Триумф на Алкалоид во дуелот со Вардар на стартот на ракометното првенство
Анализа на Горан Ѓоргоноски за „Нова Македонија“
Тука беше и главниот проблем на клупата на вардарци. Милан Лазаревски, играч кој е од фундаментално значење за тимот, во два правци, на неколку пати мораше да оди на „ладење“, имајќи предвид ненормалните услови за ракомет во салата, висока температура и огромна важност. Тука, почнаа првите проблеми за клупата на Вардар, која, според мене, требаше да се одлучи за „помало зло“ и во даден период Лазаревски да игра само одбрана, каде е најважен, на штета на нападот, каде Холанѓанецот е колку-толку добро поткован и може да даде придонес
Празничен викенд во Македонија, во Скопје, кое иако е и повеќе од полуиспразнето, подготвено е за првото локално дерби, во најпопуларниот спорт во државата. Летен септември и до вчера нетипично високи температури, кои дополнително се подигаа со гостување на „двократниот“ во Автокоманда, кај забревтаниот Алкалоид, тим кој по вторпат за неколку месеци, како на лента „ги помина“ вечните и најави кандидатура за сите титули во првенството.
Епилог после натпреварот, Алкалоид, после само четири дена од освојувањето на Суперкупот, со триумф над шампионот Пелистер Еурофарм, го совлада Вардар, најавувајќи подготвеност да биде тимот кој ќе биде „крунисан“ како нов, 6-ти по ред ракометен шампион со раритет во фактот дека Автокоманда и салата во истата населба вдоми(ла) две екипи што играле во иста сала и освоиле првенството на државно ниво, во еден спорт.
Како прерана констатација или сериозна најава за состојбата во мак-ракометот.
Во натпревар со 63 погодоци, од кои 35 во првиот дел, домашната екипа уште еднаш потврди дека е извонредно физички подготвена, надградена со (пре)многу вложен труд во делот на тактичка поставеност, сегмент кој ја „навали вагата“ накај Алкалоид, оставајќи впечаток дека во дуел на Лазаров и Недановски, првиот извојува триумф.
Без големи изненадувања, со типични, за двете екипи, 6-0 одбранбени формации го стартуваа натпреварот и двајцата тренери. Со новите аквизиции во имињата на Горига и Маргели на позиции 2 и 5 и веќе стандардните Лазаревски и Аларов, на централни позиции во зоната, Вардар има цврста зона, која треба(ше) да биде адут во поход кон титулите сезонава. Со една измена во новата аквизиција, која дојде од Битола, „двократниот“ беше подготвен да се спротивстави на брзата игра на Алкалоид и да се обиде на минимум да ги сведе „лесните“ погодоци на противникот.
На другата страна, Лазаров повторно му даде доверба на искусниот Маркоски, со Стојковиќ како партнер, во релативно плитката зона, со Велковски и Бинго на „халфови“. По одличната партија во Суперкупот на Кизиќ, изненадување на голот беше младиот Галевски. Зона која, делуваше и по малку потценувачки во однос на „тешката артилерија“ на Вардар, која во подготвителниот период покажа дека, ако и се остави простор може да биде опасна од 9-9,5 метри. Дополнително, таа иста зона дозволи Танкоски да комбинира, да има простор и без притисок од антиципација на бековите да го спроведе тоа што е договорено со „клупата“. Горига предничеше, со одлична реализација, подвижност, Маргели, на кој му се дозволи голем залет исто така „пукна“ неколку проектили кон голот на Галец. Вардар играше разновидно и ги реализираше своите напади, без многу употребливи топки за Мечка на линијата од 6 метри. Очекувано, го нема „самурајот“, Танкоски сеуште нема слобода и уиграност, а бековите повеќе гледаат гол, отколку да асистираат.
За разлика од Вардар, Алкалоид, предводен, во првиот дел од Митев, како лидер на тимот, многу тешко реализираше, неколку пати се носеше до пасивен, но одржуваше чекор со „црвено-црните“, благодарение пред се на погодоците од транзиција од (не)примен погодок. Воочливо беше дека тимот од Автокоманда многу потешко се справува со зоната на Вардар, во однос на онаа на битолчани пред неколку дена. И очекувано, кога Вардар е комплетен на средина, зоната многу тешко „пука“.
