Фото: РК Алкалоид

Баја Маре е трикратен шампион на Романија, во домашниот куп триумфирал шест пати… За пласман во четврт-финалето, Алкалоид на шесте натпревари забележа исто толку победи

РАКОМЕТ – ЕВРОПСКИ КУП

Македонскиот ракометен клуб Алкалоид ќе настапи ослабен во претстојниот четвртфинален дуел во Европскиот куп со романскиот претставник Баја Маре, откако тренерот Кирил Лазаров не ќе може да смета на средниот бек Марко Митев, поради повреда на лигаментите на коленото на дуелот со Словенија на гости, во квалификациите за Европското првенство (ЕП) в година. Митев не ќе може да настапи ниту за репрезентацијата на Македонија на два завршни квалификациски натпревари за ЕП 2026, со Естонија и со Литванија.
Алкалоид го игра првиот натпревар со Баја Маре в недела на гости (од 17 часот), а реваншот е седум дена подоцна во салата „Автокоманда“ во Скопје. Европската ракометна федерација им го додели делењето на судиската правда на првиот дуел на Украинецот Анатолиј Новков и Литванецот Миндаугас Гателис, а делегат е Кенан Гекмен од Турција.
Баја Маре е трикратен шампион на Романија (1998, 1999 и 2015 година), а девет пати бил втор. Во домашниот куп триумфирал шест пати, а двапати бил финалист (вториот пат во 2023 година). Во Купот на ЕХФ двапати го освоил победничкиот пехар, во 1985 и во 1988 година, а во 2022 бил втор. Во Купот на победниците на куповите трипати стигнал до полуфиналето (1979, 1981 и 1986 година).
За пласман во четврт-финалето, Алкалоид во ова европско натпреварување беше подобар на дуелите со Драгунас Клаипеда (Литванија), Вест Виена (Австрија) и со Бриксен (Италија), при што на шесте натпревари забележа исто толку победи. Победникот од двомечот Алкалоид – Баја Маре во полуфиналето ќе игра со подобриот од мечот помеѓу грчки Олимпијакос и норвешки Рунар Сандефјорд. Г.И.