Фото: РК Алкалоид

Македонскиот суперлигаш оствари шест победи од исто толку натпревари сезонава во Европскиот куп, што е значаен успех на македонскиот клупски ракомет. Утре ќе се влече ждрепката, а можни противници се Рунар Сандерфјорд, Партизан, АЕК, Извиѓач, Хаукар, Баја Маре, како и победникот од мечот вчера Олимпијакос – Драмен

РАКОМЕТ – ЕВРОПСКИ КУП

Македонскиот суперлигаш Алкалоид обезбеди место меѓу осумте најдобри клуба во Европскиот куп на Европската ракометна федерација (ЕХФ), откако вторпат, односно и во реваншот одигран во Скопје, го совлада италијанскиот претставник Бриксен, сега со 38-31. Алкалоид славеше една недела претходно на гостински терен, со 44-32.
Избраниците на тренерот Кирил Лазаров на тој начин се пласираа во четврт-финалето во Европскиот куп, мошне убедливо остварувајќи шест победи од исто толку натпревари, што претставува значаен успех на македонскиот клупски ракомет.
Во првото коло на Европскиот куп сезонава Алкалоид го победи Драгунас Клаипеда од Литванија со вкупен резултат 79–62, во второто славеше на дуелот со Хандбал Вествин од Австрија вкупно со 70–56 и во осминафиналето го совлада италијанскиот Бриксен со 82-63 (во просек 38,5 постигнати гола по натпревар).
Прв стрелец кај Алкалоид на реванш-натпреварот од осминафиналето во саботата беше Александар Петковски со осум гола, Марко Митев реализира седум, а кај гостите Де Оливеира Кандидо постигна најмногу, вкупно 12 погодока.
Сезоната, вкупно 28. по ред и петта откако натпреварувањето се преименува во Европски куп, ја почнаа 74 клуба. Алкалоид сега е во исчекување на ждрепката за четврт-финалето во ова трето по квалитет ракометно клупско натпреварување на Европската ракометна федерација, закажано за утре. Првите натпревари треба да се играат на 22 и на 23 март, а реваншите се седум дена подоцна.
– Во следната фаза има три квалитетни противници кои би било добро да ги избегнеме. Влеговме меѓу најдобрите осум и ќе има борба за пласман во полуфиналето. Ќе се играат натпревари во еден период во кој ќе има многу како клупски така и репрезентативни и јасно е дека ќе мора да одиграме на едно повисоко ниво во четврт-финалето ако сакаме да продолжиме понатаму во Европа – рече Лазаров.
Европскиот куп е годишно клупско натпреварување, актуелен победник е Валур од Исланд, кој сезонава игра во Лига Европа, а најтрофеен е Решица (Романија) со три титули, пред Нетелстед (Германија), Скјерн (Данска) и Спортинг (Португалија) со по два триумфа…
Според резултатите што се постигнати во осминафиналето до саботата, можни противници на Алкалоид во четврт-финалето се Рунар Сандерфјорд (Норвешка), Партизан (Србија), АЕК (Грција), Извиѓач (БиХ), Хаукар (Исланд), Баја Маре (Романија), како и победникот од натпреварот помеѓу Олимпијакос (Грција) и Драмен (Норвешка), кој се играше вчера, а предност од еден гол имаа Грците Г.И.