Атомскиот ракомет почна кога се воведоа брз центар и најважниот сегмент, а тоа е брзата транзиција од одбрана во напад. Не е запоставена одбраната, туку е усовршена транзицијата, односно колективната полуконтра. Кога ќе се додаде шутерската реализација, тогаш доаѓаме до атомски ракомет, кој веќе е присутен на секој врвен натпревар, вели македонскиот ракометен стручњак Ристо Магдинчев. По првите четири кола во ЛШ, дури 11 од 16-те екипи имаат просек од над 30 гола по натпревар

ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Атомскиот ракомет се врати со повеќе постигнати голови на натпреварите во Лигата на шампионите (ЛШ). Тоа го потврдуваат и неколкуте резултати во четвртото коло, во кое полски Киелце на свој терен во целосно исполнета сала го победи бундеслигашот Кил со 40-37, дански Алборг доминираше во Сегед, славејќи против истоимениот унгарски шампион со 41-29, што е четврти пораз на Сегед сезонава, актуелниот европски првак, шпанска Барселона го совлада норвешки Елверум со 46-30, а француски ПСЖ го победи хрватски Загреб со 40-31.
По 40 и повеќе гола во мрежата на една екипа беа видени и во првото коло, кога Киелце го совлада француски Нант со 40-33, но истото тоа го стори во третото коло и Нант во дуелот со норвешки Елверум, со 41-30. По четвртото коло во ЛШ, дури 11 од 16-те екипи имаат просек од над 30 гола по натпревар, најмногу голови во групата А постигна ПСЖ (140), а во групата Б, Барселона (151).
– Атомскиот ракомет почна кога се воведоа брз центар и најважниот сегмент, а тоа е брзата транзиција од одбрана во напад. По неколку сезони тоа се надгради и сега имаме неверојатно брз ракомет. Не е запоставена одбраната, туку е усовршена транзицијата, односно колективната полуконтра. Кога ќе се додаде шутерската реализација, тогаш доаѓаме до атомски ракомет, кој веќе е присутен на секој врвен натпревар – вели македонскиот ракометен стручњак Ристо Магдинчев.
По екипи гледано, од групата А, ПСЖ има просек од 35 постигнати гола по натпревар, а потоа на таа листа со ефикасност се Веспрем (33,75), Динамо Букурешт (32), ГОГ (31,5) и Магдебург (30). Во групата Б, пак, најубедлива е Барселона со 37,75 гола по средба, следуваат Нант (36), Кил (35,75), Алборг и Киелце (по 34,5) и Целје (31).
Магдинчев смета дека уште има компоненти на кои треба да се работи ако се сака гол повеќе во нападот.
– Кога ќе дојде до ограничувањето на времето во нападот, а сигурно ќе дојде, како во кошарката, и без центар по примен гол, ќе бидеме блиску до кошарката, ама со постигнат гол, а не кош. Ова е време на атомски ракомет. Секако, има уште компоненти, како што се усовршување на индивидуалната тактика на играчот, шутерската, реализацијата во транзиција, оти минимум околу 30 отсто се голови од транзиција итн. – појаснува Магдинчев. Г.И.


ПРОСЕК НА ГОЛОВИ ПО МЕЧ ПО ЧЕТИРИ КОЛА

Барселона 37,75
Нант 36
Кил 35,75
ПСЖ 35
Киелце 34,5
Алборг 34,5
Веспрем 33,75
Динамо Б. 32
ГОГ 31,5
Целје 31
Магдебург 30

НЕКОИ ЕФИКАСНИ НАТПРЕВАРИ СЕЗОНАВА

Киелце – Нант 40-33 1. коло
Веспрем – ПСЖ 36-34 1. коло
Целје – Кил 38-36 2. коло
ПСЖ – Висла 37-33 2. коло
ГОГ – Динамо 38-38 2. коло
Нант – Елверум 41-30 3. коло
Барселона – Целје 38-30 3. коло
Киелце – Кил 40-37 4. коло
Сегед – Алборг 29-41 4. коло
Елверум – Барселона 30-46 4. коло
ПСЖ – Загреб 40-31 4. коло