Но, тука беше и главниот проблем. Милан Лазаревски, играч кој е од фундаментално значење за тимот, во два правци, на неколку пати мораше да оди на „ладење“, имајќи ги предвид ненормалните услови за ракомет во салата, висока температура и огромна влажност. Тука почнаа првите проблеми за клупата на Вардар, која требаше, според мене да се одлучи за „помало зло“ и во даден период Лазаревски да игра само одбрана, каде е најважен, на штета на нападот, каде Холанѓанецот е колку-толку добро поткован и може да даде придонес. Наместо тоа, Мечка беше изваден од игра, и на одредено време екипата играше без негова помош. Неговата замена, Холанѓанецот Коиј, апсолутно неконкурентен на позиција три или четири во зоната на Вардар, беше главна „жртва“ на нападот на Лазаров, и на тој начин, покрај од транзиција, Алкалоид „крена уши“ и почна да постигнува погодоци и на поставен напад. Резултатот на полувремето го покажа тоа, Вардар прими (пре)многу погодоци (18, со букви: осумнаесет), кои доколку, се проектираат во вториот дел, можеше да се насети дека ќе остане со „празни раце“ уште на првото дерби годинава.
Мора да напоменеме дека Алкалоид играше многу трпеливо во напад, играше на краток залет и со многу обиди во еден напад да се направи „играч повеќе“ во дуел игра, таму каде што е најтенок Вардар, кај Холанѓанецот Коиј, и тоа делуваше иритирачки за противникот. За нотирање е и фактот дека, после подолг период, Митев во вториот дел од мечот не беше „главен“ во нападот на Алкалоид, макар привидно, иако за очекување е во иднина секој противник да го „дуплира“, и на име на вниманието кон „Брус Ли“ и на одличната физичка подготовка на тимот кој одржуваше висок ритам, се истакнаа Ѓоргиев и Серафимов, како и Симоноски на линијата од 6 метри. Алкалоид одигра солидна одбрана, која иако на почетокот беше малку плитка, подоцна, со поставување на Џонов малку повисоко кај Маргели и со самото тоа отежнувајќи убав проток на топка, а на крилјата на уморен и дехидриран противник успеа да создаде ситуација која ја посакува, и да реализира доста погодоци од транзиција.
Повлекуваме црта.
Во натпревар каде голманите беа во втор план и не дадоа посакуван придонес, сепак за нијанса Галевски и Кизиќ беа подобри од своите колеги на спротивната страна, факт кој не го одлучи натпреварот. Менаџирањето со ресурсите на „двократниот“ од страна на клупата, доцнење во „спојување“ на Аларов и Лазаревски во вториот дел, делот со Мечка кој (пре)долго беше комплетно надвор од терен, „отапена игла“ на среден бек каде Крсманчиќ и Танкоски не дадоа тон на играта кога беше најважно и физички „ненормално“ подготвениот домаќин, кој трпеливо чекаше противникот да „рикне“ за да го зададе последниот удар, беа сегментите кои ја направија разликата и го одлучија победникот.
Алкалоид очигледно многу време и ресурси троши на тренинг, создавање услови, логистика, ползувајќи ги благодатите на сопствена сала и уживајќи, сеуште, во позиција на релативен аутсајдер, со ростер составен од „млади македонски играчи“, што му дава на тимот психолошка предност во однос на ривалите кои се големи македонски спортски брендови, имаат „скапи“ екипи, составени од странци… Во таква ситуација тимот од Автокоманда расте, и секако дека во иднина ќе дојде до една точка каде веќе нема да може да се „жонглира“ со флоскули од типот: ние сме млади, од работничка населба, тимот е составен од играчи од Македонија, не „трчаме“ по титули и слично.
За Вардар битката е загубена, но војната штотуку стартуваше и има уште многу до април/мај, период кога се делат трофеите. Дотогаш ако остане стабилен во сегмент каде противниците се максимално педантни, повторно ќе биде, според мене, сериозен кандидат во распределба на одличјата.
Стартува Лигата на шампионите во ракомет. Шампионот на Македонија гостува во Градот на светлината, кај тимот на Раул Гонзалез.
Уживајте во најубавиот спорт!
Авторот е поранешен македонски репрезентативец и основач на проектот Ракомет за секео дете