И двете репрезентации ќе настапат на Европското првенство годинава, Македонија е во групата А со Шведска, Турција и со Унгарија, а Австријките се во групата Е, во која се и Норвешка, Словенија и Словачка. Првиот меч е закажан за денеска (од 17 часот), а вториот за утре (14.45 ч.)
По неколкудневните подготовки во спортската сала „Автокоманда“ во Скопје, во рамките на неделата на Европската ракометна федерација (ЕХФ), женската репрезентација на Македонија, предводена од селекторот Кристијан Грчевски, денеска и утре во австрискиот град Брегенц ќе одигра две контролни средби со соодветната селекција на Австрија, учесничка на осум европски првенства, последен пат во 2008 година, на шампионатот што се играше во Македонија.
Првиот меч е закажан за денеска (од 17 часот), а вториот за утре (14.45 ч.). На подготовките Грчевски повика 21 ракометарка, од кои 15 се интернационалки (најмногу од Романија, шест) и шест од три домашни клуба, Ѓорче Петров, Металург Автокоманда и Чаир. Натпреварите ќе бидат добра можност да се провери моментната форма на ракометарките и она што е сработено на овие мини-подготовки, како и индивидуалните задачи што треба да се исполнат.
И двете репрезентации ќе настапат на Европското првенство (ЕП) што годинава треба се одржи во Австрија, Унгарија и во Швајцарија, со учество на рекордни 24 репрезентации. Македонија, која досега настапила на шест ЕП (пред две години беше 16-та), е во групата А, првиот натпревар ќе го игра со Шведска, на 28 ноември (20.30 часот), потоа со Турција, на 30 ноември (20.30 ч.), а третиот дуел е со Унгарија, на 2 декември (18 часот), сите во градот Дебрецин.
Австријките (најдобри пласмани трето и четврто место на европските првенства во 1996-та, односно во 1998 година) се во групата Е, заедно со Норвешка, Словенија и со Словачка, а дуелите ќе ги играат во австрискиот град Инсбрук. Првите две репрезентации од секоја од шесте групи ќе се пласираат во втората групна фаза.
Во сегашниот состав на Австрија, 13 се интернационалки што играат во шест држави, и тоа во Германија (пет), Унгарија (три), Хрватска (две), Словенија, Полска и во Швајцарија (по еден), но најмногу, седум, доаѓаат од австрискиот клуб Хипо. Г.И.