирајќи на начин што внесува несигурност на тимот и прави играчите да не веруваат во себе. Исто така, на душа на шефот на стручниот штаб оди начинот на кој Охрид ги заврши последните три напади од натпреварот, без да одигра ништо конкретно, оставајќи ги Јотиќ и Иванковиќ да шутираат од неизградени позиции.
Доколку не се работи за поситна повреда, неучеството на Стрмљан, но и на Савревски, е, исто така, ситуација што останува нејасна. Можеби ќе звучи како „генерал по војна“, но Охрид, на овој Вардар, кој има многу потентни бекови, кои самостојно тешко создаваат ситуација за гол, требаше да подготви зона што ќе го ограничи Малус и ќе оневозможи добра топка и залет на бековите. Барем парцијално, на одреден период, како фактор на изненадување, ситуација од која тимот ќе можеше да ефектуира уште три-четири лесни погодоци. Доволно за комплетен успех.
Вака Вардар освои важни бодови и е единствен од четирите екипи без загубен бод.
На второто дерби во Автокоманда, домаќинот, без право на грешка (иако е многу рано), го дочека шампионот Пелистер, кој само пред неполни 70 часа, во името на македонскиот ракомет биеше битка во центарот на Европа, кај супербогатиот ПСЖ.
Ситуација што заедно со онаа што следува (натпреварот од големо значење за битолчани, против дански ГОГ) налагаше максимално штедење на ресурсите и игра што не му одговара на тимот на Лазаров. Пелистер уште еднаш покажа сериозна хомогеност, уиграност и квалитет на одредени позиции, иако бројот на играчите што можат да го следат системот на Гарабаја, во моментов не е доволен за настап на два фронта. Кажавме и пред сезоната, Пелистер веќе има база и „банда“ од седум-осум играчи, кои се дополнети со убави засилувања на голман, пивот и на десно крило. Пелистер го има играчот број еден во лигата, кој прави разлика во секоја смисла. Пелистер го има Манасков, оној Манасков што го знаеме, со фокус и амбиција да покаже кој е кој во моментов на таа позиција во македонскиот ракомет. Но Пелистер го има и Тајник, кој технички и моторички може да ги исползува квалитетите на Пешевски и особено Кузмановски. Ваков Пелистер, воден од суперприбраниот Гарабаја од клупата, тешко може да изгуби глава и да влезе во лош филм.
На другата страна, и дефинитивно, Алкалоид, без разлика на желбата, која беше неспорна, изгледа многу несамоуверено, во отсуство на Брус Ли, без лидер на тимот, на самиот терен, без играч што може да удри на маса и да смени терк на натпревар. Системот постои и носи резултат, во одредена мера, но очигледно, недовербата на „шефот“ кон некои веќе профилирани македонски репрезентативци влијае негативно на истите тие, во моменти кога треба да се скрши противникот. Хановер и сезоната без Европа, барем засега остава траги на играта, веројатно поради нервозата во тимот, која доаѓа од луѓето што го водат спортскиот дел, непомирени со фактот дека, по првиот трофеј минатата година, Алкалоид нема да игра во Европа. За подвлекување се солидната партија на Мартин Иваноски, кој беше заборавен во вториот дел, и напредокот на Даме Митев, кој покрај седмерците, каде што беше непогрешлив, имајќи ги предвид возраста и искуството, одигра солидно. Факт е дека, познавајќи ја играта на Лазаров и ростерот со кој располага, противниците не дозволуваат натпреварот да оди во насока на брканица по теренот и игра на гол повеќе. Особено тоа беше очигледно на натпреварот со Пелистер, каде што мирниот и сталожен гостински тренер, поттикнат од фактот дека со Фитиљ, Тајник и Пеше има добитна комбинација на поставен напад, постави игра без наттрчување со противникот.
Во таква ситуација, повторно, домашниот тренер, требаше да најде начин да го принуди противникот да игра побрзо, особено кога истиот тој е во напад, а не да остави Фитиљ, Тајник, Пеше, па и Хосни, на искуство да се влечат и да доаѓаат до посакувана позиција за погодок. Со агресивна зона, за која можеби нема доволно играчи со добра спецификација, но има многу широк ростер, да наметне висок ритам. На тој начин, и „големите“ Галец и Кизиќ ќе имаа повеќе работа од позиции што ним им лежат. Вака, Гарабаја го одмори Фитиљ, а со тоа и Деки (како зависен од играта на овој првиот на позиција пет), во поголем дел од вториот дел, оставајќи ги колку што е можно поодморени за она што следува денес во Битола, кога доаѓа данскиот гигант, најдобрата фабрика за играчи во светот на ракометот, ГОГ Гудме.
Пелистер е пред уште еден натпревар на кој може да се надева на бодови, кои уште повеќе ќе го доближат до долгопосакуваното осминафинале во ЛШ. Натпревар, кој, според мене, ќе го одлучи нападот (не одбраната!) на битолчани. Доколку биде успешен нападот, Данците нема да можат да постигнат доволен број погодоци од транзиција, и уште ако голманите имаат двоцифрен број одбрани, Пелистер ќе игра егал натпревар, во кој сѐ може да се случи.
Гарабаја го има рецептот, играчите, пред преполн „Боро Чурлевски“, ќе имаат мотивација. Топката под дрес и со Господ напред.
Среќно ракометна Битола!!!
Се гледаме во сала!
Авторот е поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот „Ракомет за секое дете“